Добар дел од светските лидери во пресрет на доаѓањето на 2025 година, во своите обраќања до нацијата, отстапија од стандардниот формат и неочекувано, искрено и отворено ги признаа своите грешки и зборуваа искрено за своите лични грижи, при што беа и отворени и директни во однос на изнесените очекувања. Дали соочувањето со тешки предизвици, како што се политичките кризи во нивните држави, влијаеше на светските лидери за поинаков, целосно отворен пристап, кој, секако, во поголема мера допре не само до нивните народи туку и до светот. Дали длабоките кризи со кои се соочуваат ја поттикна нивната совест или духовна инспирација за една чесна, политичка искреност и за ново поглавје во нивното лидерство?
Силен и впечатлив говор може да издигне политичка кариера, да го одлучи исходот на изборна трка или да обедини народ околу заедничка кауза, со што останува овековечен засекогаш, пренесувајќи се низ генерации. Меѓу ваквите говори ретко се вбројуваат новогодишните обраќања на политичарите што првенствено служат за искажување честитки и убави желби, со цел давање надеж на граѓаните. Тие честопати се користат и како можност за потсетување на сработеното или за давање ветувања и најави за она што се очекува во новата година. Нивната содржина вообичаено е предвидлива и не се очекува да останат во долго сеќавање, но дел од светските лидери се решија за посмел пристап во пресрет на доаѓањето на 2025 година, отстапувајќи од стандардниот формат. Признаваа грешки и вербално се пресметуваа со неистомисленици, зборуваа искрено за своите лични грижи и беа отворени и директни во однос на изнесените очекувања.
Емануел Макрон реши да го смени стандардниот начин на обраќање на француските претседатели, почнувајќи со кратко видео чиј наратор беше токму тој, што се случува првпат по 60 години во рамките на новогодишните говори од Елисејската палата, како што забележуваат француските медиуми. Највпечатливо беше неговото признавање дека згрешил што свикал предвремени парламентарни избори изминатиот јуни, отворено кажувајќи дека неговата одлука предизвикала зголемување на политичката нестабилност во државата, во редок покајнички чин. Соочувањето на Макрон со сопствената политичка грешка, кај нас може само да ја поттикне замислата во која тој, при некое наредно обраќање, ја признава и грешката со контроверзниот „француски предлог“ за нестандардна преговарачка рамка на Македонија со Европската Унија, што го блокираше процесот на проширување на Унијата наместо да ги забрза македонските евроинтеграции.
И британскиот крал Чарлс Трети ја прекрши традицијата. Британските монарси обично го одржуваат својот годишен празничен говор од палата или замок, но тој реши да го испорача своето обраќање, исполнето со лична ранливост откако изминатата година му беше дијагностициран рак, во поранешната болничка капела Фицровија. Чарлс Трети во говорот ги истакна напорите на здравствените работници во годината обележана со здравствени предизвици за британското кралско семејство.
Неочекуван пристап имаше и германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, кој реши да го критикува жестоко Илон Маск поради неодамнешните изјави на американскиот милијардер во кои тој изрази поддршка за германската десничарска партија АфД. Шолц го обвини Маск дека се обидува да влијае на исходот од претстојните предвремени избори во Германија и им порача и на германските граѓани дека тие одлучуваат што ќе се случува во државата, а не сопствениците на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги положи надежите во американската поддршка за Украина во војната против Русија, изнесувајќи пофалби за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Рускиот лидер Владимир Путин, пак, во обраќањето дадено точно 25 години откако ја презеде функцијата од неговиот претходник Борис Елцин, не ја спомна експлицитно војната во Украина и се фокусираше најмногу на желбите за годината што претстои.
Во Азија, кинескиот претседател Си Џинпинг имаше уверливо обраќање, проектирајќи доверба и оптимизам за кинеската економија, додека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун во новогодишно писмо го ослови рускиот претседател Путин како „најдраг пријател“, според известувањето на медиумите.
Во домашни рамки, претседателката Гордана Силјановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски упатија пораки на надеж за подобро утре. Претседателката ја истакна својата верба во борбата за правото, правдата и моралот, а премиерот потсети на отворениот фронт против криминалот и корупцијата, додавајќи дека 2025 „ќе биде година на раст, ред и интеграција, како и на вложување во економијата“. Забележливо е дека тие останаа доследни на нивните досега изнесени определби и политики во однос на очекувањата за новата година.
Соочувањето со тешки предизвици, како што се политичките кризи во нивните држави, во случајот на Макрон и Шолц или, пак, на кралот Чарлс Трети со болест, можеби влијаеја врз тројцата лидери за поинаков, отворен пристап, кој секако во поголема мера допре не само до нивните народи туку и до светот. Обраќањата на Макрон, Шолц и особено на британскиот крал ги имаа потребните состојки за впечатлив политички говор – првенствено добра испорака што буди емоции кај публиката, додека истовремено поттикнува и на размислување.
Меѓу предвидувањата на експертите за глобалните предизвици во 2025 година се издвојуваат војните, климатските промени и вештачката интелигенција, но кога познатата струмичка јасновитка Баба Ванѓа и нејзиниот француски „колега“ Нострадамус би можеле да ги споредат нивните пророштва за претстојната година, веројатно би дошло и до одредени несогласувања помеѓу нив околу тоа кој е во право во врска со судбината на светот. Затоа, потребно е сите предвидувања, колку и да звучат загрижувачки, да се земат со доза резерва. И добро е новата година да тргне со оптимистички пораки од политичките лидери задолжени за справување со проблемите и предизвиците, па макар тие биле со цел да обезбедат побезгрижни и посреќни празници.