- Во ерата на вештачка интелигенција, веројатно книгите нема да исчезнат, но во некоја блиска иднина повеќе нема да функционираат како примарен извор на знаењето, туку ќе станат заднинска инфраструктура, повремено консултирани, индиректно цитирани… Многу од нив веројатно и заборавени… Едно од најцрните сценарија, за кое не сакам да верувам дека ќе се обвистини, е дека влегуваме во нов мрачен век кога огромно цивилизациско знаење ќе остане заробено во објавените книги и
академските статии затоа што вештачката интелигенција не знае за нив или затоа што никој повеќе нема да чита
За време на мојот подолг професионален престој во Кина, минатата година, во една пригода ни беше презентирана интерактивната иновација за вештачка интелигенција со интригантен назив „Прашај го Конфуциј“, кој ја има освоено наградата на АБУ за дигитална содржина за 2025 година. Овозможена од напредни јазични модели на вештачка интелигенција, оваа алатка го рекреира „Вештачкиот Конфуциј“ и поддржува осум јазици, вклучувајќи кинески, англиски и шпански. Платформата, исто така, има иновативна соба во која можете да „си поседите и да си поразговарате“ со прочуениот кинески филозоф, мислител и основач на конфуцијанството. Оваа напзедна иновативна алатка има цел да им овозможи на луѓето, а особено на припадниците на генерацијата зед (познати како зумери, родени меѓу 1997–2012, кои се првата вистинска генерација т.н. дигитални домородци, кај кои е забележана најголема употреба на социјални медиуми) – да проникнат во конфуцијанската мудрост.
На дискусијата што се разви по презентацијата на оваа дигитална платформа на вештачка интелигенција, дел од присутните новинари, главно оние од помладите генерации, беа одушевени од предностите на ваквиот тип добивање знаење, а дел (меѓу кои бев и јас) ја отворија дилемата околу тоа колку напредните технологии можат да ги заменат илјадниците страници испишани од големите умови? Моето прашање беше – зошто едноставно не ги отвориме кориците на најважните дела на Конфуциј и самите, низ неговите зборови, не ја откриеме големата мудрост на кинескиот филозоф?
Да не бидам погрешно сфатена, воопшто не сум против користењето на моќната вештачка интелигенција, мислам дека е одлична алатка за генерирање идеи, брзо уредување и многу други практични вештини, и разбирам зошто луѓето ја користат, но мора на неа да се гледа како на алатка, а не и како на замена на авторот, творецот, писателот, кој има свој глас, единствен и автентичен.
Мојата загриженост всушност е насочена кон иднината. Големи се предностите на вештачката интелигенција (ВИ), но факт е дека таа не може да ги имитира човечкиот „допир“ во нарацијата, чувствата, емпатијата, невозможно е да го замени мајсторското отсликување на ликовите, катарзичната моќ на зборовите и саморефлексијата, алегориите и другите стилски фигури, интелигентниот хумор, иронијата или цинизмот во напишаното…
Дали ВИ може да го претвори светот каде што целото акумулирано знаење во општеството е складирано во милиони одделни книги и статии во свет каде што тоа знаење е складирано во една (или многу мал број) бази на податоци за ВИ? Малкумина сфаќаат дека сегашната вештачка интелигенција речиси исклучиво се потпира на интернет-извори, а многу објавени книги и академски статии целосно недостигаат. Ова значи дека на сегашната ВИ, колку и да е импресивна, ѝ недостига огромното мнозинство на човечко знаење што во моментов постои во книгите и академските статии.
Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, ние се движиме од свет на децентрализирано складирање на информациите во свет на централизирано складирање на информациите. Дали вештачката интелигенција може да биде широко репрезентативна за илјадници години акумулирано знаење или е само пристрасно и многу помало подмножество на знаење што моментално е на интернет?
Ова прашање, меѓу другото, го загатнува и нашата книжевна теоретичарка, критичарка и професорка на Филолошкиот факултет, Весна Мојсова-Чепишевска, во интервјуто објавено во прилогот за култура ЛИК во денешниот број на „Нова Македонија“. На прашањето за тоа кои автори или дела најмногу влијаеле врз нејзиниот научен и критички развој, Мојсова-Чепишевска вели дека во низата се издвојува и над сите стои Блаже Конески, кој, како што вели таа: „Буквално за мене е еден вид предвесник на ЧетГПТ“. И како што дополнува, за која било тема да треба, да сака да пишува, слободно може да му се обрати и да започне разговор со него преку исчитување на неговите студии…
Овој дел од интервјуто на професорката, која секогаш во своите научни текстови тргнува од она што нејзините професори, но и македонски книжевни проучувачи и критичари го оставиле зад себе, истражувајќи што за таа тема пишувале нејзините претходници, ме инспирираше за темата на денешната колумна – дали и колку технологијата и различните современи методи (интердисциплинарни, дигитални) денес можат да ја заменат книжевната наука, и воопшто знаењето што ни го нудат книгите. Професорката во своето интервју го дели ставот на кој и лично стојам.
Имено, таа посочува дека таканаречената дигитална хуманистика, која овозможува нови пристапи кон текстовите, може да биде добра подлога за нови моменти за книжевната наука, но и покрај големите придобивки од дигиталната сфера, таа сè уште му верува на знаењето на самиот човек („Или на она што го добивам како информации од дигиталниот свет сакам да му вдишам човечко знаење. Затоа можеби сум и еден вид олдтајмер на книжевната наука“)…
Вакви „олдтајмери“ денес нѐ има сѐ помалку и тоа можеби е она што најмногу ме загрижува. Книгите сигурно нема да исчезнат, но веројатно во некоја блиска иднина повеќе нема да функционираат како примарен извор на знаењето, туку ќе станат заднинска инфраструктура, повремено консултирани, индиректно цитирани… Многу од нив веројатно и заборавени… Едно од најцрните сценарија, за кое не сакам да верувам дека ќе се обвистини, е дека влегуваме во нов мрачен век кога огромно цивилизациско знаење ќе остане заробено во објавените книги и академските статии затоа што вештачката интелигенција не знае за нив или затоа што никој повеќе нема да чита.

































