Пензионерски агрегат

17Велат дека кај нас имало околу 300.000 пензионери. Колкава армија луѓе е тоа што уште можат продуктивно да се искористат во одредени области? Колку уште неискористени идеи и размисли стојат некаде во некои ќошиња на нашето секојдневие? Колкумина од нас немаат со кого и да разменат некоја идеја, некоја размисла? И овде не мислам само на постарите, на пензионерите. Мислам и на оние младите, на активните, во најубавите години. Колку, пак, тие се дружат меѓу себе, колку разменуваат идеи, колку воопшто разговараат еден со друг?

Пензионерскиот живот носи изненадувања секој ден. Наспроти предрасудите за здодевните пензионерски денови, се редат случувања што не го оставаат човек да му биде здодевно или, пак, не дај боже, да не знае што да прави со себе.
Така, пред некој ден, во редовното собиралиште дојде поранешниот професор по математика со еден, така пообемен, таблет и значајно го стави на масата.
„Другари, мислам дека имаме одлична шанса“, извика уште пред да го порача пладневното кафе. Ние мислевме дека повторно открил некоја „генијална“ комбинација за во обложувачница, која повторно ќе ни ги испразни џебовите, наместо, конечно, еднаш и ние да погодиме. За среќа, професоров веќе имаше подготвен план, на кој никој не му најде забелешка, дури и сите се заинтересиравме да учествуваме.
Имено, неговиот план е мошне едноставен, иако ќе ни треба време да го спроведеме. Во согласност со новата владина мерка за цените во малопродажбата, тој предлага да се организираме и да изготвиме интернет-продукт што уште повеќе ќе им ја олесни работата на граѓаните, а нам ќе ни донесе секојдневен ангажман, зошто да не еден ден и некоја ситна паричка, ако проектот успее. Неговата бизнис-идеја е да направиме портал, агрегат, на кој на едно место ќе ги собереме веб-страниците на сите поголеми синџири трговски маркети и аптеки. Продавниците за мебел да ги оставиме на некои помлади ентузијасти, за толку многу работа немаме ни луѓе ни сила.
Во едно друштво што главно се занимава со геополитика и фудбалски резултати, со менување и поставување влади и озборување на отсутните, оваа идеја на сите ни се виде добредојдена. Одлична за промена, како свеж воздух по напорен ден, како менување батерии…
За почеток, сите ги извадивме на маса мобилните телефони и почнавме да кликаме, да буричкаме по интернет. Ги ставивме како фаворити сите поголеми аптеки и поголемите маркети… И доволно е за почеток. Утре повеќе. Да ја осмислиме прво добро концепцијата, па потоа да преминеме на нејзино спроведување.
Немој да помислите дека ние сме први другари со Елон Маск, па ја спакувавме работата како што треба. Нека одлежи прво идејата, да одржиме уште еден-два конструктивни состанока и – ќе бидне. Набргу ќе се изроди првиот македонски потрошувачки агрегат. Што и каде може да се набави, по која цена – сето тоа на едно место.

Охрабрен од сето ова, веднаш почнав да размислувам што и како можам да придонесам за да се реализира ова. Повторно сме во акција. Па дури и да не ја реализираме оваа интересна бизнис-идеја, ако ништо друго, барем ќе ни ги размрда мозоците во позитивна насока. Ќе се заангажираме сите за нешто конкретно и наместо бесконечни муабети, ќе почнеме нешто да работиме. Можеби не сме сите докрај технички подготвени, но затоа меѓу нас има и луѓе што се експерти во оваа област, луѓе што точно ја знаат силата на интернетот, особено ако правилно се користи.
И сето ова ме наведе на уште една размисла. Велат дека кај нас имало околу 300.000 пензионери. Колкава армија луѓе е тоа што уште можат продуктивно да се искористат во одредени области? Колку уште неискористени идеи и размисли стојат некаде во некои ќошиња на нашето секојдневие? Колкумина од нас немаат со кого и да разменат некоја идеја, некоја размисла? И овде не мислам само на постарите, на пензионерите. Мислам и на оние младите, на активните, во најубавите години. Колку, пак, тие се дружат меѓу себе, колку разменуваат идеи, колку воопшто разговараат еден со друг?
Многу прашања што бараат одговор, иако одговорот добро го знаеме и тој не е многу охрабрувачки. Се затвораме сѐ повеќе во себе, се оддалечуваме едни од други, не сфаќајќи дека така само правиме чекор кон непосакуваното.
Но да не бидам песимист при толку добра идеја на професорот. Еве ни шанса да се размрдаме, да се активираме целосно. Создавање мрежа со понудата и со цените на маркетите и аптеките е крупен залак со кој се зафаќа една мала група пензионери. Ако ова е добар пример за секој што може да си најде мотив што ќе го натера да се активира на кој било план, мислам дека сме ја постигнале целта. А нашиот агрегат, кај и да е, ќе го направиме.