Научниците веќе предупредуваат дека ние во иднина ќе треба да се подготвуваме за температури од 50 степени Целзиусови. А за живеењето со вакви температури веќе крајно време е да размислуваме не како поединци туку како држава. Кај нас поединците веќе одамна го имаат решено не само своето ладење туку и греењето, како дома така и во своите овални кабинети. Државата треба да почне да размислува за решавање на проблемот со ладењето на обичните граѓани
Не знам зошто, но во првиот момент кога добив инспирација да пишувам коментар (или како што тоа популарно го нарекуваме во „Нова Македонија“ – Наш став), во врска со високите температури во државава и како граѓаните на Македонија се справуваат со горештините, мислите ми се вратија многу години наназад, кога во една пригода исто така се соочувавме со „изгор лето“ и многу високи температури. На прашањето на моите пријатели како јас се справувам со жештините, одговорот што им го дадов најпрво ги збуни, а потоа ги насмеа моите соговорници
– Не знам зошто, но јас немам гајле од многу жешко, затоа што мене постојано ми чади главата – искрено им признав.
Затоа, повторно да бидам искрен – јас не сум најпогодниот човек што треба да пишува на оваа тема за високите температури и несносливите горештини. Не дека јас сум го изгубил „тоа чувството“ или сум станал (чувај боже) бесчувствителен, туку маките ме научиле и ме натерале да бидам таков.
Преокупиран постојано со куп обврски и проблеми јас едноставно научив во животот воопшто да не размислувам ни за ладно, ни за топло.
Но шегата настрана, овие денови кога и ние како и светот се соочуваме со голем топлотен бран, кога температурите се искачуваат и над 40 степени Целзиусови, никако не можам да си објаснам себеси зошто судбината постојано си поигрува со нас обичните смртници.
Кај нас, покрај греењето, и ладењето станува скап луксуз, кој најголемиот број граѓани не можат да си го дозволат.
Ако порано општините или државата ги субвенционираа граѓаните за набавка на инвертер-клими за греење, сега треба да го прават тоа и за ладење.
Таман помисливме дека по заминувањето на долгата зима конечно се спасивме од високите сметки за греење, последните денови се соочуваме со несносливи високи температури, какви што не паметат ни највозрасните жители кај нас и на оваа планета.
Како што во зимата поради високата цена на струјата луѓето со часови, а некои и со денови, чекаа пред шумските претпријатија да купат огревни дрва за да се стоплат, сега пред продавниците за бела техника голем број граѓани со часови чекаат да купат клима-уреди за да се изладат од високите температури.
Ако имаш среќа да се обезбедиш со клима-уред, тогаш вистинска лотарија е да најдеш монтери што ќе ти ја монтираат климата. Едноставно не можат да престигнат од работа и едните и другите.
Иако можеби ќе звучи иронично, но откако и Македонија се соочи со пеколни горештини, најголемиот број од граѓаните наместо да размислуваат каде ќе одат на годишен одмор, сега размислуваат како да купат клима-уред за да можат да се ладат и да се спасат од неподносливите горештини.
Во Битола, а сигурен сум дека е така и во другите градови во државата, веќе никој не прашува дали и кога Општината ќе распише јавен повик за субвенционирање за инвертери, како што го направи тоа пред неколку години, кога на над 2.500 битолчани им купи клима-уреди од по 60.000 денари, туку тие сега и последниот денар го даваат самите да си купат клима-уред за разладување на своите домови.
Повторно, во Македонија и во регионот се соочуваме со очекување на драматични топлотни бранови. Како и во добар дел на држави од Европа, така и кај нас се забележани температури над 40 степени.
Температурите забележани во Европа ова лето ги уриваат сите „рекорди“. Последните денови во Сицилија се измерени температури од 48,8 степени. Тоа, доколку овие мерења се потврдат и верификуваат од повиканите институции, е нов температурен рекорд во Европа. Моменталниот рекорд го држи Атина, каде што во 1977 година биле измерени 48 степени. Деновиве рекордни високи температури се измерени во индиската престолнина каде што температурата достигна 52,3 степени Целзиусови.
Во Шпанија, минатото лето поради високите температури починале повеќе од 6.000 луѓе, од кои повеќето стари и билни, како и оние што немаат средства да се заштитат од големите горештини.
И како што е вообичаено кај нас и овој пат техничката влада по барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница и излезе со препораки за заштита на населението, а особено на ризичните групи од горештините. Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, во согласност со акцискиот план на министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
Се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да им даваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. И што би рекол Цацко – и толку!
Иако и овие мерки и препораки не се ни нови, ни непознати за граѓаните, сепак и тие докрај не се почитуваат.
И овој пат останува сознанието дека ние како држава и натаму како за другите проблеми или непогоди, сосема кампањски размислуваме и за справувањето со високите температури.
Наместо заштитата од горештините да биде прашање со кое ќе се занимаваат сите повикани надлежни институции, како од областа на здравството, градежништвото, архитектурата, екологијата, урбанизмот, образованието…, ние постојано импровизираме и сѐ уште мислиме дека можеме да се ладиме со промаја.
Проблемот е што и покрај многубројните предупредувања, ние како држава не правиме доволно за заштита и справување со сѐ поизразените временски услови и климатски промени.
Кај нас сѐ уште не е решено ладењето или климатизацијата во јавните установи, здравствените домови и институции, образованието, супермаркетите, културните институции… Ретко или воопшто нема места каде што граѓаните би се засолниле во климатизирани јавни простории. Не се доволно или воопшто не се климатизирани работните места каде што работат најголемиот дел од вработените.
Упатените велат дека нема климатизација ни во одделенијата за интензивна нега во некои болници. Кај нас сѐ уште не се градат објекти со изолациони материјали, кои ги намалуваат температурите во внатрешните животни простории.
Научниците веќе предупредуваат дека ние во иднина ќе треба да се подготвуваме за температури од 50 степени Целзиусови. А за живеењето со вакви температури веќе крајно време е да размислуваме, не како поединци, туку како држава. Кај нас поединците веќе одамна го имаат решено не само своето ладење туку и греењето, како дома така и во своите овални кабинети. Државата треба да почне да размислува за решавање на проблемот со ладењето на обичните граѓани.
Некои научници веќе одамна препорачуваат да се намали бетонизацијата на градовите и сугерираат градовите да се „оладат“ со изградба на зелени оази, како што се паркови, градини и зелени покриви.
Време е да се почне да се размислува и за воведување централно ладење и греење, а не со најчесто измислени политички ад хок инстант кампањи, кои освен за дневнополитички поени не се покажале како корисни.
Време е греењето и ладењето да им се препуштат на науката и научната мисла, како и на тие што знаат како да се заштитат од климатските промени и високите температури не само себеси,туку и обичните граѓани.