- Барателите на веронаука велат дека таа промовира плурализам, толеранција и разбирање на културата и традицијата, а противниците дека поттикнува верски фанатизам. Јас сметам дека верскиот фанатизам во поголема мера може да се генерира надвор од училиштата и верувам дека таму каде што се објаснуваат некои теми и приказни доаѓа до детабуизација и до релаксираност на односите
Прашањето за воведување веронаука во училиштата и прашината што се крева околу него одамна ме интригираат иако, за волја на вистината, освен љубопитноста, сѐ уште го брусам ставот околу оваа тема. Морам да бидам искрен: како обичен човек што се обидува да дојде до објективен став, ниту целосно ги разбирам оние во полза на идејата, како ниту противниците, освен дека станува збор за атеисти или активисти на организации што во религијата (т.е. во одредена вера) гледаат некаков противник. Најчесто аргументите што допираа до мене во тој контекст беа укажувања, забелешки против верата, а помалку аргументи против веронауката како предмет, што секако не го сметам за неважно, напротив.
Ама кога јас би се прашувал, повеќе внимание би обрнал на влијанието или ефектите што веронауката би ги имала врз децата и дали таквото учење не би било тешко за учениците и покрај тоа што знам дека би било приспособено на возраста. Секако дека не би се нафрлиле тешки метафизички теми врз кревките плеќи на едно дете, понекогаш тешко разбирливи и за возрасни. Поентата на учењето е да разјаснува, да разбиструва, а не да создава облаци или замаглувања, иако од таквите ефекти не се лишени ниту другите учења, па во животот на човекот му преостанува да го деконструира не само она што врз него се напластувало од средината – обичаите и предрасудите – туку и од сето она што низ училиштата се учи, поради неможноста понекогаш да се разбере.
Се сеќавам кога за првпат го читав „Процес“ на Кафка, ја сфаќав само баналната приказна, рутинската, како главниот лик оди од канцеларии во канцеларии и што прави, за да го сфатам целосно, јас немав такви животни искуства, не ги познавав соматските искуства на човекот, а ниту „зафркнатоста“ на системот и на индивидуата во него. Или она што го викаат апстрактно сликарство, кое е нејасна збрка, често соматска неартикулирана и неосмислена креација, која се појавува од несвесното и од длабочините, како од некоја мака и излегува исто како што Господ ја создаде Ева од реброто на Адам, или како слика што произлегува од хаосот (во главата), што често во јавноста и медиумите, за жал, се прикажува како нејасен израз на гениј, иако умот тука најмалку учествува. Тука не е проблемот во сликите, туку во тоа што се слават како нешто повеќе од тоа што навистина сѐ.
Ова е само илустрација за тоа колку има учења и нешта што не разјаснуваат или не разбиструваат, и тоа во сите сфери, насекаде. И секако дека сфаќам дека веронауката би била приспособена за децата во форми на приказни во согласност со нивната возраст, иако тука во заднината се крие сета метафизика, демнат сите духови што треба да се откријат, ама тоа е животот, сето тоа и така го има во реалноста и без веронаука. Човекот не го проживува овој живот без некогаш да размисли на овие теми, дури и кога не е верник, напротив, мислам дека атеистите најмногу се занимаваат со тематиката за да ги оправдаат своите позиции и за да укажат на недоследности кај верата.
Значи дека главната грижа треба да бидат учениците, а прашањето што тука се отвора е дали веронауката може да поттикне верски фанатизам или само едуцира за верата, односно за сите вери, во зависност од моделот на предметот, и најбитно, наспроти тоа, дали воспитува врз традиционални етички норми инкорпорирани во верата.
Барателите на веронаука велат дека таа промовира плурализам, толеранција и разбирање на културата и традицијата, а противниците дека поттикнува верски фанатизам. Јас сметам дека верскиот фанатизам во поголема мера може да се генерира надвор од училиштата и верувам дека таму каде што се објаснуваат некои теми и приказни доаѓа до детабуизација и до релаксираност на односите. Иако сегрегацијата, која и така е присутна, можеби ќе продолжи да опстојува.
- Државата не фаворизира ниту една религија, туку создава услови за остварување на правата на сите верници. Во некои држави има и таканаречен секуларен модел на веронаука, кој се фокусира на главните светски религии и секуларни светогледи, воспитување, морал, етика…
Потребно е да се види какви ефекти и последици има предметот во другите држави каде што се применува. А секако дека во врска со ова има поупатени експерти од сферата на педагогијата, психологијата итн., кои ќе треба да се изјаснат кога ќе се одлучува.
Главната загриженост на противниците е во врска со секуларизмот на државата, дека наводно со воведувањето на веронауката се загрозува секуларниот карактер на државата, што мислам дека не држи, а на тоа одговор даваат претставници на верските заедници. Ова прашање е елаборирано во колумна на монахињата Ефимија каде што се вели дека се почитува принципот на секуларност, бидејќи државата не фаворизира ниту една религија, туку создава услови за остварување на правата на сите верници, а во некои држави има и секуларен модел на веронаука што се фокусира на главните светски религии и секуларни светогледи.
И за крај, ќе се осврнам на колумната од монахињата Ефимија, која ми беше повод за да го напишам овој текст. Во колумната се кажува дека европските и соседски држави имаат воведено веронаука во училиштата, што за мене е важно, иако не е суштинско прашање. Не дека ја идеализирам Европа, ама сепак сметам дека треба да се земе предвид ако држави со долга традиција и познати светски култури воведуваат веронаука и не го сметаат тоа за проблем. Сепак, тие со оглед и на нивната големина имаат и повеќе експерти и поголема критична маса, која би се побунила против веронауката ако нешто не чини и не е во ред. Јас сепак сум лаик во однос на прашањето, иако верувам во придобивките од секое учење чија цел е од децата да направи подобри луѓе.
Сотир Ристо




































