Оваа Софија нема кредибилитет да ни држи предавање за почитување на човековите и малцински права

Последната бугарска резолуција во нивниот парламент е уште еден обид за проактивно дезавуирање на македонските успеси при прикажување на фактичката состојба (Бела книга), во која Софија ги гази меѓународното право, човековите и малцинските права… Моментумот на ова дезавуирање од страна на Софија е штелувано токму во пресрет на европскиот извештај за напредокот на Македонија. Но ова и вакви слични поведенија не можат да бидат испрани ниту од реката Искар, која врви низ Софија!

Можеби звучи чудно, но честопати постои огромен јаз помеѓу искажаното и поведението, поради што доаѓаме до апсурд на апсурдите! Совршен пример за ова е и последната резолуција на бугарскиот парламент, во која меѓу другото се вели дека меѓународните организации треба строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници. Бугарските политички чинители може бескрајно да усвојуваат заклучоци, но нивното поведение е како во народната поговорка, ем шуто ем боде, затоа што не се компетентни да општат за почитување на човековите и малцинските права, нешто што е потврдено од целиот свет. Секако, последната бугарска резолуција е обид за проактивно дезавуирање во пресрет на европскиот извештај за напредокот на Македонија, но ова и сличните поведенија не можат да бидат испрани ниту од реката Искар, која врви низ Софија!
Некој може постојано да повторува дека во Република Бугарија не постои комитет за малцинства, но на лагата и се куси нозете. Вакво тело постои и е именувано како Национален совет за соработка за етнички и интеграциски прашања, а во неговиот правилник се вели дека оваа институција ги извршува своите активности за да ги постигне целите, како што се гарантирање на еднаквото право на човековиот развој, зачувување и зајакнување на етничката толеранција и разбирање, создавање и развивање услови потребни за бугарските граѓани што им припаѓаат на етничките малцинства за да ја одржуваат и развиваат својата култура, како и за да ги зачувуваат најважните елементи на нивниот идентитет – религија, јазик, традиции и културно наследство и сѐ така до бесконечност! Напишаното е во согласност и со бугарскиот устав, во кој се вели дека „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Сите граѓани се еднакви пред законот. Нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност, етничката самоидентификација, пол, потекло, религија, образование, мислење, политичка припадност, личен или социјален статус или имотен статус“, како и дека никој „не смее да биде подложен понижувачко постапување или на насилна асимилација“ или „да биде прогонуван или ограничен во неговите права поради своите ставови.“
Сето ова е совршено стокмено, но постои расчекор помеѓу декларативното и поведението, нешто што се потврдува во годишниот извештај за состојбата со човековите права на македонското малцинство во Република Бугарија, извештај што нотира негирање на македонското малцинство, нација и идентитет, како и говор на омраза, повреда на правото на слобода на изразување, повреда на правото на слобода на собирање, повреда на правото на здружување, дискриминација на македонските организации и активисти, недостиг од заштита и соработка од страна на институциите и одбивање на властите да се вклучат во дијалог. Во споменатиот извештај меѓу другото се вели дека „Дијалогот меѓу претставниците на македонското малцинство и властите редовно се препорачува во извештаите за мониторинг за Бугарија. И оваа година властите не направија никаков обид да ги спроведат препораките во извештаите на парламентарното собрание на Советот на Европа, комесарот за човекови права, Европската комисија за борба против расизмот и нетолеранцијата и Консултативниот комитет за примена на Рамковната конвенција за национални малцинства за започнување дијалог со македонското малцинство. Напротив, не е добиен ниту еден одговор на многуте писмени барања од македонски организации за средби и разговори со бугарските институции“.

Реалноста, светот каков што е, а не како што Софија се обидува да го исткае, вели дека Бугарија како држава, нација и општество не ги почитува сопствените институции и устав, нешто што ќе може да се согледа и од првите луѓе кога ќе пристигнат на планетата Марс!
Декларативно, Бугарија како држава и општество морално се залага за демократија и почитување на човековите права, но реално ги прекршува правата на припадниците на македонскиот народ, нешто што е спротивно на нејзиниот устав и суштината на бугарските институции, како што е Националниот совет за соработка за етнички и интеграциски прашања. Кога државата ги занемарува сопствените институции и устав, таа ги поткопува самите темели на управувањето и демократијата. Но не смееме да заборавиме дека секој устав, вклучително и бугарскиот, е ’рбетот на нацијата, како и дека непочитувањето на Уставот доведува до нарушување на интегритетот на самата држава и наклонување кон авторитаризам, нешто што е очигледно во поведението на Република Бугарија кон човековите и малцинските права на Македонците.
Совршено е јасно дека Бугарија како општество нема кредибилитет да ни држи предавање за почитување на човековите и малцински права, напротив, треба да погледне во сопствениот двор и да ги усогласи своите постапки со искажаното, бидејќи однесувањето треба да биде усогласено со моралниот карактер, а не обратно. На крајот ќе завршиме со Сократ, кој тврдел дека со изборот да живее во Атина, тој имплицитно се согласил да се придржува до нејзините закони, дури и ако тие довеле до негово погубување.