Пребарувајќи низ роденденските изданија во изминатите десетина години низ нашата дигитална редакциска архива, сакав да се потсетам на текстовите што досега сме ги објавиле по повод излегувањето на првиот број на весникот, при што можев да увидам разни лични искуства на луѓе од различни возрасти и општествени сфери, кои ја истакнуваат токму улогата на „Нова Македонија“ во нивниот живот. Интересни приказни можеа да се забележат и низ големиот број честитки што пристигнаа во редакцијата по повод роденденот. Но највпечатливи ми беа излагањата на научниот собир одржан на 29 октомври во Горно Врановци, на кој говорниците со силен ентузијазам и нескриени емоции зборуваа за историската улога на „Нова Македонија“ низ годините, како и за општата важност на весникот за државава
Како безброј нишки вткаени во нераскинлива ткаенина што постојано продолжува да се шири и далеку надвор од границите на земјава, испреплетени се приказни од секојдневието на повеќе генерации поврзани со „Нова Македонија“ низ 80-те години од постоењето на првиот македонски дневен весник.
Пребарувајќи ги роденденските изданија во изминатите десетина години низ нашата дигитална редакциска архива, сакав да се потсетам на текстовите што досега сме ги објавиле по повод излегувањето на првиот број на весникот, при што можев да увидам разни лични искуства на луѓе од различни возрасти и општествени сфери, кои ја истакнуваат токму улогата на „Нова Македонија“ во нивниот живот.
Имаме пишувано за тоа како архивираните изданија на весникот низ библиотеките се барани од ученици, студенти, новинари од државава и од странство, писатели, научници… А покрај информативната и образовната функција, забележани се интересни примери кога содржината на „Нова Македонија“ може да послужи и за впечатлив роденденски подарок. Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, родители ги фотографираат изданијата од дента кога им се родени децата, а одредена девојка ги скенирала сите вести од бројот што излегол на роденденот на момчето, за да направи колаж за тогашните случувања во земјава и во светот. Тоа ја покажува дополнителната намена на „Нова Македонија“ во секојдневието, покрај значајната историска улога.
Слични приказни можеа да се забележат и низ големиот број честитки што пристигнаа во редакцијата по повод роденденот. Убави желби беа упатени од истакнати личности, успешни во разни области (писатели, уметници, научници, актери, музичари, спортисти…), од земјава, како и од странство (Хрватска, Франција, Шведска, Јапонија, Австралија…). Многумина ни пишуваа за поврзаноста на „Нова Македонија“ со нивните среќни спомени од најраното детство, сеќавајќи се како нивните родители секојдневно доаѓале дома со весникот под рака и ритуално го читале во семејната дневна соба по напорните работни обврски.
И како тие потоа и самите носеле примерок од весникот, „под едната мишка ‘Нова Македонија’, под другата лебот“ продолжувајќи ја семејната традиција. Некои го истакнуваа и следењето на сопствените професионални достигнувања како успешни јавни личности од областите на спортот, уметноста, науката… преку страниците на „Нова Македонија“. Други, пак, ни раскажаа како со возбуда го читале весникот и во странство, во време пред распространетата употреба на интернетот, или пак со помош на „Нова Македонија“ го ширеле знаењето за македонскиот јазик меѓу нашинци, но и странци надвор од земјава.
Највпечатливи, сепак, ми беа излагањата на научниот собир одржан на 29 октомври во Горно Врановци, токму по повод јубилејот. Можеби за таквиот впечаток придонесе тоа што свечениот настан се одржа на местото во кое е испечатено првото издание, но мислам дека никој од присутните во музејската просторија не остана рамнодушен. Говорниците со силен ентузијазам и нескриени емоции зборуваа за нивните истражувања за историската улога на „Нова Македонија“ низ годините, за општата голема важност на весникот за државава, како и за спомените од нивниот работен ангажман во редакцијата, збогатувајќи го роденденот.
Како прв македонски дневен весник, вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура, битието на „Нова Македонија“ се совпаѓа со битието на народот. Одбележувањето на јубилејот и согледувањето на начинот на кој „Нова Македонија“ со својата вредна, професионална и одговорна работа, односно квалитетна содржина, допрела до многумина се доказ за нераскинливата врска на весникот со народот, чии интереси секогаш ги застапува
Како прв македонски дневен весник, вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура, битието на „Нова Македонија“ се совпаѓа со битието на народот.
Одбележувањето на јубилејот и согледувањето на начинот на кој „Нова Македонија“ со својата вредна, професионална и одговорна работа, односно квалитетна содржина, допрела до многумина се доказ за нераскинливата врска на весникот со народот, чии интереси секогаш ги застапува. Сето ова дава дополнителен поттик да бидеме уште подобри и да се справиме со сите предизвици. За уште многу години и многу нови приказни што ќе ги создадеме заедно со нашите читатели.