Уште еден декемвриски самит на ЕУ почнува денеска, а Македонија иако со години постојано се надеваше на чуда и очекуваше убави предновогодишни вести од Брисел донесени во последен момент, тоа никогаш не се случи.
Сега веќе никој ништо не очекува од Брисел, македонските граѓани имаат многу посериозни грижи отколку да се оптоваруваат со тоа дали европските бирократи ќе одлучат да отворат некој кластер или не. И онака тие ниту самите повеќе не знаат каде одат, а не, пак, да носат одлуки важни за иднината на Европа. Дека повеќе нема пилот во европскиот авион говорат и последните блокади на Црна Гора и на Србија, кои иако со децении преговараат, повторно се соочуваат со блокирања поради нечии билатерални каприци.
Значи истата оваа ЕУ ништо не научи дека кога еднаш ќе дозволи да се случи преседан, како што беше блокадата на Македонија најпрво од страна на Грција, а потоа продолжена од Бугарија поради билатерални проблеми, тогаш таквата блокада ќе стане практика. И стана, сите видоа дека ако можат да ја искористат позицијата на моќ, тогаш ќе го добијат посакуваниот резултат. Грција го доби името, а Бугарија притиска да до избрише македонскиот идентитет и на овие простори да воспостави бугарски. Ништо од овие билатерални прашања нема допирна точка со критериумите од Копенхаген, но ЕУ дозволи тие такви етноцидни барања да се претворат во критериуми за членство. Арно ама преседанот почна да им се удира од глава, па сега секој секому ќе му става блокада додека не го добие она што го сака. Со ваков систем на одлучување едно е јасно, дека Унијата оди кон сопствена блокада до ниво кога ќе стане целосно нефункционална. Внатрешните реформи се движат со брзина на полжав, додека наоколу се случуваат геостратегиски земјотреси во кои Унијата никаде ја нема. Турната е некаде настрана со своите проблеми и со менито на билатерални желби, кое од ден на ден станува сѐ поголемо. И на тоа не му се гледа крајот.
Таквата ЕУ е нефункционална, а во недостиг од вистинско лидерство, прогнозите не се оптимистички. Во следните денови повторно европските челници ќе расправаат за тоа како да се надминат проблемите, како да се спроведат внатрешните реформи, како да заживее процесот на проширување, но сето тоа е една голема јалова расправа на која европските бирократи ќе се соберат да се сликаат и да испратат пораки, кои секогаш се исти – потребни се реформи, секоја земја индивидуално ќе се оценува за нејзиниот напредок и билатералните прашања не се дел од преговорите.
Премиерот Мицкоски ќе биде на тој самит, но однапред кажа дека не очекува ништо посебно, ги изнесе нашите позиции, подвлече црта до каде може да одиме и не ги залажа граѓаните со некакви оптимистички прогнози.
И тоа е добро, оптимизмот во однос на ЕУ одамна го нема во Македонија, а граѓаните се свесни дека егзистенцијалните проблеми им се многу поважни отколку празните ветувања од Европа.
Сега Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер, кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји. Ако е така, тогаш нека го тргнат бугарското условување со уставни измени. Сето тоа е обичен билатерален проблем што го имаат Македонија и Бугарија, а не ЕУ. На тој начин ЕУ ќе покаже дека е сериозна во намерите. Но сите знаеме дека тоа нема да се случи. Еве, Србија и Црна Гора преговараат со години, па повторно се соочија со билатерални блокади. Истото тоа ќе ѝ се случи и на Македонија, ќе ги впише Бугарите во Уставот, па повторно ќе дојде некоја блокада.
Но нејсе, откако ѝ го избилатерализираа целиот процес на евроинтеграции на Македонија, сега ќе праќале нон-пејпер, демек да спречеле билатерализација. Не треба нон-пејпер, туку јасен и прецизен документ што веќе постои, а тоа се Копенхашките критериуми. Ако ги исполниш, влегуваш, ако не, ќе почекаш. Многу е едноставно.
Македонската дипломатија во пресрет на самитот направи повеќе обиди да ги претстави позициите на земјава најотворено, но тоа е како да му зборуваш на камен. Едно им кажуваш, тие повторуваат уставни измени, иако се свесни дека ова билатерално барање беше во сила европеизирано во преговарачката рамка. А сѐ што е под притисок и во сила не би требало да има правна важност, па дури и да е изгласано во Собрание. Но Европа, а и светот генерално, подолго време се скарани со меѓународното право и секој си прави што му чини, така што не треба никој да има некакви очекувања од овој самит.
Европејците нека се ракуваат, нека се гушкаат, нека се смеат пред ТВ-камерите, ние да си ја фатиме нашата работа дома. Неселективното постапувањето против криминалот и корупцијата мора да стане практика, мора да се врати владеењето на правото, институциите да постапуваат во согласност со законите и веќе да престанат заканите дека ќе се дестабилизирала државата ако се чепнело во нешто што и онака е донесено насила и спротивно на меѓународните практики. Времињата на етнички заплашувања завршија, сите граѓани без оглед на етничката припадност сакаат да живеат пристојно, наместо да бидат параван на врхушките на одредени политички партии што натоварија како брод додека беа на власт, а сега другите ги туркаат во оган за да можат тие да си го зачуваат капиталот.
Македонија треба да ја направиме функционална и пристојна држава за сите, оти ако чекаме камшикари од надвор, тоа нема да се случи никогаш.
Како и да е, уште еден самит на ЕУ ќе си помине, но кога човек веќе нема никакви очекувања, тогаш нема ни разочарувања. Од Европа одамна се разочаравме, барем да ја вратиме вербата во нас.