- Мислам дека гласањето на овие локални избори покажува дека граѓаните ги ескивираа повиците за изјаснување по етничка линија затоа што, врз основа на досегашното искуство, увидоа дека тоа нема да им донесе никаков напредок. Па така, во повеќе општини и Македонци и Албанци гласаа за кандидати што не се дел од нивната етничка група, и покрај обидите таквата практика да се политизира и да се прикаже како предавство
Меѓуетничките теми ги окупираа локалните избори и кампањата беше полна со обиди за нивно користење за да се стекнат евтини политички поени. Насловите во медиумите изобилуваа со теми за поделби по меѓуетничка линија, пренесувајќи ги изјавите на дел од партиите што играат на оваа карта, па меѓуетничките прашања беа речиси главен фокус и во дел од најсилните препукувања. Ама резултатите од првиот изборен круг покажуваат своевидно ескивирање од тврдите етнички наративи и осврнување кон одредени реални, практични теми и потреби. Тешко може да се утврди дали овие локални избори ќе успеат да ја надминат етничката поларизираност во земјата, но некои показатели укажуваат на таква можност.
Се сеќавам на повеќе обвинувања во изминатите десетина години, во кои обично опозицијата ја обвинува власта дека намерно креира меѓуетнички тензии за да се одржи на владејачката позиција. Во веќе видено сценарио, тогаш се тврди дека владата игра на етничка карта, дека навидум се конфронтира на етнички теми за да го мобилизира гласачкото тело од двете страни, по етнички линии, додека останува на власт и дели тендери. Не знам колку се вистинити овие тврдења, но и порано, исто како и сега, сметав дека на власта не ѝ се потребни никакви тензии, а најмалку меѓуетнички. Бидејќи сите тие тензии, па дури и фингираните, се одразуваат и во секојдневниот живот, т.е во општеството.
Сега има влада што мислам дека не функционира така, а и кога има етнички прашања, мој впечаток е дека се обидува да најде решение, без да ја мобилизира јавноста на меѓуетнички фронт. А баш таквата практика ја гледам како причина за надминување на етничката поларизација.
Соживотот моментално не е оптоварен со тензии и покрај повеќе обиди за одредени повремени инциденти да се прикажат како последица на владините политики. Всушност, за релаксираната меѓуетничка атмосфера веројатно придонесува и отсуството на внатрешни меѓукоалициски конфронтирања по етнички линии во власта.
Од друга страна, кампањата на ДУИ на овие локални избори го нуди стариот модел на конфронтации, а се обиде да ја вовлече и Вреди во нејзино практикување, што секако има последици по општеството и не носи ништо добро за граѓаните, без разлика на нивната националност. Вреди, пак, најде начин без бука и врева да реши проблеми што ги тангираа граѓаните, не само инфраструктурни туку и прашања од етнички или верски карактер, како признавањето на дипломите на средните верски училишта, за да можат матурираните ученици со нив да се запишуваат на факултети. Тие не се конфронтираа и за балансерот, туку најдоа решение со законот за правична застапеност, без антимакедонски реакции. Но, ДУИ и додека беше на власт, од секое прашање сакаше политички да профитира на етничка основа, па дури и да го издигне на ниво на меѓуетнички судир.
Да се вратам на ставот што го изнесов на почетокот на колумнава. Мислам дека гласањето на овие локални избори покажува дека граѓаните ги ескивираа повиците за изјаснување по етничка линија затоа што, врз основа на досегашното искуство, увидоа дека тоа нема да им донесе никаков напредок. Па така, во повеќе општини и Македонци и Албанци гласаа за кандидати што не се дел од нивната етничка група, и покрај обидите таквата практика да се политизира и да се прикаже како предавство.
Има гласови на незадоволство од таквиот развој на настаните од опозицијата од албанскиот блок, која реагира бурно на повикот на премиерот Христијан Мицкоски да не се занимава со етноцентрични теми. И покрај тоа што додека беа на власт интегративците признаа дека „правата се остварени и дека е време да се занимаваат со други прашања како економија, инфраструктура и со решавање на локални проблеми во местата на живеење…“
А сега, кога некој друг го прави токму тоа наместо нив, тие се бунат и бараат да се отвораат етнички теми, само заради самоактуализација и политичка факторизација на себеси како политички субјект, без реални придобивки за граѓаните. Сепак, резултатите од локалните избори се чини дека се знак оти таквите политики на етничка конфронтација се надминати и треба да останат зад нас.
Сотир Ристо

































