Одговорност

Зборот одговорност деновиве се спомнува во македонската јавност во различни контексти, најчесто придружуван со термините барање, повикување или префрлање, но отсуствува преземањето одговорност. Тоа е ретка појава во денешно време. А одговорноста се бара и од надвор. На неа инсистира и Европа. Може да се каже дека и таа е услов за влез во Европската Унија. Отсуството на одговорност и тука ја попречува Македонија

Најспомнуваниот збор во македонската јавност и во известувањето на медиумите, со денови, сигурно е поимот одговорност. Тоа може да се забележи и со едноставно интернет-пребарување на актуелните вести по тој збор, при што излегуваат стотици резултати. Се спомнува во различни контексти, најчесто придружуван со термините барање, повикување или префрлање, но отсуствува преземањето одговорност. Тоа е ретка појава во денешно време. А со толку проблеми за кои се бараат решенија, не е ни чудно забележаното расфрлање со поимот одговорност.
Слушавме за бегства на затвореници, за недостиг од опрема и кадар за справување со пожарите, а забележлива е и поразителната состојба во Скопје, каде што веќе извесен период не се води соодветна грижа за квалитетот на живеење, кој страда поради незадоволителното вршење на предвидената работа од градските служби. Ѓубре расфрлано на сите страни, зараснати зелени јавни површини, неизвесен возен ред во јавниот превоз поради отсуство на доволен број автобуси, зачестено угинување на животни во скопската зоолошка градина… Сето тоа го отежнува живеењето во Скопје летово и ги засилува повиците за одговорност. Додека одговорноста се бара под дрво и под камен, на скопјани не им е гајле чии се ингеренциите во градската власт за кои се расправа, туку единствено бараат да живеат во чист, среден и функционален град. На сите веќе им е смачено од проблемите во секојдневното живеење во Скопје, со кои се соочуваат речиси две години без нивна вина, а поради политички несогласувања предизвикани од кризата во релациите на локалната самоуправа, но и онаа на градската со централната власт.

Одговорноста се бара и од надвор. На неа инсистира и Европа. Може да се каже дека и таа е услов за влез во Европската Унија. Отсуството на одговорност и тука ја попречува Македонија. Конкретно со последните случаи на функционери што склучија спогодби со обвинителството за да добијат помали казни откако го прекршија законот. На тој начин доаѓа до потполно отсуство на одговорност за нивните постапки, што може да резултира и со своевидно поттикнување на корупцијата, наместо искоренување. Сето тоа може да се одрази на добивање голем број забелешки и негативни оценки во идниот извештај на Европската комисија, во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, кои се сметаат за главни предизвици за земјава на патот кон ЕУ.

Посебна тема претставува учењето на децата на одговорност уште од најрана возраст. Процесот тргнува оддома и од семејното воспитување, но потребни се и дополнителни активности и кампањи организирани од надлежните институции. За децата да израснат во примерни граѓани, кои ќе придонесат за создавање подобро место за живот, какво што бараме и посакуваме, каде што одговорноста ќе има тежина, а не само да служи како излитена фраза што попусто се спомнува насекаде

Според одредени дефиниции, поимот одговорност е изведен од надредениот поим должност. Кога некој стапува на должност, автоматски презема и одговорност за начинот на кој ја извршува. А голем број општествени улоги подразбираат различни должности и одговорности. Извесно е дека одговорноста е кај тие што ја имаат моќта. Сите што го гледале филмскиот серијал за стрип-јунакот Спајдермен го знаат тоа преку познатата реплика „со голема моќ доаѓа и голема одговорност“.
Но, за сегашната состојба во Скопје, одговорноста делумно е и на граѓаните, при што е потребно подигање на свеста за хигиената во градот, за да се прекине со несовесно фрлање ѓубре и отпад по улиците. Токму затоа, посебна тема претставува учењето на децата на одговорност уште од најрана возраст. Процесот тргнува оддома и од семејното воспитување, но потребни се и дополнителни активности и кампањи организирани од надлежните институции. За децата да израснат во примерни граѓани што ќе придонесат за создавање подобро место за живот какво што бараме и посакуваме, каде што одговорноста ќе има тежина, а не само да служи како излитена фраза што попусто се спомнува насекаде.