Тоа е тој мозаик на можности што се отвора пред сите сега кога се удираат темелите на новиот мултиполарен свет, така што сега е моментот кога се градат стратешки сојузи и се склучуваат договори. Добро е што поврзувањето со кого било сега не се гледа како непријателски чин кон некој друг, туку во оваа сеопшта бркотница кој во чиј сојуз побрзо да влезе, Македонија игра мудро и се води од сопствените интереси. Важно е што тие нови релации се градат врз рамноправна реципрочна основа, тие нѐ почитуваат нас, ние ги почитуваме нив. И што е уште поважно, добро е што Македонија преку тие соработки првенствено го става акцентот на економскиот развој, па затоа не е дел од никакви нови воени сојузи, кои се склучуваат како регионално така и пошироко
Сѐ што се случува низ светот последните години е резултат на едно големо реструктурирање на силите и исцртување нова мапа на сферите на интерес меѓу големите сили, кои очигледно се согласија да го напуштат униполарниот модел на еден командант и еден светски полицаец и да воспостават мултиполарен свет во кој заеднички ќе се креираат светските политики.
Се разбира тука малите земји и натаму ќе останат во сенката на поголемите и моќни држави, но овој пат можностите што се отвораат пред нив се многу поголеми за разлика од претходно, кога важеше максимата или си со нас, или си против нас.
Ако претходните политички гарнитури во Македонија постојано изјавуваа дека освен Европската Унија нема друга алтернатива, се покажа дека сите земји, вклучително и членките на ЕУ, секогаш разработуваат повеќе алтернативи бидејќи се свесни дека повеќе опции отвораат повеќе можности за напредок на земјата, економијата, а со тоа и за подобар живот на граѓаните. Повеќе можности значат и помалку изненадувања кога ќе се случи нешто непланирано.
Затоа клучно во времињата кога се создава новиот мултиполарен свет е Македонија да не седи со скрстени раце, туку да воспоставува релации и да гради партнерски односи со сите моќни држави, сојузи и слично, за да може подобро да се позиционира на светската геополитичка мапа.
Земјава веќе има договори за стратешко партнерство со САД и со Турција, а од неодамна е потпишан и стратешки договор за соработка со Велика Британија. Покрај тоа, таа е и кандидат за членство во Европската Унија, ги имплементира во целост европските закони, воспоставува нови конекции со земјите од Блискиот Исток, од Азија, а во скоро време треба да се работи и на воспоставување и одредени врски со земјите од Африка и од Јужна Америка.
Во нов мултиполарен свет сите овие релации ќе бидат од суштинска важност за Македонија бидејќи на тој начин таа обезбедува повеќе можности за сопствен развој, стекнува идни сојузници со кои може да соработува во повеќе области, да ги користи нивните позитивни искуства, но во исто време да ги нуди сопствените капацитети и на тој начин да станува видлива точка на светската мапа.
Има неколку работи на кои овој државен врв, како и секој друг нареден треба да се фокусираат во иднина доколку сакаат земјава да стане пристојно место за живеење.
Втората стратешка цел што беше поставена по осамостојувањето пред три и пол децении беше зачленувањето во ЕУ, откако првата, членството во НАТО, беше остварена со избрзано и непотребно жртвување на државното име. Но нејсе, патот кон ЕУ во моментот е попречен со слични блокади, само што овој пат залог се македонскиот идентитет, јазик и историја. Да не дозволиме историјата да ни се повтори. А таа, вообичаено се повторува. Црвена линија овој пат е и подебела и поцрвена и таа не смее да се премине, без оглед на сите ветувања што одново ни ги даваат европските челници. Неодамнешната жестока реакција на бугарските европарламентарци за време на расправата за извештајот за напредокот на Македонија во ЕП само покажа дека целта е бришење на македонството од корен, а не уставни измени. Добро е што македонската дипломатија работи на стекнување сојузи со посилни и помоќни европски земји, кои јасно порачуваат дека билатералните прашања треба да останат надвор од преговарачкиот процес, свесни дека новиот мултиполарен свет е отворен за сите оние што не се задоволни од актуелните европски политики. Впрочем, ако до вчера ЕУ гледаше во Кина прв непријател, денеска истата таа ЕУ склучува договори за соработка со Кина во повеќе области, свесна дека интересите се дисперзираат и секој треба да се води од она што за него е најважно. А ЕУ сега го прави тоа затоа што увиде дека многу земји членки на Унијата сами почнаа да си бараат алтернативи, па за да не се случи внатрешен колапс, официјален Брисел и самиот почна да ги диверзифицира политиките.
Поентата е дека Македонија треба да продолжи да работи на членство во ЕУ со несмален интензитет, но да инсистира исклучиво на Копенхашките критериуми, а не на бугарските условувања. Еве во овој таканаречен вакуум простор кога не преговараме се отвори можност за соработка со Велика Британија, која пред неколку години излезе од ЕУ, светска сила што водена од сопствените интереси реши да финансира проекти во Македонија. И земјава има интерес од тоа бидејќи на тој начин почнува изградбата на брза железница по должината на коридорот 10, ќе се градат болници, други инфраструктурни проекти, односно се отвора можност за заживување и на македонската економија. Тоа ќе значи повеќе работни места за македонските граѓани, полесен пристап на македонските стоки до европските, па и светските пазари, но и етаблирање на земјава како главен сообраќаен јазол на југоистокот на Европа.
Разговорите во Казахстан, Азербејџан, во Саудиска Арабија и во другите земји од Блискиот Исток отвораат можности за соработка во енергетскиот сектор, во градежништвото, со што македонските компании добиваат потенцијални нови пазари каде што би можеле да работат. Има можни земји за кои проектот „Вардарска Долина“ е мачкина кашлица, но за Македонија тоа би значело збогум на енергетските предизвици, обезбедување вода, електрична енергија по поволна цена, развој на земјоделството, развој на водниот сообраќај и други придобивки за кои можеби и не сме свесни дека постојат.
Тоа е тој мозаик на можности што се отвора пред сите сега кога се удираат темелите на новиот мултиполарен свет, така што сега е моментот кога се градат стратешки сојузи и се склучуваат договори. Добро е што поврзувањето со кого било сега не се гледа како непријателски чин кон некој друг, туку во оваа сеопшта бркотница кој во чиј сојуз побрзо да влезе, Македонија игра мудро и се води од сопствените интереси. Важно е што тие нови релации се градат врз рамноправна реципрочна основа, тие нѐ почитуваат нас, ние ги почитуваме нив. И што е уште поважно, добро е што Македонија преку тие соработки првенствено го става акцентот на економскиот развој, па затоа не е дел од никакви нови воени сојузи, кои се склучуваат како регионално така и пошироко.
Несомнено создавањето нов мултиполарен свет ќе им го отворат светогледот и на многу луѓе тука во земјава, за кои ако не е ЕУ, тогаш ќе се случи потоп. ЕУ ќе биде секако, но достоинствено и гордо без никакви уцени. Во меѓувреме, добро е да гледаме на повеќе страни во овој нов мултиполарен свет и да возвраќаме на секоја пријателски подадена рака, оти само на тој начин светот ќе се врати на своите вистински темели и вредности.