- Почитувани мои сограѓани, Македонија нема обврска да прифаќа лекции за демократија од држава што не ги спроведува европските судски одлуки. Држава што целото македонско малцинство го држи „невидливо“ три децении. Држава што не признава идентитет, јазик и историја. Држава што бара измени во туѓ устав, додека својот фаличен устав (по основа на правата и слободите на малцинствата во Бугарија) го брани со идеолошка жестина
Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека „должност на секоја демократска држава е ефикасно да ги штити правата на сите свои граѓани и да го гарантира нивното право на самоопределување“ претставува врв на политичкиот цинизам. Тоа е дрскост што ретко се гледа, дури и на Балканот – регион веќе навикнат на политички парадокси и апсурди.
Прашувате зошто? Има ли потреба од објаснување? Јас мислам дека има. На секоја нова иронија и на секое ново исмејување на вредностите од областа на човековите индивидуални и колективни права од страна на официјална Софија треба да се одговори. И тоа жестоко. Бидејќи навистина тие се заборавија во своите експликации и поведенија, поддржани од Брисел. Попрецизно кажано, забегаа во своите официјални политики со кои ги деноминираат основните универзални и природни права – јус когенс, на очиглед на сиот демократски свет.
Замислете, бугарскиот претседател Радев денес ни држи лекции за демократски вредности, човекови права и за самоопределување?! А иронијата е што токму тој е најгласниот носител на бугарската политика, која со години системски го негира македонското малцинство во Бугарија. Ова не е ли факт?!
Овој човек, кој зборува за демократија, а во сопствената држава игнорира повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права, одбива да дозволи регистрација на македонски здруженија и поддржува декларации во бугарскиот парламент со кои се тврди дека „не постојат Македонци“, односно континуирано во сиот негов мандат одржува политика на институционална невидливост кон цела заедница. Не е ли ова факт?!
- Колку и да изгледа парадоксално, политиката на бугарско негирање денес работи во полза на вистината. Затоа што секоја нивна изјава е признание по себе. Кога мора да повторуваат дека не постојат Македонци – тоа е затоа што постоиме. Кога стравуваат од самоопределување – тоа е затоа што знаат дека го имаме. Кога бегаат од европските пресуди – тоа е затоа што вистината им е најголемиот непријател. Слободарска и суверенистичка Европа гледа. Светот гледа. А Радев со вакви изјави само ја разголува политиката што се обидува да ја скрие: дека колку повеќе негира, толку повеќе нè признава!
И токму од таа позиција Радев зборува за самоопределување?! Ма ајде, ви се молам!? Тоа не е само контрадикторно – тоа е политички театар од највисок ред.
Еве уште еден факт: Бугарија е единствена земја членка на Европската Унија што организирано и упорно ги крши пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за македонското малцинство. Додека од Стразбур, од страна на Советот на Европа, институција уште наречена и со името европската совест, ѝ се порачува на Бугарија да ги почитува човековите права, претседателот на Бугарија, Радев, излегува пред камерите и глуми европејство – но само кога станува збор за Македонија. Тоа е класичен двоен аршин: за дома – негирање, за надвор – морални лекции.
Но има ли јунак од Брисел, од европската влада (Европската комисија), да му се обрати и да му плесне в лице дека доколку тој навистина верува во „право на самоопределување“, треба да направи прв и единствен чекор што е многу едноставен: Бугарија да го признае она што светот одамна го знае – дека во Бугарија постојат Македонци.
Сè додека не се случи тоа, неговите изјави звучат како лекција за екологија од фабрика што исфрла црн чад.
Затоа, почитувани мои сограѓани, Македонија нема обврска да прифаќа лекции за демократија од држава што не ги спроведува европските судски одлуки. Држава што целото македонско малцинство го држи „невидливо“ три децении. Држава што не признава идентитет, јазик и историја. Држава што бара измени во туѓ устав, додека својот фаличен устав (по основа на правата и слободите на малцинствата во Бугарија) го брани со идеолошка жестина.
Колку и да изгледа парадоксално, политиката на бугарско негирање денес работи во полза на вистината. Затоа што секоја нивна изјава е признание по себе. Кога мора да повторуваат дека не постојат Македонци – тоа е затоа што постоиме.
Кога стравуваат од самоопределување – тоа е затоа што знаат дека го имаме.
Кога бегаат од европските пресуди – тоа е затоа што вистината им е најголемиот непријател. Слободарска и суверенистичка Европа гледа. Светот гледа. А Радев со вакви изјави само ја разголува политиката што се обидува да ја скрие: дека колку повеќе негира, толку повеќе нè признава!
Македонците треба да одговорат достоинствено – со факти, со вистина и со мирна увереност во тоа што сме: народ со свое име, свој јазик и со своја историја што никој, ни претседател ни декларација, нема сила да ги избрише.

































