За проект за кој јавноста, пошироката или барем експертската, не го видела, освен неколкутемина што директно се вклучени во неговата подготовка и изработка, неверојатно е колку се дигна шум. Веројатно поради габаритот на договорот и впечатоците што излегоа во јавноста. И по обичај, воодушевување и контравоодушевување. Речиси не остана коментатор, аналитичар или пак некој од „дежурните ликови“ на социјалните мрежи и на контактните емисии на нашиве телевизии што не изнесе критички суд (и позитивен и негативен) за договорот.
Неверојатна леснотија на коментирање на нешто што никој, буквално никој од тие што се истрчаа да коментираат не го видел, не го прочитал, не го проучил…
На најсликовит начин покажавме како ние „со лесно“, што би рекол покоен проф. Марјановиќ, ги сфаќаме тука работите, вклучувајќи ја и демократијата.
Секој си ја остварува својата желба да каже нешто, па дури и за работи што не ги разбира. Во Стариот Рим постоел Форумот во кој се дискутирало за да се дојде до некакво заедничко прифатливо решение, а денес во тоа се претворија телевизиите?! Или социјалните мрежи?! И наместо да се создаде критичка маса што претходно ќе ги претресе одредените/таргетирани општествени прашања, што се однесуваат на поголем колективитет, каде што најпрвин ќе се сослушаат и уважат дискутантите еден со друг, па ќе се претресат тезите, па ќе се резимираат одредени ставови, кои заеднички ќе бидат екстрахирани, и истите синтетизирани, околу кои ќе се изгради некакво заедничко решение, вака, на овој начин поединци создаваат хаос, се замаглуваат од небрежност или со умисла вистинските намери и цели на субјектот (или објектот) што се критикува и на кој се осврнува.
Така, ќе се изнаслушате секакви провизорни коментари, колку да се каже нешто… Од каде тој порив?!
Но проблемот не е во нив самите, туку дополнителен хаос се создава кога по такви некои паушални судови се градат дополнителни коментари, ставови на одредени групи и којзнае уште што не. Во нормални ситуации можеби прашањето би го анализирале и коментирале групи од интерес (т.н. интересни групи), експертски институти, граѓански организации, политички партии или други форми на здружување, но кај нас изгледа поинтересно е да се создава хаос, од поединецот пласирано преку медиумите или социјалните мрежи, за кои не важат ограничувањата, ниту принципите на академски осврт кон нештата, ниту медиумската писменост…
Самоповиканите аналитичари „за сѐ и сешто“, пак, се сосема друга приказна. Ако слушнете десетмина, тешко дека ќе најдете двајца што имаат барем приближни ставови. Секој си тера на некоја страна, колку да каже нешто.
Во секој случај, сето ова е сосема бескорисно и само создава „забава за народот“, да се сеириме и да се смешкаме кисело. Паушални ставови, мислења, какви и да се, како и желби и предлози има безброј, но сето тоа во моментов не создава некаков посериозен став. И таквиот однос на граѓаните станува национален спорт. Дајте, ве молам, таа енергија што се гледа дека ја имаме, да ја канализираме, да ја претвориме во творечка, во мислечка, во креативна, во создавачка енергија, која реално ќе култивира одржливи предлози и идеи за оние на кои сме им дале мандат и доверба да ги креираат, спроведуваат, операционализираат политиките во функција на оваа држава и нација.
Токму така ќе дојде до израз постоењето на системот на организираност на државата, на државниот систем на управување, кој одлучува за ваквите прашања. Впрочем, токму граѓаните ѝ ја делегираат на државната управа моќта на расудување и одлучување. Доколку таа моќ се злоупотреби, носителите на државната управа ќе бидат дисциплинирани на следните избори. Односно, ако згрешат државните функционери, следува казна на следните избори.
Разбирливо е дека секоја влада ќе се грижи да владее што подобро ако сака да остане што подолго на власт, бидејќи нивните резултати се мерливи. Накусо кажано – ако згрешат, ќе изгорат.
Во случајов, без да избрзуваме пред денешното потпишување на Договорот во Лондон, можеме да кажеме само едно: Од она што е досега обелоденето, а што сите посакуваме и очекуваме да биде така, најважно е најавените средства да пристигнат во Македонија и да се искористат најдобро за граѓаните и за државата, за наш, национален, македонски просперитет и благосостојба. Тоа подразбира да се искористат пред и над сѐ за капиталните инвестиции за кои деновиве зборуваа првите луѓе на Владата. Само на тој начин ќе се постигне раст на БДП и придобивките ќе ги видиме сите.