Денес, кога како држава и нација се соочуваме со егзистенцијални проблеми, како што е оспорување на идентитетот, јазикот, културата, историјата, а сето тоа проследено со корупција или невладеење на правото, очигледно е дека е есенцијално потребно обединување на македонските граѓани, но и на сите политички и општествени чинители. Викендов тоа го чувме во експозето на премиерот. Сите чинители, научната фела, невладиниот и граѓанскиот сектор, политичките партии, медиумите итн., сите без разлика на етничката и религиозната припадност, треба да го направат чекорот кон обединување. Секој историски период носи свои тегоби, а нашето време вели дека треба да се обединиме околу еден концепт, една поширока платформа што ќе биде насочена кон обезбедување сигурен прогрес на нацијата и државата и што ќе носи квалитетна иднина по сите основи
Секој историски период со себе носи егзистенцијални тегоби и предизвици, а светските практики покажуваат дека државите, нациите или општествата секогаш се обединувале околу одредена платформа за да ги надминат опасностите. Во ситуација кога Велика Британија се соочуваше со можна инвазија од страна на Третиот рајх, британската нација се обедини околу државничката политика на Винстон Черчил, кој кристално јасно даде до знаење дека Британија нема да се предаде. Но не мора многу длабоко да навлегуваме во страниците на светската историја, имено нашето минато ни покажува и потврдува дека тешкотиите се надминуваат преку обединувањето на политичките и општествените сили.
Конкретно кон крајот на 19 век Македонија и македонскиот народ, но и сите други, без разликата на етничката и религиозната припадност, се наоѓаа во незавидна ситуација. Некогашното моќно Османлиско Царство беше во опаѓање, а корупцијата и самоволието на државната и судската власт го разоруваа општеството. Покрај недостигот од политичка и економска слобода, македонскиот народ се соочи и со великонационалистички претензии и негирања од соседните држави. Во недостиг од институции во вистинска смисла на зборот, институции што би се грижеле за националните потреби на македонскиот народ, како и опасноста од можноста за поделба на Македонија и македонскиот народ помеѓу Бугарија, Србија и Грција, младата македонска интелигенција ја препозна потребата на своето време.
Македонските великани и национални херои, од форматот на Дамјан Груев или Гоце Делчев, ги осознаа состојбата и потребите на македонскиот народ, оттука својата животна енергија ја насочија кон обединување на македонскиот народ околу една политичка програма, програма што беше насочена кон автономна Македонија, односно македонска држава. Од овие напори произлезе и легендарната Македонска револуционерна организација (МРО), која стана главен двигател на македонското национално и револуционерно движење. Меѓутоа револуционерните чекори кон слободата не беа едноставни, македонскиот народ беше национално и религиозно поделен поради националистичките пропаганди и замешателства на Софија, Белград и Атина. Истовремено македонската елита беше поделена на разни партии и групации, кои енергијата ја трошеа на меѓусебни обвиненија.
Во услови кога доминираа поделбите и расправите во македонското општествено битисување, водачите на Македонска револуционерна организација (МРО), како што се Дамјан Груев, Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и други, создадоа политичка и државничка платформа што имаше за цел обединување на македонските сили. Оваа програма е очигледна од Уставот на организацијата од 1896 година, во кој меѓу другото се вели дека македонските дејци имаат за цел сплотување во едно цело на „сите незадоволни елементи“, како и дека ќе се борат против „шовинистичките пропаганди и национални расправии“. Врз основа на овие обединувачки тенденции, водачите на Македонската револуционерна организација беа насочени кон проширување на базата на македонското движење преку барање внатрешни сојузници за македонското ослободително движење. Дамјан Груев и Гоце Делчев настојуваат да ги придобијат или создадат трајни сојузнички врски со сите групации во македонското револуционерно движење. Платформата е кристално јасна, автономна Македонија. Врз основа на принцип, Македонска револуционерна организација има соработка и контакти со егзархиската групација во Македонија, Врховниот македонски комитет, отцепничкиот Македонски комитет на Наум Туфекчиев, Македонската социјалистичка група на Васил Главинов, Тајните офицерски братства, Женевската група, гемиџиите итн. Како резултат на обединувањето околу националната и револуционерната платформа на Македонската револуционерна организација дојде до организирање на Илинденското востание, востание што покажа дека македонскиот народ има храброст да извојува сопствена држава.
Денес, кога како држава и нација се соочуваме со егзистенцијални проблеми, како што е оспорување на идентитетот, јазикот, културата, историјата, а сето тоа проследено со корупција или невладеење на правото, очигледно е дека е есенцијално потребно обединување на македонските граѓани, но и на сите политички и општествени чинители. Викендов тоа го чувме во експозето на премиерот.
Сите чинители, научната фела, невладиниот и граѓанскиот сектор, политичките партии, медиумите итн., сите без разлика на етничката и религиозната припадност, треба да го направат чекорот кон обединување. Секој историски период носи свои тегоби, а нашето време вели дека треба да се обединиме околу еден концепт, една поширока платформа што ќе биде насочена кон обезбедување сигурен прогрес на нацијата и државата и што ќе носи квалитетна иднина по сите основи, а пред сѐ и нов циклус на економски раст, стабилни јавни финансии, поддршка за конкурентен приватен сектор, поддршка за иновациите и ИКТ-секторот, како и продуктивни и високоплатени работни места и национален план за демографија. Платформа што е насочена кон обновување на довербата во институциите, платформа што ќе се бори против корупцијата, платформа што ќе се залага за владеење на правото, платформа што еднаш засекогаш ќе раскрсти со непотизмот, партизацијата и кронизмот во македонското општество. Во ситуација кога како држава и нација се соочуваме со економска неизвесност и политички предизвици, мора да се обединиме околу програма што ќе донесе силна и ефикасна држава.
Тоа нешто го чувме од говорницата во нашето Собрание при претставувањето на експозето и концептот на новата македонска влада. Тоа е еден повик што долго време го чекаме да биде упатен од една висока извршна институција. Тоа е повик што го слушавме од највисоки македонски интелектуалци, а конечно гласно и недвосмислено го упати еден лидер избран од граѓаните. Конечно и ние граѓаните треба да зачекориме по тој пат, заради сеопшт просперитет и благосостојба.