Преспански мисионер за македонската кауза

Се сеќавате ли на човекот што со својот потпис на договорот од Нивици ги турна својата земја Македонија и својот македонски народ во „северната бездна“? Истиот тој, во повеќе од очигледен обид за именско и идентитетско обезличување, сега зборува за својата „животна мисија за татковината Македонија“ и за својот „експертски ангажман“ за „нашата кауза“ низ Европа, за „македонска кауза“ и „Преспански договор“?! Дали можеби нему му се случи краток спој во невронските синапси?!

Свето Тоевски

„Мојата животна мисија се европските и евроатлантските интеграции на мојата татковина, на нашата Македонија, јас сум експерт ангажиран за да излезе нашата кауза“, кажа Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи и потписник на геноцидниот Преспански договор, во информативниот блок „Тема на денот“ на телевизија „Сител“ во неделата. Човекот што со својот потпис на договорот од Нивици ги турна својата земја Македонија и својот македонски народ во „северната бездна“, во повеќе од очигледен обид за именско и идентитетско обезличување, сега зборува за својата „животна мисија за татковината Македонија“ и за неговиот „експертски ангажман“ за „нашата кауза“ низ Европа! „Македонска кауза“ и „Преспански договор“ – дали можеби му се случи краток спој во невронските синапси на Никола Димитров во умот кога го кажа ова?! Од која причина, којзнае можеби и калкулација, на нашиов „преспанец“ му присака душата да говори сега за „татковината Македонија“?

Kога го споменувам зборот „калкулација“ само кратко ќе потсетам на „политичката бомба“ што ја фрли во јавноста поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, на амбасадорската трибина насловена „Светот по Хенри Кисинџер – геополитички предизвици“, одржана на 12 декември 2023 година во Скопје, кога проговори за условите под кои било сменето нашето милениумско и уставно име Република Македонија.

– За промената на името Македонија беа платени 150 милиони евра – посочи тогаш Иванов.
Дали би можел „преспанскиот мисионер за македонската кауза“ Никола Димитров да појасни кому и колку му биле платени дури 150 милиони евра, секако, ако нешто знае? Или само онака, „на ќоро“ потпишувал договор, немајќи поим дали и колку некој ќе се „омрси“ од продавањето на името на македонската држава и на идентитетот на сиот македонски народ на „ангро“ на Грците?

Сепак, сѐ додека не покаже истрагата кој и кому му платил 150 милиони евра за „преспанскиот инженеринг“ врз македонското име и македонскиот народ, нема да биде можно кон никого да се впери со прстот. А тука е посебно прашање зошто Јавното обвинителство или, уште подиректно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не презедоа ништо, еве цели две години, по таа сензационална изјава на Ѓорге Иванов. Во меѓувреме „терористите“ за 27 април 2017 година и „уривачи на уставниот поредок“ чекаат трпеливо да ги заменат своите места зад решетките со некои „позаслужни“ да се најдат таму…

Имам и една дилема: дали би било арно да му се даде „Орден за заслуги за народот“ на Никола Димитров, неуморниот „преспански мисионер за неговата татковина Северна Македонија“? Не треба да имаме сомнеж дека, потпишувајќи го Преспанскиот договор, човекот се отепал од ангажирање како тогашен министер за надворешни работи, како што вели, „да излезе нашата кауза“, а како „излегла“ и накај „излегла“, тоа ние Македонците го знаеме многу добро… Грците – сегашни „стопанственици“ и „стопани“ на името Македонија, уште подобро од нас…

Но Никола Димитров е само еден од суријата заслужни „преспански мисионери за македонската кауза“ што треба да „добијат“ „Орден за заслуги за народ“ за „нивната татковина северна Македонија“. Или и со уште нешто да им се плати, или да им се наплати во името и за името на македонскиот народ. За сите идентитетски трауми досегашни и сегашни, за сите грчки изживувања врз нас Македонците, за урнисаното македонско државно и наше колективно човечко достоинство да им се наплати… Или некои веќе самите однапред си наплатиле од оние 150 милиончиња?

А за разлика на она што го кажа ексминистерот за надворешни работи Димитров за „европските интеграции на мојата татковина, на нашата Македонија“, јас ќе кажам нешто многу поинаку, верувам и како мнозина други вистински, а не „декларативни“ Македонци: нашата стремеж се европските интеграции на нашата татковина Македонија, не во постојнава ЕУ, која нѐ „потклоцнува“ 20 години и без интерес за нас нѐ истава настрана како „балкански сирачиња“, туку во новата реформирана Европска Унија на суверени нации. Во таа нова Европска Унија, во која имаме сериозни можности да се избориме да нѐ почитуваат како Македонци, а не како „северномакедонци“, ќе настојуваме да влеземе со скршени „преспански пранги“, кои ни беа ставени по заслуга и на Никола Димитров и на неговиот партиски шеф Зоран Заев врз нашиот македонски национален идентитет.