Деновиве се потсетив на еден стар виц додека грозничаво се обидував да ги проследам сите натпревари од актуелното Европско првенство во фудбал, особено кога беа начичкани по три во еден ден, но, ете, се погоди и времето за затворање дома со климатизер и соодветно освежување, па првиот бран го преживеавме некако. Но она што го расипа впечатокот беше неразбирливото, барем за многумина, налудничаво вклучување на политиката во најубавата споредна работа на светот. Дојде дотаму што во еден момент, како во вицот, посакував да извикам: „Ова е фудбал, абдали едни, тргнете се од стадионите“
Еден од попознатите балкански вицови од блиското минато зборува за почетокот на војната во Босна, кога едно утро на ѕидот на сараевската пошта осамнал натпис – Ова е Србија. Натписот бил веднаш покриен и осамнал нов – Ова е Босна. Не поминал цел ден, а веќе се појавил нов – Ова е Хрватска. И овој бил покриен брзо-брзо, за конечно да осамне најнов – Ова е пошта, будало.
На вицов се потсетив деновиве додека грозничаво се обидував да ги проследам сите натпревари од актуелното Европско првенство во фудбал, особено кога беа начичкани по три во еден ден, но, ете, се погоди и времето за затворање дома со климатизер и соодветно освежување, па првиот бран го преживеавме некако. Но она што го расипа впечатокот беше неразбирливото, барем за многумина, налудничаво вклучување на политиката во најубавата споредна работа на светот.
Дојде дотаму што во еден момент, како во вицот, посакував да извикам: „Ова е фудбал, абдали едни, тргнете се од стадионите“.
Започна со класичните балкански јуначења, во кои еден лик, од ништо непредизвикан, дури се дрзна да нѐ пцуе нас Македонците, оти нели тој беше јунак на еден ден, го славеа неговите дека еве ни покажал нам каде ни е местото. За дивно чудо, не гледам дека некој многу се претрга овде да го осуди чинот или барем да се огради. Но ние сме премолчувале како држава или како институции и пострашни нешта, па еве сме, живи сме. Жилава некоја сорта.
Но ние не бевме фактор на Европското во фудбал, некои други нации си ги мереа… капацитетите за да покажат храброст пред камерите и да омаловажат или да нападнат некоја друга страна. Како никогаш досега мрачни типови инфилтрирани во навивачките армии беа (се) дојдени во Германија за да манифестираат нешто што нема врска со фудбалот, а има многу врска со нивните фрустрации. Па така, гледавме еден лик, наводно новинар, кој ја провоцираше публиката зад својот грб мавтајќи им со рацете со кои имитираше двоглав орел, додека тие гордо ги вееја знамињата на кои имаше исто така неприкладни натписи. Дојде дотаму што се разви академска расправа што сакал да манифестира јунакот во победата на турската репрезентација, поточно дали неговиот гест е дозволен или недозволен.
Се разбира, ваквата атмосфера не пропуштија да ја искористат ниту Австријците, кои нели доаѓаат од таа нивната цивилизирана Европа, за разлика од нас Балканците, кои не ги разбираме и прифаќаме европските манири. Па и тие си ги покажаа скриените размислувања пред најшироката јавност. Колку да се знае дека ниту тие не сфатиле дека ова е пошта, пардон фудбалски стадион, па посакале да покажат малку од својот скриен арсенал.
Но, ете, тоа е дел од циркусот наречен Европско првенство. Очигледно да се гледа само фудбал на некои ликови им е здодевно, па посакаа да ја зачинат целата приказна со своите миродии. Очигледно им успева, бидејќи јавноста повеќе се грижи колку ќе биде казнет некој фудбалер или цела репрезентација за непримерното однесување отколку што ги интересира конечниот резултат.
Како се преврте светов? На времето ги знаевме наизуст сите можни репрезентации што учествуваат на некој голем фудбалски собир, па кога ќе се соберевме во маало да играме фудбал, најдобрите добиваа прекари според најголемата ѕвезда што играла на првенството. Колку само Џаиќи, Марадони, Бекенбауери имаше во секое маало, во секое најмало селце низ земјава. Денес, ситуацијата целосно се измени. Сега напамет ги знаеме сите оние што го претворија првенството во политички колосеум.
Ќе се најде ли некој шумар, како во уште еден познат виц од дамнешните времиња, да ги избрка од шумата (стадионите) оние на кои не им е таму местото. Во овие мачни времиња за целиот свет, народот сака да гледа фудбал, да навива, да се релаксира, а не да биде сведок на политички пресметки и надмудрувања.