Пораки од Шри Ланка

Колку знаете за Шри Ланка? Можеби сте слушнале или прочитале некоја вест поврзана со оваа островска држава во јужна Азија? Дури и случајно да налетате на одредени информации, да речеме, за нивните резултати во крикет, кој е тамошен најпопуларен спорт, или за актуелната сложена политичка ситуација, веројатно нема да им посветите големо внимание бидејќи се случуваат далеку од нас.
Но во новинарството имате можност да запознаете многу луѓе, како во државава така и во странство, следејќи разни настани и низ многубројни патувања, кои се составен дел и поубавата страна од професијата. Токму едно патување на подалечна дестинација пред точно пет години спои група новинари главно од просторите на поранешна Југославија, односно од Источна Европа, каде што беше и еден колега од Шри Ланка. На општо изненадување на сите присутни, тој искажа голем интерес и познавање за Македонија и за Балканот, покажувајќи дека ги следи актуелните случувања од државава.
Оттогаш, повеќето новинари што беа заедно таму ги одржуваат познанствата, разменуваат изјави и информации, си помагаат со наоѓање соговорници за различни теми од нивните земји. А аналитичарот и новинар од главниот град на Шри Ланка, Коломбо, специјализиран за глобална политика и историја, Чамара Суманапала, повремено се јавува токму во Македонија, на пример, кога се одржуваат избори, да се распраша и да дискутира за резултатите, знаејќи повеќе од некои луѓе што живеат тука, или, пак, да честита за сензационалната победа на македонските фудбалери над Италија од 1-0 во плејофот за пласман на Светското првенство во 2022 година.

– Од некоја причина, многу се интересирам за вашата држава. За историјата и за политичките случувања. Можеби и зашто беше дел од Југославија, секогаш се интересирам за вашиот дел од светот – ќе каже Чамара, кој во неколку наврати ги коментираше и споровите на Македонија со соседите, знаејќи со какви надворешни притисоци се соочува земјава.
При последниот разговор, благодарение на социјалните мрежи, тој беше запознаен со резултатите од претседателските избори и за тоа дека Македонија ја доби првата жена претседател. Ми кажа и дека моментно е мирно во Шри Ланка во пресрет на претседателските избори што таму треба да се одржат во септември. А не толку одамна, пред две години, кога Шри Ланка беше опфатена од голема политичка криза, го замолив Чамара да опише за „Нова Македонија“ со какви тешкотии се соочува народот на оваа азиска држава.
Тогаш гневот на жителите на Шри Ланка, соочени со недостиг од гориво и основни намирници, како и со рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, беше насочен кон политичкото водство, поради одлуките за кои се смета дека доведоа до кризата. Поранешниот претседател Готабаја Раџапакса затоа беше принуден да избега од државата, по што беше наследен од дотогашниот премиер и негов близок соработник Ранил Викремесинге, кој веднаш ги повика вооружените сили да го одржат јавниот ред, односно да ги разбијат протестите, два дена по стапување на новата функција. На социјалните мрежи беше прикажано како полицајците ги отстрануваат поставените шатори и ги апсат демонстрантите пред претседателската канцеларија, а потоа беше забележано засилено воено присуство околу владините објекти.
На некој начин, за жал, тешкотиите на народот предизвикани од политиката се карактеристични за Шри Ланка, како што беа и за Македонија. А тоа го знае и колегата Суманапала, кој во одреден период остана без работа поради економската криза.

– Политичките лидери уништуваат убаво место како што е Шри Ланка. Мислам дека истото тоа се случуваше и во Македонија – посочи тогаш новинарот од земјата позната и како Бисерот од Ориентот, поради нејзините природни убавини.
Во прилог на ваквите тврдења одат и случувањата во Македонија, кои до пред некој месец беа секојдневие. Политичари инволвирани во разни афери, малверзации, корупција и во што ли уште не, покажувајќи нестручност и непрофесионалност, што резултираше со неисполнети ветувања. Во исто време, во актуелнава ситуација, далеку од добро може да донесат најавите од ДУИ за излегување на протести пред институциите од септември, со потенцијал за создавање немири и безбедносно загрозување на државата.
И мирната ситуација во Шри Ланка изгледа кршливо, бидејќи светските медиуми најавуваат оти уште еден член на моќното семејство Раџапакса планира да се кандидира на претседателските избори во септември. Станува збор за 38-годишниот адвокат Намал Раџапакса, син на поранешниот претседател Махинда Раџапакса, односно внук на претходниот лидер на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса.
Веќе се насетува бурна есен за Македонија и за Шри Ланка, која би била предизвикана единствено од личните интереси на дел од политичарите во нивната себична, бескрупулозна борба за власт. Народите на Македонија и на Шри Ланка заслужуваат подобро, да живеат во мир во природните убавини што двете земји ги поседуваат, како и да бидат предводени од посовесни политичари, кои ќе водат поголема грижа за државите и за народот во нив. Ние, веруваме дека ги добивме, Шри Ланка е во очекување…