Процедуралниот приод (или слободата е во придржувањето кон уставно и законски дефинираните норми) ја дефинира легитимноста на демократијата. Демонстрацијата на таквиот процедурален приод го изразува и демократскиот капацитет на поединецот и на колективот за волјата да се живее и гради функционално општество, да се живее во одржлива правна држава со владеење на правото. Се разбира дека и самиот исход од практикувањето на демократскиот инструментариум и законски алатки е многу важен, бидејќи тој е одраз на давањето доверба на избраните лидери. Но последново е секундарно. Примарно е дека легитимноста на демократската процедура зависи од нејзиниот квалитет и само на тој начин идејата се приближува до реализацијата на „мудроста на толпите“. Зошто е битно демократската процедура да биде испочитувана? Затоа што демократијата само така е легитимна и има тенденција да нѐ доведе до „добри или вистински политички одлуки“. Педантно востановената и практикувана демократска процедура на највисокиот инструмент на демократијата (избори или референдуми) овозможува високо ниво на демократско одлучување и има поголема вредност од алтернативните форми на одлучување (во државните институции на пример), во рамките на групата (граѓаните) што носи одредени политички одлуки. Почнаа ли вистинската демократија и почитувањето на процедурите да ѝ се случуваат на Македонија?
Зад нас е првиот круг на претседателските избори, кој мина во знакот на високиот демократски капацитет што беше демонстриран на изборите. За многумина домашни, а пред сѐ странски набљудувачи и аналитичари од ваквиот исход може да се протолкува дека е дојдено времето во Македонија да се воспостават систем и ред. Начинот на кој нацијата ги реализираше овие избори е најдобар показател дека граѓаните посакуваат функционална држава, владеење на демократијата и правото, со еден збор правна држава.
Во изминатите над три децении од македонската независност, граѓаните на Македонија на изборите најчесто гласале против, а многу поретко за. Како по правило, политички партии на изборите биле казнувани или наградувани од граѓаните за своите политики. Во зависност од тоа какви резултати тие покажувале за време на своето владеење такви биле резултатите на изборите.
Несомнено Македонија како држава го положи највисокиот демократски испит, кога највисокиот инструментариум на демократијата профункционира на начин како што ѝ доликува на една земја што претендира за кусо време да стане дел од Европската Унија
Освен неколку ситни технички забелешки и инциденти, како ретко кога изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Граѓаните на Македонија зад параванот можеа мирно и спокојно да го дадат својот глас. За разлика од некои претходни избори, кога на изборите имало безброј инциденти, полнење кутии со гласачки ливчиња, гласања на цели фамилии, кршење кутии, пукања, па дури и убиства, овој пат изборите главно поминаа како „скандинавски“.
Со организацијата на претседателските избори сите институции што беа вклучени во нивната организација го положија испитот не само пред домашната туку и пред меѓународната јавност. Иако има уште многу работи да се исправат, сепак кога станува збор за изборите се чини дека Македонија созреа како држава. Овие избори го покажаа тоа.
Се покажа дека македонското општество има достигнато висок демократски капацитет, што на некој начин е увертира за внатрешните процеси, кои треба да следуваат и кои значат вистински развој на државата во секој поглед.
Демократската пролет што ѝ се случи на земјава, всушност е најдобрата потврда и демант на сите оние што се сомневаат во капацитетите на сопствената држава, дека како општество не сме зрели да почнеме самите да си ги средуваме состојбите.
На овие избори, особено по нивното одржување, бевме сведоци не само на сосема поинакво однесување на учесниците во изборниот процес, особено на лидерите, туку и на сосема друга реторика од некои претходни, кога главно не се признаваа резултатите од изборите или за поразите се бараа виновници на други адреси, па дури и поништување на резултатите од изборите.
На овие избори и победниците и поразените по добиените резултати излегоа со изјави пред граѓаните дека за Македонија се работи и дека време е да се остават настрана сите разлики и да се обединат зад идејата за европска Македонија.
Македонија во Европа е желба на сите политички партии во државата. Но останува засега нејасно како партиите да се договорат како да се стигне до Брисел и по која цена.
Пораката што гласачите ја испратија до партиите и нивните политички лидери е сосема јасна. Треба да се биде крајно неодговорен и политички дилетант истата таа да не се разбере.
На претседателските избори граѓаните на Македонија испратија порака до политичарите дека тие треба да се борат за Македонија, за својата држава. На референдумот на 8 септември во 1991 година граѓаните речиси плебисцитарно се изјаснија за своја, самостојна, суверена и независна држава Република Македонија, во која секој еден граѓанин ќе биде свој на своето и ќе ги ужива сите европски права и вредности. На изборите се поставија високи демократски репери под кои веќе не може да се оди, односно Македонија од избори во избори може да гради само повисоки и повисоки демократски стандарди.
Пораките од народот се испратени, останува сега кој како ќе ги разбере и прочита.