Иако токму ефемерноста е основниот концепт на уметноста на Дан и Лиа Пержовски, некако ми се наметна прашањето што ќе ни остане нам, на МСУ, на почитувачите и вљубениците во ликовната уметност, што ќе имаме, освен сеќавањата, по нивното заминување
Кога италијанската полиција го идентификуваше 50-годишниот Австриец, кој скрши три прста од десното стапало на скулптура од 19 век, позирајќи покрај неа во музејот „Гипсотека“ на северот на Италија, напишав текст со наслов „Уметничко дело, не допирај!“, со интенција да проговорам за (не)намерните инциденти на уништување уметнички дела низ светските музеи. Имено, човекот бил фатен на надзорните камери како „удобно“ си се сместува и си седнува врз постаментот на кој е поставена скулптурата! Претходно инцидент се случи и во Амстердам, во стара црква во која се изложуваат „фенси“ уметнички дела, меѓу кои било и дело на најскапиот жив уметник Џеф Кунс. Неговата „топка што зјапа“ била уништена на последниот ден од изложбата, кога неидентификуван љубопитен посетител ја преминал линијата на подот, се доближил до делото и го скршил. Вестите за ваков вид вандализам, често ненамерен ама крајно глуп, редовно пристигнуваат од сите точки на планетава. Листата на разни дебакли при правење селфи низ светските музеи е долга, примерите одат до апсурд, а кај вистинските почитувачи на уметноста предизвикуваат бес…
На ова ми текна додека ја разгледував изложбата на светски познатите уметници Дан и Лиа Пержовски (Романија), на отворањето минатата недела во Музејот на современата уметност во Скопје. Имено, уметничката двојка досега ги има исцртано ѕидовите во „МоМА“ во Њујорк, „Тејт модерн“ во Лондон, центарот „Помпиду-Бобур“ во Париз, музејот „Ванабе“ во Ајндховен и други, а ова беше исклучително ретка можност да ги имаме во Скопје. Поставката, очекувано, се состои од цртежи врз ѕидовите во еден од изложбените простори на МСУ (за оние што сакаат да ја видат, отворена е до средината на ноември). Нивната уметничка практика е оригинална и визуелно многу впечатлива. Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот, се претставува со серијата „Обновени вести“ што се фокусира на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Лиа, пак, го претставува својот „Сет за преживување (избор од музејот на знаењето)“, циклус во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Заедничко за двајцата, всушност за целата поставка, е што е од привремен карактер. По завршувањето на изложбата, ќе останат само белите ѕидови во МСУ…
Иако токму ефемерноста е основниот концепт на нивната уметност, некако ми се наметна прашањето што ќе ни остане нам, на МСУ, на почитувачите и вљубениците во ликовната уметност, што ќе имаме, освен сеќавањата, по нивното заминување. Веројатно, бидејќи не често имаме можност да бидеме домаќини на автори и изложби од светски ранг, како да не ни е доволно само да знаеме дека биле тука, како да ни е потребен доказ за нивното присуство. Се осмелив да прашам некои од вработените во музејот до кога ќе трае изложбата како увертира на она што ќе следува – прашањето за привременоста на делата од поставката. Ми кажуваат дека уште во 2001 година, Дан и Лиа учествувале на групната изложба „Лаф муабет“ во МСУ–Скопје (искрено, не можам да се сетам), па свесни за значењето на нашата институција и за нејзината симболика како музеј на светската солидарност, уште тогаш донирале значителен број цртежи, кои се дел од колекцијата.
Сега, оставаат еден исцртан столб во фоајето на МСУ!
Се израдував дека сепак ќе остане дел од оваа исклучителна поставка во нашиот музеј. Излегов веднаш да го видам делото што ни го остават на чување. Столбот е со црна заднина и исцртан со бели фигури и пораки, меѓу нив и онаа: The edge of knowledge (работ на знаењето), патем многу симболична реченица во врска со она што сакам да го кажам. Го гледаме парчето уметност што сега е наше и некој се досетува: „Само некој да не го прекречи, утре – задутре!“ Се смееме на глас, а всушност сме болно свесни за многу големата веројатност некој навистина да го стори тоа. И тогаш, еден од кураторите во музејот ја споделува својата загриженост за иднината на институцијата. Имено, се чека назначувањето нов директор на МСУ, а поради шпекулациите оправдано стравуваат дека ќе биде партиски човек, а не човек од фелата.
Уште во 2001 година, Дан и Лиа учествувале на групната изложба „Лаф муабет“ во МСУ–Скопје, па свесни за значењето на нашата институција и за нејзината симболика како музеј на светската солидарност, уште тогаш донирале значителен број цртежи. Сега, оставаат еден исцртан столб во фоајето на МСУ! Го гледаме парчето уметност, кое сега е наше, и некој се досетува: „Само некој да не го прекречи, утре – задутре!“ Се смееме на глас, а всушност сме болно свесни за многу големата веројатност некој навистина да го стори тоа
Тука уште еднаш сакам да го искажам мојот став околу смените на луѓето во културните институции со промена на власта, поттикнат од незадоволството поради мешање на политиката во донесувањето вакви одлуки. Ваквите смени одново го отвораат прашањето за тоа дали можеме да зборуваме за континуитет и унапредување на состојбите во културата, кога практиката на партиски и клиентелистички назначувања продолжува на сите нивоа во културните институции, установи и институти, и како воопшто можеме да очекуваме издржана стратегија и унапредување на состојбите во културата со ваквите молскавични директорски смени? Политичкото насилство над културата, како и над луѓето што во нашата култура дале видливи резултати и исклучителни уметнички остварување, е напад и врз културните и демократски вредности, според кои, луѓето на челните позиции во културните институции може да се избираат исклучиво на јавни конкурси и врз основа на нивните стручни и уметнички биографии, што е во најдлабок интерес на нашата култура и земја. Секоја друга пракса, како што се постојаното поаѓање од нула и негирање на остварувањата на претходниците, недостигот од континуитет, примитивизмот и аматеризмот, е можеби најпогубна токму во сферата на културата. Тука се наметнува и темата за тоа колку истакнати професионалци биле симнати од раководни места и обратно, колку други недокажани во културната сфера се сместиле во истите канцеларии (она од што стравуваат вработените во МСУ). Впрочем, она од што се плаши и столбот на Дан и Лиа!