- Живееме во општество што во самата своја структура и во сите свои сегменти не го препознава значењето, а со тоа не ги познава ни основните цивилизациски вредности што ги носат културата и уметноста. Поради тоа главно сме затворени во својата локалност, не успеваме да ги преминеме географските граници, а комуникацијата се развива стихијно, зависно од интересот на поединецот да го лоцира својот свет… Затоа треба да учиме и да бидеме инспирирани од кинескиот ентузијазам (оние што беа присутни на гала-вечерта „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“ можеа и директно да го почувствуваат), кој е изграден благодарение токму на културата и традицијата, кои одиграле можеби најголема улога во столетната трансформација на оваа земја
Кинеската лунарна нова година, која започнува наредната недела, на 17 февруари, го означува почетокот на годината на огнениот коњ – период опишан во астрологијата како динамичен и страстен. За многумина, Нова година е можност за нов почеток и поттик за амбиција, енергијата на коњот е динамична, тоа е енергија што не сака да стои во место, постојано се залага за движење, вистина и автентичност… По тој повод, амбасадорката на НР Кина, Џијанг Сјаојан, за време на турнејата низ Македонија на Сичуанската оперска трупа, Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“ и театарското друштво „Џингџу“ од Пекинг, насловена „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“, потенцираше: „Во обете култури, коњот симболизира брзина, сила и храброст. Нека инспирира да продолжиме напред со енергија, единство и решителност градејќи посветла иднина за нашите земји и народи“.
Токму таква, енергична, храбра и инспиративна, беше и претставата на кинеските уметници што неодамна имаше можност да ја види публиката во Скопје, Битола и во Охрид. Овој настан, како што во повеќе наврати беше посочено, имаше цел да го продлабочи пријателството меѓу Кина и Македонија, кое датира од далечното минато. Токму културата и уметноста отсекогаш биле најдобриот начин да се надминат бариерите, национални, јазични, религиозни, етнички…, и да придонесат за заемно разбирање меѓу цивилизациите и создавање посветла иднина за нациите и цивилизациите на оваа планета.
Македонската публика уживаше во перформансите (вкупно 12 сценски дела) на кинеските уметници, а особено беше трогната од инструменталната изведба со кинески традиционални инструменти на македонската народна песна „Ој девојче, девојче“… Тоа беше можеби еден од најевидентните показатели дека заемната културна соработка може да придонесе за подобро разбирање.
За време на мојот четиримесечен престој во Кина имав можност да проследам голем број културни настани и она што ми остави траен впечаток е дека оваа земја знае како да ги негува својата традиција, култура и уметност, да се грижи за своето културно наследство, но и да го споделува со странските посетители како еден од начините да гради мирољубива политика со другиот дел од светот. Кинеската култура раскажува херојски приказни, со што им оддава почит на обичните луѓе, и често зборува за победата на доброто над злото, претставувајќи ги на тој начин својата богата традиција и наследство преку уникатен спој на древните вештини, танц, опера, музика… Ваквите фантастични уметнички спектакли носат силна енергија што им се пренесува и на гледачите.
Македонската култура треба да учи од ваквите примери, да вложува во уметноста и културата затоа што тие се нашите најголеми амбасадори. Кина можеби е еден од подобрите примери на земји за кои не е само фраза дека уметноста може да направи и направила многу повеќе за државата од севкупната внатрешна и надворешна политика, дека таа е најсилниот адут и дека онаму каде што политиката ги затвора вратите, културата ги отвора.
Факт е дека живееме во општество што во самата своја структура и во сите свои сегменти не го препознава значењето, а со тоа не ги познава ни основните цивилизациски вредности што ги носат културата и уметноста. Поради тоа главно сме затворени во својата локалност, не успеваме да ги преминеме географските граници, а комуникацијата се развива стихијно, зависно од интересот на поединецот да го лоцира својот свет. Но само ако се запрашаме, што е првото што го правите кога сте во туристичка посета на некоја земја, одговорот е јасен – веројатно барате мапа со културните знаменитости и музеи или гуглате на „Трип адвајзор“ за да ги откриете местата што неизоставно треба да се видат! Освен за странските посетители, културата носи огромни бенефиции и за локалната заедница, како во смисла на финансиски придобивки, но уште повеќе за културна и духовна еманципација на граѓаните. И покрај многубројните сознанија за овој огромен потенцијал, кај нас тој честопати е занемарен од носителите на политичката моќ.
Затоа треба да учиме и да бидеме инспирирани од кинескиот ентузијазам (оние што беа присутни на гала вечерта во МНТ минатата недела можеа и директно да го почувствуваат), кој е изграден благодарение токму на посветеноста на културата и традицијата, кои одиграле можеби најголема улога во столетната трансформација на оваа земја.































