Во последните „пророчки“ настапи на лидерот на ДУИ (политички наследник на ОНА), за „судбината на Македонците да не постојат“, и понатаму се препознаваат воинствените заканувачки тонови од првите коминикеа на ОНА. Како и да го сфатиле Охридскиот договор во ДУИ (можеби како алатка за постигнување на територијално-освојувачките цели од 2001-та), тоа сепак е договор за регулирање на правата на малцинствата и треба да е гарант за унитарниот карактер на Македонија, во која Македонците се мнозинство
Анкетите со „ловење“ соговорници по случаен избор, и тоа на отворен терен, за новинарски прилог речиси секогаш се задача со ризик дека соговорниците ќе го поместат фокусот на првично замислената тема. Но во таквите „дефокусирања“ се случуваат и такви проблесоци на едноставна животна мудрост на луѓето, кои оние со „необични“ амбиции ги нарекуваат „обични“, што дури ја доведува во прашање и самоувереноста во вештачката интелигенција. Во една таква поодамнешна телевизиска анкета за условите за кредитирање од банките, еден повозрасен граѓанин (етнички Албанец – важно за понатамошниот тек на текстот), веројатно незадоволен од политиката на банките за возраста на клиентите на кои би им дозволила кредитирање, по малку луто коментираше: „Па, не е банката бог, па да знае колку ќе живеам“.
Без оглед на верските уверувања или неверувања, луѓето се чини не можат да ги совладаат во себе љубопитноста да ја предвидуваат иднината и желбата да ја одредуваат судбината – обично на другите. За едни, таквата склоност кон пророштва е доблест, за други – несоодветно аргументирање и однесување според современите културолошки и цивилизациски стандарди. Но кога „пророштвата“ се начин некому да му порачаш дека нема да постои – тогаш сосема логично е пораката да се сфати како закана.
Во таков манир на пророк, пред некој ден (на 13 август), на одбележувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, настапи и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сакајќи да ги нагласи важноста и неопходноста на Охридскиот договор, издејствуван по оружениот конфликт во 2001 година, предизвикан од парамилитантните формации на ОНА (УЧК), кои тој ги предводеше во Македонија, Ахмети порача: „Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе бидат проголтани од Србите, Бугарите и од Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат“.
Со сите обланди на политичка реторика, дури и со „разбирање“ за фрустрираноста на ДУИ што по 22 години не е веќе дел од власта, изјавата е прецизно формулирана за во неа да се препознае тонот на закана, произлезен од увереноста на Ахмети (веројатно и на целата негова партија и коалицијата што ја предводи, а се нарекува Европски фронт) дека на „Македонците им е судено да не постојат“. Како митско пророштво за Македонците, од кое може да ги спаси само добрата волја на лидерот на ДУИ, кој веројатно се смета за исто така митски предодреден (од какви и да се богови) за неприкосновен водач на Албанците во Македонија. Евентуалните сомнежи дека таквите митолошки метафори не се само израз на понесеноста од мигот на славење на Охридскиот договор ги отстранува самиот Ахмети, нагласувајќи дека тоа им го кажал на сите претставници на македонската заедница.
Понатаму, во таквиот митолошки наратив за „судбината за непостоење на Македонците“, преку реториката за „господари“ и „сопственици“ на Македонија, Ахмети се доближува до „современоста“, односно актуелната „болка“ на неговиот политички субјект за трајно да си го обезбеди делот од извршната власта како гаранција за статусот „господар на Македонија“, што и претходно го има истакнувано во различни пригоди, како придобивка од неговото војување во 2001 година и 22-годишното учество во власта.
И покрај митолошко-средновековната перцепција на историјата и реалноста на (со)животот во Македонија, од страна на лидерот на сега опозициската ДУИ, Албанците секогаш биле вклучени во создавањето и градењето на современата македонска држава. Нивниот статус како рамноправни граѓани со друга етничка припадност, различна од онаа на Македонците, кои со АСНОМ во 1944 година ги удираат темелите на својата современа државност, никогаш не била доведена во прашање. Во Втората светска војна, која на територијата на Македонија е и народноослободителна војна, постои Македонско-кососка ударна бригада, во која учествуваат и борци етнички Албанци. Каква и да е (била) перцепцијата на ДУИ т.е. ОНА за „неправдите“ врз Албанците во Македонија, која беше подоцна наведена како причина за напад врз институциите на државата и загрозување на животите и безбедноста на граѓаните, почитувањето на правата на малцинствата во земјава секогаш било над стандардите во европските држави, а секако и над стандардите применувани за македонското малцинство во соседните земји, па дури и во Албанија. Колку и да се викаше гласно подоцна за „загрозените човекови права на Албанците“ и колку и да се криеја првите коминикеа на ОНА (УЧК) од 2001-та, сепак никој не заборави дека во нив беше изразена намера „за ослободување албански територии од славомакедонците“, што е класично загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата Македонија.
Во последните „пророчки“ настапи на лидерот на ДУИ (политички наследник на ОНА), за „судбината на Македонците да не постојат“, и понатаму се препознаваат воинствените заканувачки тонови од првите коминикеа на ОНА. Како и да го сфатиле Охридскиот договор во ДУИ (можеби како алатка за постигнување на територијално-освојувачките цели од 2001-та), тоа сепак е договор за регулирање на правата на малцинствата и треба да е гарант за унитарниот карактер на Македонија, во која Македонците се мнозинство. Впрочем, секој што има желба и амбиција да ја прорекува судбината (на другите), треба да ја има на ум и поговорката „никој не е пророк во своето село“! Или парафразирано од ликот од цитираната стара анкета на почетокот на текстот – ни политичарите пророци не се богови да знаат колку ќе постои некој народ!