Врнежливото време што во последниот период ја зафати земјава барем за момент ги тргна од дневен ред пожарите на отворено што беснееја до пред извесно време, иако надворешните температури не се ни приближно критични да доведат до појава на пожари.
Она што стана очигледно, тоа е дека сега и напролет почнаа да ни се појавуваат таканаречени „сезонски пожари“, најчесто предизвикани од палењето стрништа како увертира на она што следува, орање и садење на обработливите површини.
Таквиот „земјоделски“ пристап не е од многу одамна, туку почнаа да го применуваат „новопечените земјоделци“, односно концесионери на нивите што немаат никаква врска со земјоделство, туку многу повеќе со она што се нарекува бизнис, поради кои сега немаме автохтони земјоделски производи туку увоз од соседството. Затоа македонските граѓани ги купуваат земјоделските производи тројно поскапо, а јадат пестициди и неквалитет наместо тетовски грав, кочански ориз, струмички краставици и пиперки, гевгелиски домати… Тие „земјоделци“ не научија ништо од вистинските земјоделци, дека нивата треба да се изора со остатоците, за да продолжат да скапуваат во земјата и да создаваат хумус, неопходен за квалитетен раст на земјоделските култури. Од друга страна, пепелта само ја осиромашува земјата и родот е скромен и никаков.
Но нејсе, тоа е една страна од приказната. Е, овие новопечени земјоделци даваат директива да се палат стрништата без да водат доволно сметка дали огнот ќе излезе од контрола, па после други си ја чукаат главата поради нивните експерименти. Впрочем, ним и не им е толку до родот, колку што им е повеќе да ги лапнат субвенциите од државата. Ќе направат записник дека земјоделските култури не им успеале, заболеле од некоја болест, ги уништил пролетниот мраз и слично, а парите ќе им останат во џеб. Како инаку да се објаснат 484-те пожари во 20 дена во март, од кои 28 само во еден ден? Ниту е 40 степени ниту има молњи, а сепак гореше насекаде. Неодамна во Струмичко само со херојски напори на пожарникарите беше спречена нова трагедија кога поради палење стрништа огнот излезе од контрола и се доближи до населените места. Очигледно некому не му беше доволна кочанската трагедија за да сфати дека со оган нема играње.
Како и да е, овие речиси 500 пожари во март треба да се јасно предупредување до надлежните да имаат предвид што да очекуваат во периодот што следува и на тој начин колку што можат да ги превенираат состојбите.
Од тие причини, уште сега треба да се провери противпожарната опрема, да се набави нова, да се направат обуки на граѓаните за справување со пожари од помал обем, да се разбуди свеста кај граѓаните за опасностите што демнат и од палење стрништа, но и од какви било игри со чкорчиња и други запаливи материјали. Прашање е дали се презема нешто и со обука на нови пилоти за „ер тракторите“ откако старите заминаа во пензија или, пак, ако веќе ги немаме како готов кадар, тогаш да склучиме договори со странски обучени пилоти додека не обучиме наши. Клучно е да не останеме без пилоти ако ни затребаат во некој критичен момент.
Сигурно има и многу други работи што институциите можат да ги преземат предвреме за да не ни се случи повторно државата да биде во пламен и да бараме помош од сите страни за гаснење додека нашите пожарникари се појавуваат со „фапови“ стари над 50 години, кои човек не знае како воопшто се дотркалале до местото на пожарот.
Несомнено таа пракса со палењето на стрништата, како и на шумите, ќе продолжи и во иднина доколку државата не преземе радикални чекори како да им стави крај на ваквите опасни игри. А решението е исклучиво во заострувањето на казнената политика, ама вистинско заострување, а не две-три илјади евра казна. Што се тие пари за еден „земјоделец“ што во еден час ги свртува како прекупец по кванташките пазари или за дрвокрадците што продаваат по стотици кубици огревни дрва секој ден откако претходно ќе подметнат пожари за да го одвлечат вниманието во друга насока? Ништо, обичен пресметан ризик. Но кога ќе се смени таа казнена политика и кога казните за палење стрништа ќе почнат од 50 илјади евра и ќе одат нагоре, а за шумите и над 100 илјади евра, тогаш ќе мора да направат нова пресметка на ризикот, односно добро да размислат и да видат дали им се исплати или не. И без да пресметуваат, ќе знаат дека нема есап кога државата ќе ги репне по џеб толку да мора да продаваат куќи, ниви и други недвижнини и движнини за да ја платат казната. А потпалувачите се знаат, во секое населено место секој знае која нива чија е, каде се меѓите, што култури се садат, така што кога ќе пламне, добро се знае кој прв почнал.
Баш пред некој ден во еден неврзан муабет со еден постар човек од Љубаништа зборувавме за тоа дека сега со новиве технологии не може ништо да се скрие. Во тој контекст, ми раскажа приказна за тоа како се променила контролата на пограничниот појас кон Албанија, и тоа само затоа што биле поставени камери. Локалците имале обичај да одат на лов во близината на граничната линија, иако тоа не е дозволено. И така, еден ловџија од тие краишта, без да знае дека има камери, по стара навика си отишол пак да лови таму каде што навикнал. Следниот ден го повикале надлежните да го прашаат дали повторно оди на лов таму каде што порано одел. „Не, одамна не одам натаму, знам дека е забрането“, им одговорил на нивните прашања. Кога му ја пуштиле видеоснимката со датум и време, останал занемен и немал што да порекнува веќе. Си ја платил казната и веќе лов во матно нема.
Ова е само уште еден пример како модерната технологија може да се применува во санкционирањето на несовесните.
Во време на модерни технологии, секоја општина може да си дозволи набавка на дрон со кој би се правела контрола од небо и би се снимиле потпалувачите. Доволно е некој од административците да се обучи да ракува со дрон и работата е завршена. По општините има многу млади луѓе што навигирањето на дрон можат лесно да го совладаат, па наместо да седат бесполезно по канцеларии нишајќи врата земајќи плата, можат постојано да бидат на терен и да снимаат кој потпалува стрништа, кој фрла шут, кој истура моторно масло по реките, кој краде дрва, кој обива по викендички и слично. Тие ќе ја направат снимката, нека ја достават до надлежните, а тие потоа нека постапуваат. Како што утре ќе се снимаат сообраќајни прекршоци по улиците, така нека се снимаат пироманите. Не систем „безбеден град“, туку нам ни е потребен систем „безбедна држава“.
Ова се само мали скромни насоки како потсетување на што треба институциите да обрнат внимание во периодот што доаѓа. Безмалку 500-те пожари во март треба да се силен аларм за она што следува, а ако денот по утрото се познава, ќе следува пекол. Затоа, навремени мерки за да не ни се повтори ланската состојба бидејќи се трошат еден куп ресурси за гаснење пожари што во најголем дел се предизвикани од човечки фактор. Тоа државата ја чини многу пари, кои можат да се искористат многу попаметно. По она во Кочани, секој од нас треба да се запраша за сопствената одговорност и да почне да дејствува така, да помисли што може да предизвика со секоја своја постапка и на тој начин да се разбуди колективната свест дека резервна држава и резервни луѓе немаме. Изгубивме многу млади во една ноќ, да не ја загубиме и вербата дека можеме да ги направиме работите подобри заради иднината на сите. Во таа наша иднина нема место за потпалувачите.