Потсетникот на еврокомесарката Марта Кос од Брисел

„Констатацијата“ на еврокомесарката Марта Кос дека „погачата, пинџурот и полнетите пиперки се македонскиот идентитет“ не е несреќно срочена изјава, туку тоа е добро осмислена изјава. Дали забележавме дека Кос во еден момент кога ја изговараше оваа споредба се загледа во своите напишани забелешки поставени пред себе? Марта Кос претходно добро се подготвила за ваквата скандалозна изјава за македонскиот идентитет. Овие зборови на Кос се на линија на забревтаниот „инженеринг“ врз македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, кој го спроведува не само Бугарија туку и Грција, сега веќе и со најдиректна поддршка на ЕУ. Дали забележуваме веќе неколку месеци растечка агресивност и „тврдина“ во речникот и однесувањето на највисоките европски функционери кон Република Македонија и нејзиното државно-политичко раководство во стилот „уставни промени и ништо повеќе и ништо помалку“, „не постои план А, ниту план Б“?
Најновиот извештај на Томас Вајц со експлицитното признавање само за миг ја „помати“ „антимакедонската идила“ на „сложното бугарско-грчко-европско партнерство“, но, ете, сепак, им успеа да се исфрлат од документот македонскиот идентитет и јазик. Но знаете ли што ќе се случи дента кога Европскиот парламент ќе расправа за извештајот на Вајц, дали ќе го усвои, а веројатно ќе го усвои? Ќе се стресе „европарламентарната гора“ и ќе се роди „извештајско-резолуциско глувче“! Ниедна резолуција или декларација на Европскиот парламент нема карактер на задолжителен документ, освен кога се расправа за буџетот на Европската Унија. Овој документ во секој случај ќе претставува нов европски притисок врз Македонија и македонското државно-политичко раководство, кој е веќе време да наиде на соодветен македонски одговор.

– Во извештајот, Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) ја поздравува посветеноста на земјата на европската интеграција. Ја охрабрува да продолжи со реформските напори. И покрај политичките предизвици и фрустрацијата на јавноста, АФЕТ ја повикува власта да ги спроведе уставните измени – стои во документот на Вајц, на кој по седницата на Европскиот парламент, по сѐ изгледа, може да стои печатот на оваа европска институција. А што значат поодделно овие неколку формулации во него? Формулацијата „АФЕТ ја охрабрува земјата да продолжи со реформските напори“ најпрво значи дека ЕУ, заедно со Бугарија и Атина, е заинтересирана Македонија да се „самореформира“, поточно да се самоукине како држава, откако под маската на „отворени европреговори“ ќе си ја стави и конечно на вратот бугарско-француската „преговарачка рамка“, поточно „јамка“!Дали ќе дозволат Македонците да им се случи тоа, па да го фатат џадето низ Европа како „нови балкански Курди“ или „нови балкански Палестинци?! Погрешив: „модерни балкански Курди“ или „модерни балкански Палестинци“?!
Формулацијата „и покрај предизвиците и фрустрацијата на јавноста АФЕТ ја повикува власта да ги спроведе уставните измени“ значи дека не е воопшто важно што мислат Македонците, дали имаат и какви стравови и несогласувања околу промената на Уставот на македонската држава. Важно е само да си го сменат самите Уставот и конечно да бидат тргнати од дневен ред во Брисел и другите европски метрополи, а со тоа и да биде „затворено македонското прашање“! Дали ќе дозволат Македонците и ова да им се случи, па да го фатат џадето низ Европа?
Околу тоа каков одговор треба конечно да следува кон сите бугарско-грчко-европски притисоци, ултиматуми, наредби и диктати кон Македонците, кон Македонија и нејзиниот устав. Од пишување „отворени писма“ до Кос, до ЕУ, нема никаква полза: самите ги пишуваме, самите ги читаме, а во ЕУ никој не им обрнува ама баш ниту една секунда! Веќе го цитирав она „и покрај политичките предизвици и фрустрацијата на јавноста“… Нема никаква полза ниту од пцости, колнења или од какви било противевропски и во случајот противбугарски реакции. Време е да се надмине инфериорната македонска позиција на молење да се прифателе уставните измени со одложено дејство, да се надминат „аман, разберете нѐ“ – коленичењата во Брисел, Софија и другите европски метрополи. Бездруго, некои ќе ми забележат на следново „еретичко мислење“, но јас го поткрепувам со милион и еден аргумент, не заземајќи никаква политичко-партиска, туку само промакедонска позиција: прифаќањето промена на македонскиот устав, во каква било форма, било со моментно, било со одложено дејство, де факто е заговарање позиција и филозофија на капитулација на Македонија, на државен пораз наспрема ЕУ, Бугарија и Атина.

Ова е првиот мој предлог и одговор на прашањето што да се прави натаму сосема конкретно, анализирано од аспект на применетата политика: на резолуција, или декларација, или како и да се нарече, документот на Европскиот парламент, кој ќе биде веројатно усвоен за неколку дена ќе треба да му се парира, да му се одговори со соодветна широко прифатена и поддржана резолуција на Собранието на Република Македонија дека се отфрлаат какви било завлегувања и менувања на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ во замена за отворање на преговорите и за влез во ЕУ. Многу ќе биде важно во претстојниов период да им се каже и укаже на Европејците категорично и енергично, проактивно, од високи позиции на заштита на достоинството на државата Македонија и македонскиот народ, дека не се работи само за „предизборни маркетинзи спроти локалните избори“, па ете од такви причини одбиваат промена на Уставот. Не, Европејците се соочуваат со отпор и одбивање од страна на најголемото мнозинство на македонскиот народ да се изврши нова „фризура“ врз највисокиот правно-политички акт на државата.
Македонското државно-политичко раководство ќе мора конечно да пристапи кон курс на решителен пресврт кон државната надворешна и евроинтеграциска политика, штом се засилува притисокот и се бара само и само менување на Уставот, спротивно на сите принципи и норми на европското и светското меѓународно право. Со резолуцијата на Собранието на Македонија како соодветна алатка ќе мора од нови позиции да се лобира и низ Европа, и низ светските меридијани. Мора да бидеме свесни: Бугарија како да постига резултати во „интернационализирањето на прашањето на ускратените права на македонските Бугари“! Бугарија веќе почнува да бележи резултати во создавањето на „бугарското национално малцинство во Македонија“, кое прекуноќ ќе изрипа во бугарски државотворен народ“! Да немаме сомнежи дека плановите за ова се веќе подготвени и се чека само моментот тие да бидат ставени на маса! Македонската вистина мора да победи во однос на „бугарската вистина“!
Вториот предлог, кој го изнесувам во широката македонска јавност околу тоа што ќе мора да се прави веќе веднаш, е прашањето на преиспитување на злогласниот „втор протокол“ кон „бугарскиот договор“.

На 13 јуни 2025 година во својата колумна со наслов „Правна дилема: Дали Османи и Димитров имале овластување да потпишуваат протоколи со Бугарија во врска со францускиот предлог?“, професорот д-р Јове Кекеновски напиша: „Во интерес на правната сигурност и довербата во институциите, Владата и Собранието мораат јасно и транспарентно да одговорат на следните прашања: Дали постои конкретна одлука на Владата за овластување на министрите да потпишат обврзувачки протоколи?
Дали Собранието било консултирано или го одобрило потпишувањето на овие протоколи? Врз основа на кој правен акт министрите ги потпишале протоколите? Ако се утврди дека министрите немале соодветно овластување за потпишување на протоколите, тогаш следуваат сериозни правни постапки. Правната логика на уставниот поредок бара: Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на постапката; Јавното обвинителство да провери евентуална злоупотреба на службена положба, Собранието да расправа за последиците врз државната обврзаност и меѓународната позиција на државата“.
Со други зборови, Владата на Република Македонија може и мора да си отвори маневарски простор во натамошните постапки во однос на Брисел и Софија со отпочнувањето процес на преиспитување на уставноста и законитоста на „вториот протокол“, но следователно и на самата „преговарачка рамка“ и „францускиот предлог“. Повикувајќи се на меѓународните норми и особено врховниот принцип јус когенс, кој забранува какво било гибање во идентитетски комплекс на кој било народ, па и на македонскиот народ, јас немам никакви сомневања дека сите „добрососедски акти“ со Бугарија се од домашен и меѓународен аспект илегални, ништовни и криминални.
Ќе заклучам, кажано со речникот на генијалниот македонски поет Гане Тодоровски: време е конечно да македонствуваме!

Свето Тоевски