Писмо од Неапол за Скопје

  • Во повеќето градови собирањето ѓубре е дискретна, речиси невидлива услуга преку која отпадот од домаќинствата исчезнува со татнежот на камион за смет, но во Скопје, како и во Неапол, ѓубрето стана политичко прашање што се прелева во јавниот дискурс, особено во време на избори. Околностите во двата града се различни, но можат да се извлечат поуки од италијанското искуство

Купишта ѓубре по тротоарите и околу зградите се прелеваат надвор од преполни контејнери и канти од кои се шири смрдеа што привлекува стаорци и други штетници, доведувајќи ги во ризик од зарази жителите и нарушувајќи ја репутацијата на градот. Веројатно би помислиле дека со оваа реченица го опишувам Скопје со мачните глетки што се забележуваат изминатите неколку недели во главниот град, но всушност станува збор за текст од странски медиуми со кој е опишан хроничниот проблем со отпадот во италијанскиот град Неапол.
Околностите во Неапол и во Скопје се различни, но можат да се извлечат поуки од италијанското искуство. Неапол страда од изливи на ѓубре низ градските улици од 1994 година, кога Италија прогласи вонредна состојба откако нелегалното фрлање отпад од страна на локалната мафија ги преполни депониите во регионот. Во 2007 и 2008 година маките на градот го оцрнија угледот на целата нација, бидејќи купиштата отпад ги одвратија странските туристи пред тогашните општи избори во земјата. Слично на тоа искуство, белгискиот поет Кевин Амсе, во интервју за „Нова Македонија“ објавено неделава, по неговата неодамнешна посета на земјава, истакна дека „Скопје е навистина убав град, но, од друга страна, се забележуваат напуштени домови и изобилство ѓубре. Има ѓубре на улиците, дури и во реката“… Зарем сликата за ѓубрето да биде прв впечаток на оние што доаѓаат во главниот град, која е извесно дека ќе ја понесат со себе кога ќе се вратат дома?!
Во повеќето градови собирањето ѓубре е дискретна, речиси невидлива услуга преку која отпадот од домаќинствата исчезнува со татнежот на камион за смет, но во Скопје, како и во Неапол, ѓубрето стана политичко прашање што се прелева во јавниот дискурс, особено во време на избори. Многумина скопјани негодуваат гласно поминувајќи во близина на расфрланото ѓубре или изразуваат незадоволство на социјалните мрежи, каде што критичарите се поделени на два табора – на гневни и испаничени што бараат виновници и на оние што прават шеги за алармантната состојба, споредувајќи ги вработените во „Комунална хигиена“ со митски суштества што ретко се забележуваат (како тие да се виновни) или правејќи видеа со вештачка интелигенција, на кои се прикажани џиновски стаорци како извираат од купишта ѓубре.

А ѓубрето зазема главна улога и во изборната кампања, „гостувајќи“ во политички спотови додека кандидатите за градоначалници, па и за советници, се надвикуваат меѓу себе со заложбите за чистење на градот. Градоначалниците на скопските општини неделава одржаа состанок во рамките на ЗЕЛС, со единствена цел да се најдат решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена“ и за проблемот со отпадот, при што одредени општини веќе усвоија мерки што треба да се спроведат. Обвинителството истовремено ќе врши проверки во работењето на ЈП „Комунална хигиена“, а вонредни инспекции на терен ќе треба да преземат низа активности поради алармантната ситуација со отпадот во Скопје.
„Нова Македонија“ пред повеќе од една година пишуваше за неможноста на градската управа во Скопје за спроведување на основните функционални надлежности поради политичко-административни причини, што уште посилно ја става во прв план потребата од стручни, професионални и одговорни кадри што ќе се грижат за градот и потребите на граѓаните. Скопјани без нивна вина веќе неколку години се соочуваат со голем број предизвици на урбаното живеење, барајќи остварување на нивното основно право да живеат во функционален град. Па токму тековните локални избори претставуваат шанса за изборување за тоа право.
Жителите на Неапол, пак, на поинаков начин се обидоа да ги остварат своите права – преку спроведување насилни протести во кои се судрија со полицијата, како и со тужба поднесена до Европскиот суд за човекови права. Судот пресуди дека Италија ги прекршила човековите права на жителите на Неапол и околината, со тоа што последователни влади не успеале да се справат со долгогодишната криза со отпадот и загадувањето, иако се обидоа и со распоредување на армијата низ улиците на градот и со редица други мерки. Се смета оти кризата придонела за повисоки стапки на смртност од рак во областа што опфаќа 90 општини со население од речиси три милиони, на кои им е одземено „правото на живот“, како што нагласи судот во Стразбур.
Кога Неапол и Скопје би биле збратимени, тамошните локални власти веројатно би им пишале на колегите од нашата метропола за да ги посоветуваат како да се справат со проблемот со отпадот, со кој и тие се борат со децении. Сигурен сум дека пораката би била кратка и јасна – најдете начин да го исчистите ѓубрето од улиците што е можно побрзо!