Повеќепати се кажало дека државите имаат мафии, а во Македонија мафијата е држава. И тука ни запре колата. Удривме во каменот, драги мои. Толку силно удривме што вчера и каменот заплака од тага. Затвораме очи пред сите проблеми и кога знаеме дека сите умираме од енормно загаден воздух. Од лекарски грешки што станаа пракса. Од стандарди што се заглавени во историјата, нешто што било добро за пред 50 години. Дека се градела една култура на неказнивост, непотизам, корупција. Ете, таква пирамида изградивме, во која животот е најевтина стока. Дека сме јазично, етнички, верски, партиски поделени во општество во кое само понекогаш несреќите нѐ зближуваат. Сурово!
Скопје го параат заглушувачки сирени на противпожарни возила. Речиси од сите делови на градот се гледа црн злокобен чад. Нешто гори. Нешто изгоре. Универзалната сала, во некојаси фаза на реновирање, изгоре. Остана еден железен скелет како на некоја скапана риба, чиј скелет е само нејзино сведоштво. Немаше жртви, за среќа. Ќе остане во некои билтени запишано дека еден пожарникар изјавил дека противпожарните возила доцнеле затоа што не можеле да пристапат до местото на пожарот. Не можеле да пристапат оти имало стотици и стотици автомобили паркирани кај нашле, кај се снашле!
Неодамна во моето маало во Влае изгоре една барака. За среќа, немаше жртви. Пожарникарите едвај стигнале на улицата. Потоа барале хидранти. Нема хидранти! Немааа! И ако некаде има некаков приклучок, тој е покриен, необележан, со расипан вентил… исто како да го нема!
И мислите дека нешто се смени по овие несреќи? Ништо. Пак нема пристап до Универзалната сала и уште долго нема да има хидранти. Оти ние си имаме сосема други приоритети.
Поодамна се случи и несреќа на Охридско Езеро каде што настрадаа туристи од Бугарија. Некој рече – немале сите појаси за спасување. Ама, нели се тие задолжителни, мора секој да го наметне кога се качува на палубата?! Ете, немало. Креваат луѓето раменици и гледаат некаде нагоре. Што има нагоре? Па гледаа вземи? Трагично, жално. А се сменија ли нештата од тогаш?
Изгореа живи луѓе, болни, врзани на апарати со кислородна поддршка во модуларна болница во Тетово. Како можел некој контејнери да претвори во болница, ви се молам. Па секаде во светот модуларните беа приемни одделенија, тријажни центри, а потоа болните се префрлаа во болници. Одговараше ли некој за тој пекол? Па, зошто не?
На едно место од стотина метри кај Порта Буњаковец смртно страдале десетина лица. Скапо платен данок на дивјаците од нашиот сокак. Тие уште победуваат, мислам дивјаците. Што се смени на Партизанска?
Ја пишувам мојата колумна и ми течат солзи. Тагувам. Вчера бевме сите на погребите. Ги испративме децата, сестрите, братчињата, татковците. Еден татко повеќе никогаш нема да го буди својот син да не задоцни на училиште, една мајка никогаш повеќе нема да му прави сендвич на своето чедо пред да замине во училиште, едно детуле никогаш повеќе нема да го види својот татко што загинал во кочанската дискотека „Пулс“ спасувајќи луѓе. Храбар човек! Родители што во своите прегратки никогаш нема да можат да ги прегрнат своите деца.
Се отвораат душите како огромни дупки во кои до вчера имало љубов, сакање, надеж, а од денес празнина и неверување. Загуба. Од денес никој не е истиот од вчера. Чувствуваме сите. Лебди тежината над нас. Нема каде да се избега од неа. Времето не ги лекува сите рани.
Јасно ли ни е или уште не ни е јасно? За профитот на неколкумина цела Македонија загуби. Загинаа малолетници, загинаа спортисти, студенти, музичари. Една елита. Едни убави млади деца, животот пред нив. Можеби уште не можеме целосно да ја сфатиме големината на загубата, зашто шокот е огромен, но ден по ден ќе се соочиме со вистината. Сите сме во тој кафез граден со децении во кој профитерите изградиле конструкција што има само еден влез/излез.
Одговори по оваа голема незапаметена трагедија мора да има. Истрагата треба да ни открие кој во „Пулс“ придонел да запре пулсот за педесетина лица. Кој е виновен и кој ги зави во црно Кочани и Македонија? Роднините ќе ја чекаат правдата, тоа ќе им биде мала утеха, но ќе чекаат одговори. Мора да се знае кои се директни виновници, а кои учествувале и го поддржувале овој матен бизнис наречен дискотека. Во моментов се одвива најважната битка, битката за спасување на животите на стотината тешко повредени, кои се лекуваат во повеќе клиники во странство. Тоа ќе биде тешка борба зашто станува збор за специфични повреди предизвикани од пожарот и од отровните гасови.
Се молиме за нивното здравје. Државата, системот, добро реагираше и изведе успешна операција поддржана од повеќе европски земји. Благодарност до сите земји. Благодарност до сите хумани лица што несебично на секаков начин помагаат. Ние сочувствуваме со блиските на настраданите и ја споделуваме тагата. Во исто време нашите мисли се насочени и кон прогонот на сторителите на ова злодело. Но нема да бидеме успешни како општество ако оваа трагедија ја гледаме сако како изолиран инцидент. Никако, зашто таа е предизвикана од систематски граден коруптивен систем. Никој не рекол стоп во вистинска смисла на зборот. Сѐ досега било мачкање очи. Додека некој мачкаше очи, а тие некој се политичари со име и презиме, други го градеа својот систем во кој тие се главни – систем на мафијашки структури поврзани со државата. Повеќепати се кажало дека државите имаат мафии, а во Македонија мафијата е држава. И тука ни запре колата. Удривме во каменот, драги мои. Толку удривме во каменот што вчера и каменот заплака од тага. Не можеме повеќе да си погледнеме во очи оти би требало да остане во нас барем малку срам за да си признаеме дека сме промашено општество. Општество што не си ги знае своите приоритети. Дека само во еден кварт има повеќе коцкарници отколку ординации, библиотеки или фитнес-сали отколку во цел еден град.
Дека се инвестирало во споменици и бехатони наместо во клиники, детски градинки, училишта, современа инфраструктура. Не се инвестирало во знаење, во вештини. Полесно ни е да ги потпораснеме децата и да ги испратиме некаде со билет во еден правец наместо нашата куќа да ја средиме и да ни биде арно. Да затвораме очи пред сите проблеми и кога знаеме дека сите умираме од енормно загаден воздух. Од лекарски грешки што станаа пракса. Од стандарди што се заглавени во историјата, нешто што било добро за пред 50 или сто години. Дека се градела една култура на неказнивост, непотизам, корупција. Ете таква пирамида изградивме во која животот е најевтина стока. Дека сме јазично, етнички, верски, партиски поделени во општество во кое само понекогаш несреќите нѐ зближуваат. Сурово!
Од денес сите имаме право уште повеќе да врескаме и да бараме промени. Нека ја преврти оваа влада Македонија наопаку за доброто на сите. Тоа им го должиме на сите што не беа со ништо виновни, а платија со животите во стотиците несреќи предизвикани поради корумпираниот македонски систем.
Македонија не смее да биде земја каде што нема противпожарни скали што одат до највисоките катови, не смее да нема кардиохирурзи, не смее да нема болнички кревети, хидранти, противпожарни апарати. Затоа да го замениме рефренот на песната „ние сме на патот кон никаде“, туку „одиме некаде“ сите заедно. Да излеземе заеднички од овој пеколен и магичен круг на лоши случувања и да поставиме држава на стабилни нозе, на правда и сигурност, на високи стандарди. Прочешлајте ги сите јавни институции и измерете и снимете каде има пропусти и да се поправи сето тоа. Не смее утре да ни се повтори несреќа во градинка или во училиште. Вежбајте ги децата како самите да си помогнат и како на другите да им спасат живот. Средете го сообраќајниот хаос веднаш. Секој ќе се паркира каде што има паркинг-место, а сѐ друго е кршење закон и нека се казнува. Да се погледнеме себеси во огледало, да побараме прошка и да го смениме однесувањето и дома и надвор. Земете ги децата во прегратка, прашајте ги што им недостига, бидете повеќе со нив, нека учат, нека спортуваат и заедно одете во природа или на ручек. Побарајте да не пушат во затворени простори, учете здрав живот. Ние возрасните изгубивме многу битки, но за нашата иднина сега се бориме. Тоа се нашите деца, кои ги предадовме.
Им ги изгоревме крилјата на нашите ангели. Нека им е светол патот во новиот свет.