Телефонот упорно ѕвони, честопати прикажувајќи непознати броеви, и тоа во период од денот кога, како што велиме во новинарски жаргон, го „затвораме“ утрешниот број на весникот. Тогаш кога всушност сме најзафатени со дневните обврски за да го составиме новото наредно издание на „Нова Македонија“. Во таква ситуација никако не можам да стигнам да одговорам на повиците, но се трудам да се јавам подоцна. И потоа од другата страна културно ми се претставуваат професори, историчари, адвокати, научници, писатели, колеги новинари, поранешни спортисти… луѓе од различни бранши, но со иста цел – да понудат или да побараат да објавиме нивен авторски текст на страниците на „Нова Македонија“. Вообичаено како колумна или писмо, понекогаш и како анализа. Поупорните доаѓаат и лично во редакцијата за да ги оставаат своите текстови во печатена форма.
Велат дека би им било чест да напишат нешто за „Нова Македонија“, бидејќи редовно нѐ читаат и им се допаѓа како пишуваме. Се согласуваат со нашата уредувачка политика и сакаат да ни „помогнат“ да ги одбраниме македонските национални интереси. Или, пак, објавените содржини во „Нова Македонија“ кај нив побудиле инспирација за да ги искоментираат со сопствен текст на истата тематика, за која имаат познавање. Други, пак, сакаат самопромоција, па се обидуваат да допрат до поширока читателска публика. Или едноставно имаат желба нивното пишано дело да остане забележано навек.
Најчесто станува збор за издржани, стручни текстови напишани од признаени личности, секој во својата дејност. Писмено срочени, така што не им е потребна ниту лектура. Со актуелни теми и приказни, кои со сигурност би биле интересни за читателите на „Нова Македонија“. Но мотивите се различни, па некои се обидуваат да „протнат“ и одредена политичка и лична агенда.
Се разбира, за сите вакви предлози дискутираме редакциски за да одлучиме дали да ги објавиме. Разгледуваме голем број критериуми пред понудените содржини да добијат зелено светло за објавување, земајќи ја предвид и нашата уредувачка политика, како и новинарските принципи до кои професионално се придржуваме.
Ако одговориме негативно, најчесто наидуваме на разочарување и тогаш сфаќаме колкава тежина има објавениот текст во „Нова Македонија“. Така, изминатава недела еден познат адвокат, при љубезно одбивање на неговиот предлог за објавување колумна, ми кажа „јас би можел да го објавам ова каде и да посакам. И на портали и по телевизии, па и во странство. Сум објавил еден куп текстови. Но цел ми е да го пласирам текстот во ’Нова Македонија‘, за да допре до македонскиот народ“.
Во одредени случаи, на пример, одбиваме еднострани текстови што фаворизираат теснопартиски ставови. Кај нив не гледаме општ интерес за нашата читателска публика, особено бидејќи се трудиме да имаме урамнотежен пристап, кој нема да натежнува налево или надесно. Не сакаме да бидеме ниту платформа за туѓи препукувања. Да им оставиме на политичарите сами да си ги расчистат сметките при нивните јавни обраќања.
Ако постои сериозна намера за решавање на политичките несогласувања преку медиумите, тогаш веќе има осмислена содржина со испробан рецепт. Не мислам на нашите дебатни емисии каде што политичките противници се надвикуваат без некој конкретен концепт, во присуство на водител што, глумејќи модератор, се мачи да одржи ниво на учтиво соочување на мислењата. Сакав да го предложам како идеја канадското реално шоу „Политички состанок на слепо“ емитувано од 2017 година, кое има цел да ги решава несогласувањата помеѓу тамошните политичари од партии со спротивставени гледишта. Телевизиската програма е инспирирана од колумна во британскиот весник „Гардијан“, објавена во пресрет на општите избори во Велика Британија во 2015 година, за чии потреби политичари од ривалски партии се среќаваа на т.н. состаноци на слепо, без да знаат кој ќе се најде на спротивната страна, најчесто на кафе. А транскриптите од нивните средби беа објавувани во колумна во весникот.
Згора, организаторите на канадското шоу ја унапредија британската идеја, спарувајќи политичари со големи несогласувања, со што им даваа задача да организираат неформални состаноци (играа хокеј или едниот учесник го учеше другиот да управува со комбајн) пред камери за да ги доближат ставовите. Меѓу темите на разговор во шоуто се најдоа даноците, декриминализација на дрогата, затворските реформи, како и законите за оружје. Повод за почнување на телевизискиот проект претставуваа и предупредувањата во јавноста оти токсичната природа на политичкиот дијалог во Канада ги доведува во опасност политичарите, односно дека би можела да резултира со несакани последици. А интересно е што ниеден канадски политичар не го откажал учеството по дознавањето на идентитетот на другиот учесник.
По успешноста на шоуто во Канада, таквиот телевизиски формат беше понуден во Израел, Велика Британија и во Јужна Африка, а беше предвидено снимање и на американска верзија. Па неизбежно е прашањето дали македонските политичари од спротивставени табори би успеале да ги надминат несогласувањата и да ги доближат своите ставови кон опонентите, доколку би биле соочени едни наспроти други на состаноци на слепо. Како би изгледале нивните средби надвор од кабинетите и службените простории? Сигурно дека и јавноста би сакала да види неформални средби помеѓу партиските лидери од власта и од опозицијата. Нека размислат и самите политичари што ќе го прочитаат ова, можеби низ кафе-муабет полесно ќе се разберат.