Во општество во кое под товарот на многубројните предизвици на динамичното секојдневие сѐ почесто се создаваат разни поделби според национална и партиска припадност, според заработувачката, па дури и за ситници, како околу тоа кој во влезот платил за одржување на зградата, а кој не…, навидум лесно се заборава на длабоките нишки што со векови го одржуваат заедништвото во Македонија, односно на сиот нејзин народ.
Секако можете да забележите дека денешниот Рамазан бајрам, исто како и православните христијански празници Божиќ и Велигден, е длабоко вкоренет во споделени човечки и духовни вредности на моралност, сочувство, простување, великодушност… Одлика на празниците во различните вери е постот, кој преку самодисциплина треба да води кон духовен мир и здравје. Притоа се пропагира солидарност преку помагање на ранливите и загрозените, на пример со давањето милостина за време на Рамазан бајрам или со споделување на празничната трпеза со соседите и пријателите, за кои вратите на домовите се отворени. Заемни се и укажувањето почит и грижата за повозрасните.
Но наспроти шареноликоста на општеството со која Македонија се гордее, забележливи се и постојано негирање и оспорување на националните чувства на Македонците од исламска вероисповед како конститутивни припадници на македонската држава. Тоа го потврдуваат и самите тие преку разни сведоштвата за системска дискриминација, кои укажуваат на случаи кога институциите не ги третирале правично… на пример, кога дете со муслиманско име, иако формално заведено како етнички Македонец, било административно евидентирано како припадник на друга етничка заедница, што секако не е случајна бирократска грешка кога се повторува.
Ваквата негативна појава за „редефинирање“ на Македонците од исламска вероисповед со децении е присутна и во регионот, при што злонамерниот процес се користи за политичка манипулација и за оттргнување на оваа заедница од македонското национално ткиво.
„Нова Македонија“ и претходно преку низа стручни написи од истакнати интелектуалци се осврна на јазичните и религиските аспекти на македонскиот идентитет и укажа на положбата на македонските муслимани и на неправдите со кои се соочуваат тие, особено при негирање на нивната припадност кон Македонија.
Заедничката порака на верските и на политичките лидери секогаш се заснова на мир, слога и обединетост, при што тие ги истакнуваат празниците како потсетници за меѓусебно почитување и за одржување на соживотот во мултиетничкото општество. Улогата на исламската верска заедница во земјава, која има големо значење во развивањето на меѓуверскиот соживот, е истакната и од страна на поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху, кој во разговор објавен во ова празнично издание пренесува пораки дека „вистинската сила на едно општество лежи во меѓусебната почит и грижа“, како и дека преку „верата, солидарноста и меѓусебната поддршка можеме да изградиме посилно и похумано општество“.
Ние, како редакција, ги поздравуваме ваквите определби како темел за создавање здраво, стабилно и просперитетно општество, но тие не треба да останат само декларативни. Државата има јасен предизвик и сериозна обврска да обезбеди правична и инклузивна политика што ќе ги третира рамноправно припадниците на македонскиот народ од исламска вероисповед и ќе обезбеди нивна еднаквост и вклученост во сите општествени сфери. Со тоа ќе им се стави крај на поделбите што им служат на туѓи интереси.
Затоа треба јасно да се истакне дека Рамазан бајрам не е празник на „малцинството“ и дека македонските муслимани не се „гости“ во државата, ниту пак се „додаток“ на македонскиот идентитет. Тие се нејзини рамноправни конститутивни членови – вткаени во македонската култура, историја, институции… во нејзиното минато и сегашност, а и во нејзината иднина.
Секое спротивно тврдење на оваа реалност значи неразбирање на суштината на Македонија и на нејзиниот народ и се коси со здравиот разум.
Па во тој контекст на заедништво, може да се каже и дека Рамазан бајрам не им припаѓа само на муслиманите, исто како што Божиќ или Велигден не постојат само во ѕидовите на црквите, туку празничниот дух ги исполнува домовите, институциите, улиците… Преку меѓусебно разбирање да ја намалиме значителната дистанца, која сѐ уште постои меѓу Македонците од православна и исламска вероисповед во секојдневниот живот.
Рамазан бајрам нека претставува уште една силна потврда за заедништвото во земјава. Кога соседите разменуваат слатки и празнични честитки, тоа е моќно признание дека и навидум различните традиции укажуваат на исти вредности. Ако го сфатиме тоа, тогаш секој празник станува заеднички. Нека е честит Рамазан бајрам и на сите нека ни донесе мир и благосостојба.
































