Полнети пиперки, кавијар-дипломатија и „Фajзергејт“

Можни се поголеми потреси во Брисел, седиштето на ЕУ, седиштето на НАТО, а изгледа и седиштето на големата корупција. Како е можно тоа? Велат империите пропаѓаат
разјадени однатре кога почнуваат борби за престолот, но и за пари. Колку се испокрадени и во чии џебови, вили, автомобили, лежерен живот… Испариле!

Можеби пропуштивте да ја гледате првата полуфинална вечер на „Евровизија 2025“? Интересно беше, ако за ништо друго, тогаш за една новост – за првпат по многу години не се вееше знамето по кое се препознаваше заедницата наречена ЛГБТ. И некои други знамиња се забранети да се веат, што е нова политика на „Евровизија“. Но, да бидеме начисто, ветриштата на трампизмот стануваат сѐ посилни и посилни и новите политики неминовно ќе си доаѓаат, ќе стануваат нормално секојдневие, новата реалност, што би рекле. Тоа се гледа и се чувствува. Секнуваат и парите со кои се купуваа и потоа се продаваа кампањите за важноста на виножитото. Бај, бај. Впрочем во Ватикан се востоличи и новиот Папа, Лав Четиринаесетти, нека биде запаметен по своите мудри одлуки за големото стадо што го води!
Можни се поголеми потреси во Брисел, седиштето на ЕУ, седиштето на НАТО, а изгледа и седиштето на големата корупција. Како е можно тоа? Велат империите пропаѓаат разјадени однатре кога почнуваат борби за престолот, но и за пари. Колку се испокрадени и во чии џебови, вили, автомобили, лежерен живот… Испариле! Наши пари, работниците сето тоа го плаќаат. Сега доаѓа некој друг да ги замени претходните што краделе. Така е тоа во животот и во политика – циклуси. Се оди нагоре, па потоа стрмоглаво се паѓа.
Од она што деновиве се случува во Брисел, веројатно сето тоа од некој агол го посматра и се смешка Марин Ле Пен, лидерка на силната десница во Франција, која во март беше осудена за корупција. Заедно со својот тим од осуммина проневерила околу четири милиони евра европски пари. Аферим, казната ја стигна, но таа е толку жестока што дури ѝ забранија пет години да се занимава со политика. Зошто пет? Од каде токму пет?

Но Ле Пен не е ни прва, нема да биде ни последна обвинета за корупција, и пред неа имаше слични пресуди, како на пример со членови на грчката неонацистичка партија Златна зора, сега забранета во Грција. Народната поговорка вели дека каде што има чад, има и оган, а второто правило е дека каде што има пари, има некој што ќе се обиде да ги здипли. Постојат многу начини, ако јас се прашувам „најпрофесионален начин“ е грабеж. Филмски грабеж, или како сакате. Вториот подмолен е софистициран и тој оди со помош на лобисти што летаат како муви подопашести низ кулоарите на Брисел. Нудат милиони за да добијат зделки во милијарди. Постојат повеќе радари што го ловат тоа, како на пример една невладина, која се вика „Опсерваторија на корпоративна Европа“. Нивниот глас не се слуша ни подалеку од канцеларијата во Брисел каде што им е седиштето. Мавтаат со црвени знаменца, предупредуваат, но не се наоружани. Можат само да мавтаат. Тобако-индустријата таму царува, ГМО-индустријата, индустријата со реагенси, со хемиски препарати… Па, да го ставиме лобирањето во графата како синдром на расипани и коруптивни практики во седиштето на ЕУ.
Да се навратиме малку поназад во историјата, пред околу 30 години кога шеф на Европската комисија беше Жак Сантер (Луксембург), кој дојде на местото на неговиот претходник Французинот Жак Делор (го воведе еврото, но и го пронајде талентот во политиката, идниот претседател на Франција во името на Емануел Макрон, банкарски махер, другото е секако историја). Сите дваесет членови на комисијата на Делор поднесоа оставки поради корупција, нешто што му го оставија во мираз на идниот шеф во Брисел, Романо Проди. И во неговиот тим имаше мирис на корупција, но…
Па дааа, и во Стразбур не цветаат рози и не секогаш мириса на пролет.

Познати се големи коруптивни скандали, како тој на Жак Делор, шеф на ЕК пред 30 години, кога целиот негов тим мораше да поднесе оставка, корупција во Стразбур, а сега и во НАТО, во игра се милијарди. Дали црешата во оваа коруптивна овошна салата ќе биде Фон дер Лајен? Не знаеме, но знаеме кој ни ја решава судбината и со кого преговараме, ние што сѐ уште сме аматери во материјата наречена корупција

Така велат извештаите, таму исто има лобирања, политички пазарења, на ти го – дај ми го (Македонија може да потпише со две раце, ако ѝ дозволат, оти не сме заборавиле како и под кои услови беше зачленета во Советот на Европа). Во некои кругови се зборуваше и за кавијар-дипломатија, односно за скапи подароци, нешто во злато, нешто во часовници, а богами и во кеш, од владата на Азербејџан, која, наводно барала да се штелуваат извештаите за состојбата со човековите права во таа земја. Нормално било да се дава и кавијар, по максимум два килограма, а велат азербејџанскиот кавијар бил особено квалитетен, а еден килограм чинел околу 1.300 евра. Ете, ова било истражено од Европската иницијатива за стабилизација (ЕСИ). Кога пишував за овој случај, разговарав и со неколку десничари од Стразбур, кои ми рекоа дека целата приказна е фризирана од левичарите на Сорос и ме нахранија со извештаи за дејствувањето на „соросоидите“, не само во Стразбур туку и мноооогу пошироко, а тој октопод на корупцијата предводена од ограноците на Фондацијата на Сорос зафаќала и држави како Албанија и Македонија. Со сериозно влијание на политичките процеси. И тоа Македонија може да го потпише со две раце. Администрацијата на Трамп веќе го потпиша, а некои и ги отпиша.
Пред да дојдеме до „јаготката“, да споменеме дека сега сериозно коруптивно се тресат структури во НАТО. Се спомнуваат коруптивни зделки со воена опрема, се чини главно дронови, од повеќе милијарди. Да повторам – милијарди, 5,5 милијарди евра. Операцијата се одвива во Белгија, Луксембург, Холандија, Шпанија… Чекаме нови вести, но очигледно е дека скандалот е голем, а коруптивната мрежа широко фрлена. Интересно е ова со војводството Луксембург, мало, а секаде го има.
Јаготката ќе ја наречеме Урсула фон дер Лајен и нејзината наводна вмешаност во можен коруптивен скандал од мегаголемина. Поврзан е со нејзината улога како шефица на ЕУ во првиот мандат и набавката на вакцините против ковид-19 од „Фajзер“ и затоа веќе се зборува за „Фajзергејт“ (афера). Во моментов суштината на целиот случај, кој го водеше Судот на ЕУ, е во доменот на транспарентноста, односно зошто Фон дер Лајен не ги дала на увид на јавноста (новинари) разговорите (по Вотсап) со главниот шеф на „Фajзер“, Алберт Бурла. Што се крие од јавноста? Дали шефицата на ЕК имала пресудно влијание за да се набават вакцини од „Фajзер“, но и за количествата. Скандалот е не само поради затвореноста на ЕК туку и поради огромната набавка. Беше обелоденето дека стотици и стотици илјади вакцини не биле искористени, но биле искеширани.

Милијарди се во прашање. Шефицата Урсула имаше некои темни петна и како министерка за одбрана во Германија (Бундесвер).
Да додадеме дека и повеќе членови на сегашната ЕК не доставија уредни имотни листови, односно колку тежат. И меѓу нив врие од сомнежи, а претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, дури и беше обвинет за корупција како премиер на Португалија, но, гледај чудо, одговарал за клучна позиција во ЕУ. Тука да ставиме точка, јасно ни е, како што ни е јасно кој ни ја решава судбината. Бидете уверени дека и Преспанскиот договор е клепан по сличен коруптивен стил и еден ден ќе излезе на површина некоја нова јаготка, малина ли, цреша ли. Овошни салати колку сакаш.
Ние во тој поглед како Македонци, Балканци сме на ниво на аматери, ние сме на една шведска маса полнети пиперки, и тоа посни, без месо, оти бил период на пости. Да, се краде и кај нас, се дрпа, слабо се лови (мора да се употреби методот на заплена на имот нелегално стекнат), но аматери сме. Гледај каде отишла Европа – кавијар, злато, има и кокаин, скапи одмори со јахти (еден Метју Нимиц го шетаа по грчките мориња, не сме заборавиле), се даваат и се земаат милијарди евра.
Ама како што велеа нашите баби, од кои се учат животни правила за опстанок, „угоре високо, удоле длабоко“. Дојде времето да се вратиме на своето и да се браниме за своето, со наши аргументи, со наша сила, со наша волја. Оти тоа што е денес не мора да биде и утре. Дуваат ветриштата на суверенизмот, многу нешта за брзо ќе се променат. Дојде време да се бараме и да се најдеме ние Македонците од секаде по светот и на таа карта нема да изгубиме. Напротив.