Меѓу разните иницијативи на политичките лидери за посредување кон мировни преговори и дипломатски напори за смирување на спротивставените страни, токму во Македонија се јавуваат конкретни предлози за ставање крај на војните, пред сѐ на онаа во Украина, од страна на американскиот економист и професор на универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, кој претставува и еден од најценетите светски говорници и аналитичари, особено кога станува збор за американската политика. Тој во интервју за македонски медиум, објавено деновиве, порача дека САД треба да заборават некои свои илузии и да договорат мир со своите ривали – Кина, Иран и Русија
Желбата за постигнување мир во значително турбулентниот период кога во повеќе делови од светот се водат војни, секако преовладува во реториката на политичарите, меѓународните организации и медиумите, односно во целокупната светска јавност, наспроти зголемувањето на стравовите за прераснување на конфликтите во глобален судир, како најлошо сценарио, додека гледаме како се разгоруваат војните во Украина, на Блискиот Исток и во Африка. Меѓу разните иницијативи на политичките лидери за посредување кон мировни преговори и дипломатски напори за смирување на спротивставените страни, токму во Македонија се јавуваат конкретни предлози за ставање крај на војните, пред сѐ на онаа во Украина, од страна на американскиот економист и професор на универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, кој претставува и еден од најценетите светски говорници и аналитичари, особено кога станува збор за американската политика.
Тој во интервју за македонски медиум, објавено деновиве, порача дека САД треба да ги заборават своите хегемонистички илузии и да договорат мир со своите ривали – Кина, Иран и Русија. „Ни треба дипломатија, а не обиди за хегемонија преку војна“, истакна Сакс, кој токму поради ваквите ставови не е баш најпопуларен на американската медиумска сцена. А кој би можел подобро да знае како да се смират конфликтите, од меѓународно признаениот експерт што бил економски советник на поранешни руски и украински претседатели, како и специјален советник на тројца генерални секретари на Обединетите нации.
Во авторска колумна објавена на академскиот блог „Республика“ на Институтот за комуникациски студии, Сакс пишува „наша најголема надеж е постоењето вистински мир меѓу големите сили. Овој мир би се засновал на заедничкото признание дека не може да има хегемон и дека за општото добро е потребна активна соработка меѓу големите сили“.
Укинувањето на хегемонијата, односно отсуството на глобален хегемон, за кој се сметаат САД, изгледа утописки, но ако повнимателно се анализираат моментните геополитички околности и размислувањата на голем број експерти, можеби и не е толку неостварливо. Многумина сметаат дека поредокот „Пакс Американа“ (американски мир) веќе не функционира најдобро, ако воопшто уште опстојува по осум децении од воспоставувањето.
Терминот „Пакс Американа“ се однесува на меѓународниот поредок што САД го изградија по Втората светска војна и децениите на релативен мир и просперитет што следуваа под нивното економско и воено водство на т.н. „слободен свет“. Во овој период, по 1948 година, тој поредок се покажа извонредно еластичен и флексибилен наспроти многубројни предизвици, вклучувајќи ја периодичната посветеност на Америка на војни во Азија, на Блискиот Исток, како и на просторот на поранешна Југославија. Светот во меѓувреме се чини станува сѐ понестабилен, со што околностите се менуваат.
Сакс забележува дека уделот на САД во светското производство бележи тренд на опаѓање, оти се опфатени во повеќе воени судири што се финансираат со задолжување, како и дека буџетската политика на Америка е парализирана. Згора, се смета дека Америка тешко ќе може да го спречи процесот на дедоларизација. Американската валута сочинува околу 58 отсто од вкупните глобални официјални резерви, што е помалку во однос на 73-те отсто во 2001 година, кога доларот беше неприкосновена валутна резерва.
Предвид треба да се земе и зголеменото значење на земјите од БРИКС во светската економија и политика, што нужно ќе доведе до одредени промени во силите и центрите на моќ, во процесот на трансформација од униполарен во мултиполарен поредок во светот. А Сакс особено го истакнува и подемот на Кина. Токму затоа, не е чудно што американскиот аналитичар вели „САД сè уште бијат битка за и понатаму да бидат светски хегемон, но тоа претставува заблуденост и однапред е осудена на неуспех. САД не се во позиција да го предводат светот, дури и ако остатокот од светот го сака тоа, што не е случај“. Сакс тврди дека трајниот мир е одржлив, а за постигнување на таа цел, тој неодамна предложи 10 принципи што се надоврзуваат на петте кинески принципи за мирен соживот, како и дополнителни пет практични чекори.
Во ваква ситуација, кога гледаме како конфликтите се разгоруваат на сите страни од светот, секој предлог за мир е добредојден, а нова конкретна идеја можеби наскоро ќе се слушне и во Скопје, кога Сакс на 3 октомври преку видеообраќање ќе учествува на меѓународната конференција „Кооперативен мултиполарен систем: Во потрага по нов светски поредок“ во главниот град, што ја организира Центарот за глобални промени при Филозофскиот факултет во Скопје, што го води професорката Билјана Ванковска. Кога само би можел да одекне низ светот, до оние што треба да го слушнат и да го применат.