- Мислењата за Трамп и неговите политики се поделени, при што тие можеби не наидуваат на одобрување кај мнозинството од светската јавност. Но мора да се истакне дека американскиот претседател се придржува до претходно изнесените ветувања, како што е, на пример, определбата за носење мир на Блискиот Исток и во Украина, на што работи со полна пареа, на свој начин. Токму затоа, многумина (до неодамна) гласни критичари на лидерот на САД ја сменија плочата или стивнаа во изразувањето незадоволство
Многумина ја прогласуваа ерата на Пакс Американа за мртва, закопувајќи го меѓународниот поредок на релативен мир што САД го изградија по Втората светска војна врз основа на нивното економско и воено водство. Овие предвидувања особено се засилија по реизборот на американскиот претседател Доналд Трамп, за кој дипломати и политички коментатори тврдеа дека не е заинтересиран за одржување на Пакс Американа како што беше случај со неговите претходници. Меѓу шпекулациите за начинот на кој Трамп ќе го трансформира светот, една од најпесимистичките беше дека тој ќе ја врати планетата во геополитичките околности од пред еден век.
Според ова сценарио, Америка под водство на Трамп се очекуваше да стане целосно изолационистичка преку повлекување од меѓународните трговски и безбедносни сојузи, што би го искористиле нејзините ривали. Згора, некои од политиките на Трамп одеа во полза на ваквите тврдења, откако високите царини, како и критиките кон Обединетите нации и НАТО сугерираа дека американскиот лидер постепено ги отфрла традиционалните сојузништва, што води до неминовен крај на актуелниот светски поредок.
Но, од друга страна, одредени потези на претседателот на САД сугерираат дека неговата администрација не се оттргнала од глобалните прашања. Тоа го почувствуваа Иран и милициите на Хутите во Јемен, врз кои САД извршија воздушни напади, додека моментно спроведуваат воени операции во Карибите и Пацификот, насочени против трговијата со дрога, како што беше соопштено. А секако дека ваквите еднострани акции на САД придонесуваат за затегнување на меѓународниот поредок што тие самите се стремат да го одржат.
И конфликтите во Газа и во Украина исто така ја предизвикаа одржливоста на Пакс Американа. Но мировните преговори во Газа оживеаја одредени аспекти на поредокот со тоа што наметнуваат решенија посредувани од САД и покрај наидувањето на отпор. Постојното глобално влијание на Америка на тој начин продолжи со обликување на мировните напори и дипломатските иницијативи за ставање крај на војната во Украина, со изготвување на мировниот план од 28 точки, откако претходно беше постигнато примирје во Појасот Газа преку слично мировно решение изготвено од администрацијата на Трамп. Во однос на предложениот план за Украина, се покажа дека светските сили во заднина се договараат околу идните геополитички планови и распределбата на моќ во глобални рамки без да ги земат предвид споредните актери. Суверенизмот како главна одлика на политиката на Трамп во неговиот втор мандат, веќе е во подем низ светот, со што либералниот интернационализам, односно глобализацијата, постепено се отфрла во новата визија за глобалниот поредок. И Македонија токму тука бара можност за остварување на своите интереси.
Мислењата за Трамп и неговите политики се поделени, при што тие можеби не наидуваат на одобрување кај мнозинството од светската јавност. Но мора да се истакне дека американскиот претседател се придржува до претходно изнесените ветувања, како што е, на пример, определбата за носење мир на Блискиот Исток и во Украина, на што работи со полна пареа, на свој начин. Трамп веројатно стекна право да тврди дека постигнал „мир во негово време“ и дека заслужува кандидатура за Нобелова награда.
Токму затоа, многумина (до неодамна) гласни критичари на лидерот на САД ја сменија плочата или стивнаа во изразувањето незадоволство.
Поредокот Пакс Американа од 1948 година всушност се покажа како исклучително флексибилен и издржлив наспроти многубројни предизвици, вклучувајќи економски кризи, големи воени конфликти во кои учествуваа САД и исчезнувањето на главниот антагонист – Советскиот Сојуз, како и на подемот на некои нови ривали. Предвид треба да се земе и зголеменото значење на земјите од БРИКС во светската економија и политика, што нужно ќе доведе до одредени промени во силите и центрите на моќ, во процесот на трансформација од униполарен во мултиполарен поредок во светот.
Новата верзија „Пакс Американа 2.0“, затоа ќе биде поинаква од првичната, поради сменетите глобални услови, но нејзината цел за стабилизирање на глобалниот поредок преку траен мир, без пошироки конфликти, треба да остане иста. Желбата за постигнување мир во значително турбулентните времиња кога во повеќе делови од светот се водат војни, мора да преовладува во реториката и политиките на носителите на глобална моќ, како и на меѓународните организации и медиумите, односно во целокупната светска јавност, наспроти зголемувањето на стравовите за прераснување на регионалните воени конфликти во глобален судир, како најлошо сценарио.


































