Поглед во калеидоскопот наречен Иран

Војната во Иран ја гледам како многу повеќе од „уште една блискоисточна епизода“. Зошто? Затоа што во тој воен конфликт може да се препознае сериозен земјотрес во самиот центар на меѓународниот поредок. Тоа е еден колосален удар, што би рекле Хрватите „у сриду“, со т.н. „триење на геостратегиски тектонски плочи“, што е клучно и за големите и за малите земји, како што е нашата.
Еве, кога големите сили, во овој случај Вашингтон, прибегнуваат кон употреба на т.н. „тврда моќ“ односно воена сила против земја (како во случајов Иран), без меѓународен консензус, меѓународно право и став во меѓународните институции (на пр. ООН) и, згора на тоа, постапуваат и надвор од логиката на вистинските преговори (кои беа во тек во Женева помеѓу Вашингтон и Техеран), тој пример се толкува како јасно предупредување дека американската моќ влегува во сè поризична фаза.
Таа ризична фаза е и поради фактот што и меѓународното јавно право сè поретко се почитува, а не се почитува ниту принципот на воспоставување ред меѓу државите. Токму меѓународното право и воспоставениот меѓународен поредок создаваат амбиент на релативно предвидливи правила и, поради таквиот начин, се генерира некаков вид на мир и состојба во која и да има некакви недоразбирања, се прават напори, според одредени правила, да се решат конфликтите. Добро, рака на срце, ќе се појават понекогаш и некаков вид ограничени регионални војни, но таму интервенираат Обединетите нации, со сите свои расположливи средства.
А војната во Персискиот Залив доаѓа како една нова, сложена ситуација, бидејќи носи низа непредвидливости, особено во однос на формата на агресијата, умислата и натамошните планови.
Е токму поради тоа голем дел од меѓународната заедница (како на пример другите големи сили) реагира на ваква дразба, бидејќи пред сите нив се одвива процесот на создавање мултиполарен свет, а сите сакаат да земат активно учество и дел од колачот. И за нив ќе напишам неколку реда, за да искоментирам сумарно, како реагираат големите сили во врска со случајот со Иран.
И второ, во продолжение сакам и да споменам како реагираат на „иранската дразба“ и меѓународните институции засновани на меѓународното право, како што се Обединетите нации, на пример.
Ајде да почнеме со големите сили…
На пример, кинеската официјална линија е многу јасна и јасно предвидлива. Пекинг инсистира на прекин на огнот, враќање на преговорите и почитување на иранскиот суверенитет. Во кинеските изјави во последните недели постојано се повторуваат ставовите како што се територијален интегритет, меѓународно право, спротивставување на злоупотребата на сила и отфрлање на политиката за промена на режимот. Но таквиот тон не е само дипломатска рутина. Тој одговара на подлабокото кинеско верување дека светот брзо се оддалечува од институционалните правила и се движи кон сурова рамнотежа на моќ во која воената моќ се обидува да го замени изгубениот политички авторитет. Иранскиот случај станува студија на случај за Кина за ова поместување, при што ова го прави Пекинг вонредно претпазлив.
А што се однесува до официјалниот став на Москва за војната меѓу САД и Иран, може слободно да се дека Кремљ се декларира против ескалација во Иран. Русија повикува на избегнување воен конфликт и зголемување на тензиите на Блискиот Исток.

Официјална Москва ја става во предна линија дипломатијата и инсистира проблемите да се решаваат преку преговори, особено околу „нуклеарното прашање“ поврзано со Иран. Понатаму, Москва не бега од отворени критики и кон САД во врска со агресијата над Иран. Впрочем, Кремљ често ја обвинува американската политика (санкции, воено присуство) како фактор што ја дестабилизира ситуацијата. Москва дава политичка поддршка за Иран (иако ограничена), бидејќи Русија има партнерски односи со Иран (политички, економски, во некои случаи и воени), но обично не ветува директна воена одбрана. Рака на срце, на овој начин Москва и ги штити сопствените интереси, поточно, сака да го зачува влијанието во регионот (Сирија, енергетика, безбедност) и да избегне конфликт што би ѝ наштетил.
А како реагира ЕУ? Имено, таа официјално бара деескалација и стабилност и повикува на смирување на тензиите. Сè повеќе е на ставот за нејзино невмешување во конфликтот и недавање поддршка на Вашингтон и Тел Авив. ЕУ дава поддршка на дипломатијата и силно ги поддржува дијалогот и нуклеарниот договор со Иран. ЕУ е екстремно загрижена за економијата и изразува нескриен страв од последиците врз енергетиката и глобалните пазари. Кај неа се чувствува некаква независна линија и се некаков невообичаен нејзин баланс меѓу САД и Иран.
Каква е сумираната реакција на НАТО во врска со конфликтот во Иран? Имено, Северноатлантската алијанса упатува повик за воздржаност и запирање и избегнување директен воен судир. Ставајќи фокус на безбедноста, НАТО бара начини за заштита на сојузниците и стабилноста во регионот. НАТО дава поддршка за САД (условна) како сојуз, но не автоматски за секој конфликт. Повеќепати НАТО повика и да се избегнува проширување на конфликтот, за да не се вовлече целата Алијанса во поширока војна.
И на крај, како реагира загрозеното меѓународно право преку Организацијата на Обединетите нации? Впечаток е дека реагира со декларации и немоќно. Ова не е критика за становиштето, туку е критика на ефикасноста на оваа гломазна творба, која сигурно се загуби во новото време и новите предизвици на меѓународната политика на 21 век. Обединетите нации повикуваат на деескалација и постојано апелираат да се избегне воен конфликт и да се намалат тензиите. Тие апелираат на дипломатско решение, но немаат моќ да го наметнат. Генералниот секретар инсистира на преговори и почитување на меѓународното право. ОН со загриженост гледаат на блискоисточната и на светската безбедност, предупредувајќи дека конфликт би го дестабилизирал целиот регион на Блискиот Исток, а и на глобално ниво. Обединетите нации предупредуваат и на хуманитарниот аспект на кризата, при што ОН укажуваат на можни цивилни жртви и бегалска криза ако дојде до војна. Но изгледа како сè да е попусто и декларативно, затоа што со поделбите во Советот за безбедност на ОН големите сили често имаат различни ставови, што го отежнува донесувањето заеднички одлуки.
И така, секој со своите интереси, секој со своето бреме на плеќи, а проблемот не може да чека. Едно време се потсмевав на изјавите на изборот на мис универзум и сличните избори на светски убавици, кои своите говори ги завршуваа со желби за „МИР ВО СВЕТОТ“! И на тоа по правило имаше најголеми аплаузи. Сега не сум толку потсмешлив…