Паметам како вчера да беше кога во 2008 година, како утеха за тоа што не влеговме во НАТО на тој фамозен самит во Букурешт (ах, тој Букурешт, отсекогаш бил фатален за Македонија), САД ни понудија Декларација за стратешко партнерство и соработка, нешто што во тој момент беше највисоко ниво на сојузништво што една земја може да го има со Америка без да е членка на НАТО.
И во тоа време, откако во ноември 2004 година нè признаа под уставното име Република Македонија, ова беше навистина силен гест на пријателство, а особено фактот дека САД преку овој договор се обврзаа да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет на Македонија. Без оглед што тоа не беше истиот член 5 на НАТО (каде што сите се обврзани воено да те бранат), тоа беше јасна порака до соседите: „Ако ја чепнете Македонија, ќе имате работа со нас“. И на тоа уво си спиевме со години.
Арно ама, некако таа рамка на соработка како да не беше доволна. Понекоја заедничка воена вежба, некое оклопно возило на подарок, пратка автоматско оружје, посети на нашите единици на Вермонт и толку, на друго нешто посебно не се сеќавам. А да, и на американските црни листи, преку кои Американците од онаа страна на океанот гледаа корупција во Македонија, која овдешните институции не ја гледаа, иако им се случуваше пред носот.
Но, нејсе, дојде време за нешто многу повеќе, тоа стратешко партнерство да донесе многу поголем бенефит за македонските граѓани. Имено, денес македонската делегација во Вашингтон не оди на уште една екскурзија за сликање пред Стејт департментот. Овој пат влогот е многу поголем. Одиме да тестираме дали Македонија конечно научи дека во меѓународната политика никој не ти дава ништо гратис ако сам не си го побараш со цврст став и јасна математика.
Со години нè убедуваа дека нашата единствена задача е да кимаме со глава на секој неолиберален експеримент што ни го сервираа. Дури и она што Американците јасно ни го кажаа со признавањето на уставното име во 2004 година, терајте си како Република Македонија, се најдоа некои паметни да го погазат и да го сменат името. Затоа и поранешната амбасадорка Агелер, пред да дојде во нова дипломатска мисија во земјава, ни рече дека „искрено не верувала дека ќе си го смениме името“. Што да кажам, имаше некоја несреќна гарнитура само „да им учини“ на неолибералните елити во Брисел, смени и име и презиме на државата, а за возврат добивме само празни тапкања по рамо и неисполнети ветувања. Таа идеолошка матрица на „губење на идентитетот за влез во одбраното друштво“ нè остави во чекалница, со еродиран институционален капацитет и фрустриран народ, кој и натаму не сака да се покорува на уцени.
Но времињата се сменија.
Во Вашингтон сега дуваат нови ветрови. Администрацијата на Трамп не верува во либерални бајки, туку во суверенитет и конкретни зделки. Токму тука е нашата историска шанса. Овој „стратешки дијалог“ мора да биде дијалог меѓу двајца партнери што зборуваат на јазикот на националниот интерес. Ако Трамп вели „Америка на прво место“, нашите министри во Вашингтон мора да кажат – Македонија на прво место! Нема зошто да се потценуваме. Ако не бараме, нема да добиеме. Впрочем, ништо и нема да изгубиме.
Не смееме да се вратиме само со протоколарни фрази за „традиционално пријателство“, ќе работиме на продлабочување на соработката, наскоро ќе се почувствуваат ефектите и слично. Не, народот сака да види опипливи докази. Имаме минерал што го нема никаде во светот, лорандит, минералот на Сонцето, основа за неограничена енергија поради која светот денес е на работ на трета светска војна, ако веќе и не се води, само ние не знаеме. Тука треба да играме мудро, ние имаме нешто, вие имате нешто што нам ни треба. Како велат, чиста сметка, долга љубов.
Потоа, сакаме реална поддршка за енергетска независност, а не само предавања за „зелена агенда“ додека плаќаме најскапа струја. Американците имаат големо искуство во управувањето со мали модуларни нуклеарни реактори. Да не се разбереме погрешно, значи не говориме за нуклеарна централа во Македонија, туку мали модуларни реактори до 300 мегавати како во нуклеарните подморници. Еден ваков реактор може да снабдува со електрична енергија од 200.000 до 300.000 домаќинства (ако трошат со усул). Тие може да напојуваат големи индустриски комплекси, како фабрики за челик или хардверски центри за податоци, кои се огромни потрошувачи, но во исто време се и двигатели на економијата.
Сакаме директен удар врз корупцијата, така што ФБИ може да помогне во чистењето на „гнилите јаболка“, кои со децении ја цицаат државата под заштита на разни „чадори“, исто онака како што ДЕА удри по марихуаната во државава.
Не е лошо во рамките на стратешкиот дијалог да се проговори и за прашањето за нашите соседи. Доста ни е од премолчување на нивните шовинистички испади. Вашингтон мора јасно да каже дека негирањето на македонскиот народ е антицивилизациски чин, кој не поминува во светот на суверенитетот.
Како и да е, ова е испит за зрелост. Ако нашите министри успеат да ги преточат нашите национални потреби во „бизнис-план“ прифатлив за Американците, тогаш навистина влегуваме во нова ера. Ако се вратат само со ветувања, ќе знаеме дека шансата е прокоцкана.
Македонија веќе не смее да биде само декор на туѓите стратегии. Време е за дипломатски пресинг во нивниот шеснаесетник, да се изразам со спортски жаргон. Имаме што да понудиме, а сега е моментот да наплатиме за сета лојалност што ја дававме со децении. Одиме на победа, ништо помалку! Впрочем, Македонија секогаш оди на победа.
































