Преспанско без граници

Заедничките иницијативи се единствениот начин проблемите полесно да се решаваат, да се наоѓаат решенија, да се мобилизираат повеќе фактори и така резултатите да бидат опипливи и видливи.
Имено, една ваква заедничка иницијатива неодамна презедоа Македонија, Албанија и Грција, потпишувајќи меморандум за соработка за Преспанскиот басен, што наедно е и првиот чекор кон создавање на европската група за територијална соработка.
Ваквиот чекор е секако за поздравување, но истовремено е и добар пример за тоа како да се најде одржливо решение за спас на Преспанско Езеро, едно од најстарите природни езера во Европа, чија агонија трае со децении.
Преспанско Езеро во последните неколку децении рапидно се намалува, а досега има изгубено речиси 10 отсто од површината, што одговара на губење на застрашувачки 50 отсто од волуменот, односно пластично опишано, од него истекле цели две Дојрански Езера. На некои места тоа значи повлекување на линијата на брегот дури за еден километар. Оние што ги паметат најдобрите хидролошки денови на Преспанско Езеро, меѓу кои би се вброил и јас лично, се сеќаваат дека кога шетале по патот под детското одморалиште „Мите Богоевски“ во Претор, во ветровити денови брановите ги заплискуваа луѓето што шетаа по должината на патот. Имаше дрвена платформа до која беше закотвен туристички панорамски брод, со кој децата што беа на настава во природа пловеа до островот Голем Град, попознат како Змискиот Остров. Е дотаму го паметам јас нивото на Преспанско Езеро. Денес состојбата е поинаква, водата е многу далеку од патот, на некои места и цел километар. Уште во тоа време месното население кажуваше дека езерото циклично се повлекувало, па дури и имаше такви приказни дека некогаш жените што переле од македонска страна се довикувале со жените од Нивици, односно езерото било како една голема река. Дури и остатоците од стар римски пат најдени под селото Наколец говорат дека некогаш езерото било повлечено. Но нејсе, тоа е само пустата надеж дека ова е циклична појава и дека по некое време езерото ќе започне со обратен циклус, на враќање на водата.

Но дотогаш она што треба да се направи е да се ангажира човечкиот фактор за да ги превенира сегашните состојби. Имено, потпишувањето на трипартитниот меморандум за соработка е добар прв чекор, но тоа е само на локално ниво, на ниво на македонски, грчки и албански општини околу езерото. Сепак, не треба да се заборави дека Преспанско Езеро е едно од најстарите европски природни езера и дека неговата заштита излегува многу повеќе од некакви локални рамки и граници и дека е потребна сеопфатна широка спасувачка акција. Тоа значи дека слични меморандуми треба да потпишат и македонската, албанската и грчката влада, како и Европската комисија, за да може да се почне да се дејствува веднаш со сериозни човечки и финансиски капацитети.
Времето на студии, стратегии и планови измина одамна и повеќе не треба да се губат време и пари на нив, туку точно се знае што може да направи човекот за да ги ублажи последиците од оваа најголема еколошка катастрофа. Прво, Грција е членка на ЕУ, има пристап до сериозни европски фондови, така што со европска финансиска помош може да се најде решение за водоснабдување на грчките земјоделци ,кои сега масовно ги користат водите од Мало Преспанско Езеро за наводнување. А тоа го прават затоа што грчките власти направија вештачка брана меѓу двете езера и го запреа природниот дотек на вода од малото во големото езеро. На тој начин создадоа вештачка бариера, која во голем дел влијае врз хидролошката состојба на езерото. Свој дел од вината носат и албанските и македонските земјоделци, кои неконтролирано ги користат подземните води за наводнување на овоштарниците и земјоделските насади, што придонесе водата уште повеќе да ја снемува. Можеби тука свое влијание имаше и еден посилен земјотрес во Албанија пред нешто повеќе од 30 години, доколку предизвикал отворање нови пукнатини под Галичица и зголемување на истекот од Преспанско кон Охридско Езеро, за што има извесни тврдења.
Многупати е кажано дека човекот не може против природата и тоа е точно, но истовремено е точно дека човекот може да ги ублажи последиците со самото тоа што нема да прави дополнителна штета. Затоа, со еден поширок регионален и европски пристап, може за релативно краток рок од десетина години да се направат некакви чекори да се запре одливот на водите во толкава мера и да се остави доволен временски простор климата да почне да се враќа кон стариот познат режим, со многу снежни зими и врнежливи пролетни и есенски денови.

Што значи тоа во пракса? Тоа значи дека Грција треба да ја врати природната состојбата со Мало Преспанско Езеро од пред неколку децении, односно да ја отстрани вештачката брана и да овозможи полнење на езерото. Македонија веќе има искуство со спасот на Дојранско Езеро, така што сличен модел може да се употреби и тука. Имено, со изградба на една мини-акумулација во која би се зафатиле сите води од околните планини, би се гарантирал редовен дотек на води во Преспанско Езеро, наместо тие да се губат наоколу. Истото тоа може да го направи и Албанија користејќи го македонскиот модел. Кога ќе се навратат води од три страни кон езерото, тогаш хидролошката состојба може само да се подобрува. Треба да се смени и начинот на наводнување на земјоделските површини, така што ќе се инсталира системот „капка по капка“, за да може потрошувачката на вода да биде сведена на најрационалното можно ниво. Тоа подразбира и да се исфрлат сите пестициди и ѓубрива што немаат еколошки сертификат, за да се спречи уништување на езерскиот биодиверзитет.
Секако, потпишувањето на меморандумот за соработка е одлична вест, но тоа треба да биде само појдовна точка за тоа како заеднички да се решаваат проблемите. Сите тежнееме за Европа без граници, а кога станува збор за спасот на Преспанско Езеро, границите веќе не треба да постојат бидејќи последиците од неговото исчезнување ќе ги почувствуваат сите.