Ова не е ода за социјализмот

  • Мамдани стана најмладиот градоначалник на Њујорк во последните стотина години и прв од муслиманска вероисповед на оваа функција, роден во Уганда, ако тоа воопшто е битно. Она што привлекува повеќе внимание е неговата политичка определба на демократски социјалист, што ги поттикна неговите политички ривали да го оквалификуваат како комунист, а многумина Американци да се запрашаат што всушност претставува социјализмот

Ако деновиве првпат сте слушнале за името Зохран Мамдани (34), можете да помислите дека небаре бил избран за градоначалник на некоја македонска општина, според тоа колку често се спомнува кај нас, а не, пак, дека станува збор за идниот прв човек на „најбогатиот град во најбогатата држава на светот“, како што кажа тој самиот. Мамдани стана најмладиот градоначалник на Њујорк во последните стотина години и прв од муслиманска вероисповед на оваа функција, роден во Уганда, ако тоа воопшто е битно. Она што привлекува повеќе внимание е неговата политичка определба на демократски социјалист, што ги поттикна неговите политички ривали да го оквалификуваат како комунист, а многумина Американци да се запрашаат што всушност претставува социјализмот.
Во дел од писмата на читатели испратени до весникот „Вашингтон пост“ се изразуваат страв и недоверба кон ова политичко уредување мистично за Американците уште од времето на Студената војна. А меѓу Американците на големо се прават и невкусни шеги на интернет дека Мамдани ќе го претвори „големото јаболко“ во исламски калифат, веројатно поради неговата вероисповед, во прилог на што се објавуваат видеомонтажи на кои њујорчани се прикажани како јаваат камили низ улиците.
Но многумина очигледно веруваат во идеите на социјализмот, ако ги земеме предвид ветувањата со кои Мамдани победи. Главни заложби во неговата кампања беа бесплатен автобуски превоз, универзална грижа за децата, замрзнување на кириите и отворање маркети управувани од градските власти во кои цените ќе бидат држени под контрола. Тој категорично порача и дека ќе стави крај на, како што кажа, „културата на корупција“, а предлага и зголемување на данокот за најбогатите, поради што наиде на голем отпор од американските милијардери. Во фокусот на неговата кампања беа сиромашните и обесправените, па успеа на внатрепартиските избори да го победи далеку попознатиот и поискусен противкандидат Ендрју Куомо.

  • Ова не е ода за социјализмот, од кој државите од поранешна Југославија се чини дека ги задржаа најлошите практики, ниту пак за Мамдани, за кој американската и светска јавност имаат поделени мислења, при што едни му ја лепат етикетата на „комуњара“, а други го слават како своевиден политички месија. Ова е само пример од најсилната светска демократија, како што САД самите се нарекуваат, за поинакви ветувања засновани на идеологија што излегува надвор од тамошниот мејнстрим, за раѓање надеж со свеж пристап, за посветување внимание на најранливите категории граѓани и на суштински прашања што ги засегаат нив. Можеби токму таков пристап е потребен и на нашата политичка сцена каде што постојано се жалиме дека ги слушаме истите ветувања, кои најчесто остануваат неостварени

Мора да се признае дека овие привлечни ветувања изгледаат утопистички и неостварливи, како што тврдат и познавачите на состојбите во САД, посочувајќи дека градоначалникот на Њујорк нема ниту буџет ниту овластувања за да ги испорача. Но за нас од оваа страна на Атлантикот тие и не се толку незамисливи.
Пред повеќе од една деценија, престолнината на Естонија, Талин, стана најголемиот град што воведе бесплатен јавен транспорт, што подоцна го усвоија и француските Монпелје и Данкерк, како и одредени места во Луксембург и Малта. Продавниците управувани од градот се карактеристични за Истанбул, додека ги има и во САД, во сојузните држави Џорџија и Канзас. Германски Берлин воведе бесплатна грижа за деца во 2018 година, сѐ додека не тргнат на училиште, а таму беше донесен и закон за замрзнување на цените на кириите, за подоцна да биде прогласен за неуставен.
За социјализмот уште можат да се слушнат пофалби и кај нас, од повозрасните генерации, кои уживале во многубројни придобивки што тој систем им ги овозможил во поранешна Југославија, додека помладите гледаат како Македонија со години талка меѓу пропаднатиот социјализам и суровиот капитализам на напорниот пат кон Европската Унија, кој се чини предолг.
Ова не е ода за социјализмот, од кој државите од поранешна Југославија се чини дека ги задржаа најлошите практики, ниту пак за Мамдани, за кој американската и светска јавност имаат поделени мислења, при што едни му ја лепат етикетата на „комуњара“, а други го слават како своевиден политички месија.
Ова е само пример од најсилната светска демократија, како што САД самите се нарекуваат, за поинакви ветувања засновани на идеологија што излегува надвор од тамошниот мејнстрим, за раѓање надеж со свеж пристап, за посветување внимание на најранливите категории граѓани и на суштински прашања што ги засегаат нив. Можеби токму таков пристап е потребен и на нашата политичка сцена каде што постојано се жалиме дека ги слушаме истите ветувања, кои најчесто остануваат неостварени.
Ние во меѓувреме можеме да следиме како нашите надлежни служби по локалните избори бргу ги мобилизираат силите за чистење на Скопје, како што беше и ветено. За почеток, главниот град да го реши проблемот со ѓубрето, па тој првичен елан да се искористи и за справување со други битни прашања. И Скопје, како и Њујорк, макар доби надеж за подобрување, а допрва ќе видиме колку од ветувањата ќе бидат исполнети.