По Османи потоп

Деновиве во јавноста повторно се огласи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, испровоциран од некои изјави на премиерот Христијан Мицкоски за тоа како ја водел надворешната политика. Тој во писмена порака му одговара на премиерот дека за македонските етничка прашања преговарал транспарентно и со амин од институциите, а дека нападите кон него се насочени затоа што е Албанец и со намера политичарите од редовите на албанската заедница во земјава да се прикажат како безвредни.
Во кратки црти тоа беа репликите на релација премиер-ексминистер за надворешни, што во една постојана политичка борба е горе-долу нормална работа.
Нејсе, она што политичарите меѓусебно ќе си го разменат е една работа, но она што народот го гледа и чувствува, тоа е друга работа бидејќи токму народот е единствениот репер што покажува дали се водат добри или лоши политики.
Но да почнеме со ред. Како новинар подолг период ги следам случувањата во делот на македонската надворешна политика, вклучително и во мандатот кога на чело на македонското МНР беше токму Бујар Османи, па затоа си земам за слобода да ги прокоментирам тезите што ги изнесува во писмената порака.
Прво, никој не го стави под прашалник легитимитетот на Османи како тогашен министер за надворешни работи да ја предводи надворешната политика, но сите, вклучително и дел од Албанците во земјава, му порачаа јасно дека треба да се дистанцира од идентитетските прашања што се однесуваат на македонскиот народ. Да бидеме на чисто, за идентитетски прашања немаат мандат ниту политичарите Македонци, или едноставно кажано, за нив НЕ СЕ ПРЕГОВАРА! А што направи Османи, не само што отиде во неколку наврати тајно во Софија да преговара за идентитетски прашања туку и овде ја убедуваше македонската јавност дека немало ништо да загубиме ако ги прифатиме бугарските услови. Дури и ни црташе на табла, небаре не ни фаќа црпката да разбереме што ни кажува. Тоа демек не беше понижување и обезвреднување на мнозинскиот македонски народ.
Понатаму, вели дека преговарал во името на Република (како што милува да ја ословува со одредница) Македонија, со полн мандат од Собранието, премиерот, претседателот на државата и институциите. Ова баш и не е точно. Османи целосно го бојкотираше Собранието, одбиваше да се појави пред собраниската Комисија за надворешни работи и да информира за што се преговара со Бугарија, ги исклучи и другите институции од какви било информации за текот на преговорите со официјална Софија. Тоа дека добил бланко-дозвола од премиерот, вицепремиерот за европски прашања и од претседателот на државата да ги води преговорите не може да се смета за релевантно, имајќи го предвид фактот дека тие мораше да се подвизуваат на барањата на ДУИ за да не падне случајно Владата, па да мораат, не дај боже, предвреме да се збогуваат со функциите.

Кога пристигна францускиот предлог, Османи најави транспарентен процес, дебата за предлогот и потоа заеднички да се донесе одлука дали тоа е прифатливо за нас. Лично присуствував на таа јавна дебата на која беше презентиран „францускиот предлог“ пред медиумите во Клубот на пратениците, која траеше, ни повеќе ни помалку, 52 минути. Замислете, за предлог што ја закопа македонската европска иднина и ја стави државата во потчинета улога кон друга држава не се отвори сериозна општествена дебата со вклучување експерти, професори, јавни личности, политичари. Расправа што би траела, месец, два, па и пет, туку се протурка за едно попладне. И тоа беше истиот оној предлог што „како нож му го парал стомакот“ на еден поранешен премиер, а на тогашниот претседател на државата му се темнело пред очи. Во Собранието не им го ни дадоа. И тоа Османи го протурка на своја рака, глумејќи некаква институционална расправа додека илјадници граѓани протестираа по улиците и бараа тој да не се прифаќа.
И повторно, во писмената порака, Османи продолжува да ја истакнува исклучиво сопствената заслуга за сето она што се случуваше додека тој беше на функција. Без ронка скромност вели дека „под негово водство Македонија станала претседавач со ОБСЕ“, ја спасил Организацијата од пропаст, го воспоставил светскиот мир. И ова не е баш така. Кандидатурата за ОБСЕ беше процес започнат многу поназад, а тоа што се погоди токму во неговиот мандат да се случи претседавањето е чиста случајност, среќа, ете му се погодило на човекот.
Уште вели дека во негово време сме станале земја од Западен Балкан што воспоставила Стратегиски дијалог со САД. Очигледно подзаборава дека за овие заслуги треба да се врати малку поназад во годините и да признае дека Стратегискиот дијалог за кој говори всушност е дел од Стратегиското партнерство што го воспостави Македонија со САД на 7 мај 2008 година.
Ексминистерот уште додава дека во преговорите со Бугарија и низ процесот на европска интеграција сме успеале да го заштитиме македонскиот јазик – без фусноти, без објаснувања, со чиста формулација во преговарачката рамка. И ова не е точно. Бугарија си поднесе објаснувачки документ што стои депониран во ЕУ и кој во одреден период ќе биде активиран. Веројатно ако некогаш влеземе во Унијата, тогаш таа „фуснота“ ќе дојде до израз, во која јасно стои дека „њама македонски јзик“. Македонската етничка културна и историска посебност не е одбранета ниту со зборови ниту со дела. На секој чекор нѐ ословуваат како „северномакедонци“, македонската култура дрско се претставува како бугарска, почнувајќи од македонските народни песни, фолклорот, обичаите, носиите и слично. За историјата воопшто и да не говориме. Ако е одбранета историјата, чуму тогаш Османи прифати историски комисии?

Понатаму објаснува дека во МНР доминирале дипломати со македонско етничко потекло, со искуство и авторитет, токму со цел да нема простор за импровизации кога се работи за сензитивни прашања. Тогаш зошто беа протестите од страна на македонскиот дипломатски синдикат, кој обвинуваше дека искусни дипломати се маргинализираат, клучни места во светот беа со години без амбасадори, додека по Њујорк и наоколу се испраќаа водителки и други заслужни сопартијци на тогашниот министер што немаат никаква врска со дипломатијата.
Македонскиот народ немал никаков проблем со етничката припадност на некој функционер, туку има проблем со нестручноста. Во истата влада беше и Фатмир Бесими, негов сопартиец и исто Албанец. Човекот ги водеше финансиите на државата. Дали нему некој му забележа и бараше да се тргне од финансиите баш затоа што е Албанец и дека е помалку вреден и способен? Не, на Османи никој не му забележува тоа што е Албанец, впрочем беше и министер за здравство, но му забележуваат дека никогаш не може да го има оној сенс кога се допираат идентитетски прашања на некој друг народ. Како Албанец ревносно се вклучи во лобирањето за признавање на Косово, толку се внесе во целата таа работа, што во еден момент македонските граѓани со право се прашуваа чиј министер е тој, македонски или косовски?
Неговиот проблем беше што се дистанцираше од институцијата што ја предводеше и си зеде за слобода сам на своја рака да носи одлуки. Го слушаше својот политички ментор Ахмети и така ја водеше надворешната политика, наместо институционално, одеше директно, макар и на македонска штета, но никогаш да не се навредат Софија или Атина. Поради таквиот однос беше казнет и од граѓаните на изборите, од сите, без разлика на етничката припадност. Го казнија поради лоши резултати во надворешната политика, а не поради етничката припадност.
Едно е што кажал премиерот за него или некој друг политичар, но ова е перцепција на народот. Тој ги изневери Македонците бидејќи најмалку што можеше да направи е преговорите со Бугарија, особено во делот со идентитетските прашања, да им ги отстапи на оние што чувствуваат што значи да им се негира правото на постоење како Македонци со македонски јазик, историја и култура. Тоа ќе беше доблесно од негова страна, исто како што ќе беше доблесно да кажеше дека сите успеси на државата се заеднички и се плод на работа на многу други пред него, а не само негови. Она што е вистинска негова заслуга, како и на неговите соработници од поранешната влада, е само блокадата на македонските евроинтеграции. За тоа мора да му се признае!