Измина уште една година, година на турбулентни превирања, година на избори, година на скромни очекувања, но и на скриена надеж дека можеби утре ќе биде подобро. Велат, додека има надеж, има и шанса работите конечно да тргнат на подобро.
Со таква надеж македонските граѓани ја дочекуваат и оваа нова 2025 година, се разбира, поспокојно, без големи илузии дека нешто инстантно ќе се случи и дека од 1 јануари сите ќе живееме веднаш најдобро, богато, поздраво и посреќно. Не, но сето тоа ќе се развива полека, со сигурен чекор, битно е да се има визија, добар план, човечки ресурси, кои веруваат во мисијата и се придружуваат што повеќе во неа.
По три децении разочарувања, до скоро рамнодушноста царуваше во македонското општество и тоа беше најлошата особина што можеше да ја попримат овој народ и нација, бидејќи од тој момент престанува каква било мотивација и работите едноставно се препуштат на стихијата или на она нашето добро познато „така требало да биде“.
Сепак, ништо не треба да се остава на случајот и на „така требало да биде“, туку конечно треба да почнеме да размислуваме како всушност ние да ги промениме работите наместо постојано да чекаме некој друг да го направи тоа за нас.
Своевремено, уште додека Македонија беше дел од поранешна СФР Југославија, во учебниците по историја неодминливо четиво беа таканаречените петолетки. Секој ученик мораше да ги знае, исто онака како и партизанските офанзиви. Клучна беше првата петолетка, секој требаше да ја знае неа, а потоа по нешто и од другите петолетки, но првата беше најважна. Со неа започна масовната изградба на инфраструктура, патишта, железници, фабрики, се воспостави надворешна политика, се градеа институции, едноставно федерацијата ги добиваше сите атрибути на функционална држава. И Македонија во рамките на таа федерација во таа прва петолетка почна да ги стабилизира државните контури.
Сега оваа 2025 година е добра можност земјава да ја започне својата нова петолетка, па до 2030 година да ги заокружи сите процеси што ги зацртала и конечно да заплови во помирни води во кои единствена цел ќе биде подобрување на благосостојбата на граѓаните.
Сега е време за првата македонска петолетка, за да застане на нозе државата по годините девастација на сите нивоа, од институционално, инфраструктурно, економско, образовно, здравствено…
Земјата има нова влада и добра можност во следниот период да почне да работи на поправање на сите дефекти, како единствена надеж да се врати насмевката кај граѓаните.
Тоа значи дека мора да почне институционалното закрепнување така што институциите ќе се полнат со најквалитетните стручни, а не партиски кадри. Не е важно кој од кој етникум е, важно е да биде најдобар и да си ја знае работата. Потоа, да се врати владеењето на правото, судството да се ослободи од политичките стеги и да почне да суди според словото на законот. Обвинителството конечно треба да се разбуди од зимскиот сон и да постапува по секој допрен глас, навод, докази, без да чека ишарет од некоја амбасада или на објави на црни листи. Уставниот суд треба да биде чувар на уставноста на законите и на правниот поредок на државата, без да им робува на нечии партиски политики и нарачки. Нашите институции треба да станат позитивни примери во извештаите на ЕК, Стејт департментот и на други меѓународни тела, но најважно од сѐ, нашите институции треба да се докажат пред сопствените граѓани, да им се врати вербата и во судството и во обвинителството и воопшто во владеењето на правото и правната држава.
Тоа е првиот чекор во нашата петолетка. Вториот, паралелен со првиот, нека биде бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот. И најобичните граѓани знаат каде има корупција и каде има криминал и тоа го сигнализираат постојано, но недостигаше институционален одговор. Сега гледаме дека институциите се будат. Корумпираните почнаа да бегаат преку граница, на криминалците почна да им гори под нозе откако нивните доушници беа откриени, се удира и по криминалот со украдени луксузни возила, по стопанскиот криминал, по разните финансиски малверзации, така што полека почнува да се враќа надежта дека и во оваа држава корупцијата и криминалот не се исплатуваат. Сето тоа треба да биде заокружено со правен процес преку кој ќе бидат отфрлени секакви дилеми дека станува збор за некакви политички процеси и реваншизми, а кај оние што ќе биде утврдена вина, да одговараат и да си ја добијат заслужената казна, по нов европски Кривичен законик, а не по нивен адаптиран. Не е реваншизам пресметката со криминалците, корумпираните, со оние што ги прегазиле македонскиот устав и законите!
Клучно ќе биде да се крене на нозе македонската економија. Поволните кредити што ги обезбеди државата за стопанството се добра можност да се иницира нов економски раст, да се разбуди подзаспаното производство, да се иницираат нови бизниси, нови технологии, да се обезбеди конкурентност на македонските производи и на тој начин земјава да стане економски лидер во регионот, онолку колку што се нејзините капацитети.
Сето тоа треба да биде проследено со инфраструктурна пролет, баш како во првата петолетка, да почнат да се градат брзи пруги, да се довршат автопатиштата, да се направат нови регионални делници, да се обезбедат енергетски капацитети со кои ќе се намали зависноста од увоз на енергенти.
Петолетката подразбира и своевидна ренесанса во образованието, здравството, екологијата, за да може да се добиваат учени кадри, кои наместо да бегаат од земјава, ќе ја почувствуваат новата енергија и ќе сакаат да остават личен печат во новата македонска обнова.
Нашата петолетка треба да значи и свртување нов лист во надворешната политика и односите со странските партнери. Времето на понизни политики помина. Ова се времиња кога секоја одлука треба добро да се осмисли, оти слепата послушност се виде до каде нѐ одведе, да бидеме во подредена улога кон соседите и да бидеме заглавени токму поради прифаќањето штетни предлози и договори.
Македонската дипломатија и генерално целата надворешна политика сега се синхронизирани, нема разногласие, туку со еден глас точно и прецизно се кажува до каде Македонија може да оди и дека од таа позиција нема мрднување ниту за милиметар. Ваквиот настап резултира и со сѐ поголема надворешна поддршка, а ќе дојде време кога и нашите соседи ќе увидат дека добрососедството се гради со заемно поитување и разбирање, а не со наметнување некои анахрони наративи и политики.
Како и да е, оваа влада има четиригодишен мандат, но нашата петолетка треба да биде обврска за секој политичар, актуелен и иден, да ја гради и унапредува својата земја постојано, наместо да ја троши енергијата за политички сплеткарења и меѓусебни подметнувања, како и за беспредметните партиски прес-конференции во кои никој повеќе не верува. Граѓаните сакаат да видат напредна држава, без корупција и криминал, во која ќе владее правото, со многу работни места, со чиста животна средина, квалитетно образование, здравство, со пристојни плати и пензии, кога лажните насмевки на лицата од корпоративните реклами по телевизиите ќе станат вистински и ќе се преселат и меѓу обичните луѓе, кога вообичаеното „среќна Нова“ ќе стане вистински изблик на нова надеж и енергија. За нов почеток.