Повод за средбата била желбата на Рама да им ги честита новогодишните празници на своите гости?! Дури, како потврда за таквото тврдење, беше објавена фотографија на која присутните на средбата наздравуваат со чаша црвено вино. Амааа… се гледаат и многу салфетки, таму, на масата. А кога се во прашање салфетки, тоа многу асоцира на цртежите на салфетка од блиската историја, цртани од страна на Милошевиќ и Туѓман, и исцртувањата на нови граници на Балканот. Тогаш меѓу Хрватска и Србија, сега на салфетките граници меѓу Албанија и Бугарија?! Затоа, господа, другари марксисти-ленинисти или сега проевропски граѓани, немојте да се правите недоветни, многу сте проѕирни!
Ние сме земја што слави веројатно најголем број празници во текот на една година. Мераклии сме за славење, па тоа ти е. Славиме верски празници, и тоа православни, католички, муслимански, славиме валентиновци, халовиновци, разни белосветски чудесии, славиме национални, туѓонационални, регионални, партиски, еснафски, да не заборавам дека дури и пагански празници славиме и одбележуваме, буквално, секој ден ни е празник.
Веројатно сето ова го имале предвид пиар-спинерите што имаат за задача да го замајуваат народов со своите изјави за она што се случува „под житото“, како што велевме пред да започнат да навлегуваат современите стратегии и речници во нашето секојдневие. Сега веројатно би се рекло „под радарот“, но да им го оставиме новоговорот на неговите следбеници, ние барем уште некое време ќе го користиме разбирливиот јазик. Додека не се нареди поинаку.
Муабетот ми беше убаво тргнат, во врска со случувањата во неделава што полека истекува, ама мислата понекогаш знае така да прошара. Значи, празници. Најпрво партиските главешини на партиите што го опфаќаат албанското население кај нас заминаа на аџилак во Тирана. Таму на тркалезната маса се видоа со Еди Рама и се договорија тоа што се договорија. За тоа информиравме од прва рака. Познато е. А резултатите од тоа ќе ги видиме многу брзо. Затоа, учесниците на средбата, да не се прават недоветни во јавноста: Повод за средбата била желбата на Рама да им ги честита новогодишните празници на своите гости!? Дури, како потврда за таквото тврдење, беше објавена фотографија на која присутните на средбата наздравуваат со чаша црвено вино. Ама се гледаат и многу салфетки, таму, на масата. А кога се во прашање салфетки, тоа многу асоцира на цртежите на салфетка од блиската историја, цртани од страна на Милошевиќ и Туѓман, и исцртувањата на нови граници на Балканот. Тогаш меѓу Хрватска и Србија, сега на салфетките цртани граници меѓу Албанија и Бугарија?! Затоа, господа, другари марксисти-ленинисти или сега проевропски граѓани, немојте да се правите недоветни, многу сте проѕирни!
И ај што сте вие такви, но се чини дека и некои наши политичари ќе треба да ги тргнат замаглените очила за да погледнат поубаво околу себе и да не даваат недоветни изјави.
Но не се само тие махери да ни пакуваат вести што соодветствуваат со нашиот празничен менталитет. Ете, и посетата на Скопје од страна на рускиот митрополит Антониј, задолжен за меѓународни односи на Руската православна црква, мина под превезот дека носи поздрави од рускиот патријарх Кирил и честитки за именденот на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Неверојатно. Во ист ден ист наратив. Човек да помисли дека исти советници за односи со јавноста имаат Руската црква и албанските партии. Или, пак, тукашните брифери и логистичари им се исти. Нема друг одговор.
Просто е неверојатно како и едните и другите нѐ потценуваат и нѐ третираат како ние да сме недоветни, демек, кажи им што било, ќе проголтаат. Па, зарем дотаму дојдовме?
Дури во таква ситуација вистинско изненадување, да не речам сензација, излезе фактот дека посетата на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, на Скопје, од каде што ја започна официјалната турнеја на Балканот, и неговата средба со премиерот Димитар Ковачевски не ни беше претставена како „празнична“. На пример, да ни кажеа дека дошол да се одбележи денот кога пред четири години ја добивме додавката Северна во нашето име, бидејќи посетата се совпадна токму со тој датум. Но, за среќа, не се случи тоа, па наместо тоа, добивме некакво објаснување дека се разговарало за левтерни, незагрижувачки прашања, така што народот може да биде мирен.
Дури дознавме дека на гостинот му подариле македонски дрес со неговото име на грбот, што е факт кој навистина може позитивно да се оцени. Не поради содржината на подарокот, туку поради фактот дека протоколот овој пат се покажа на ниво – не го згреши името на ликот што го прими подарокот.
Но, шегата настрана, поводот не е нималку таков.
Да дојдат во еден ден американски и руски претставници во „папокот на светот“, сепак е малку повеќе од индикативно. Такво совпаѓање на таква дипломатска раздвиженост не може да биде случајно или без некаква сериозна заднина. Би било прекрасно кога сето тоа би било за некаква посветла иднина или некаков напредок, кој одамна го очекуваме. Штета што искуството нѐ учи дека во ваква згусната активност ништо не е случајно и дека по ваква серија посети, обично немаме што да славиме. Тоа ќе се изроди можеби во некој празник, но за други, не за нас.
А ние, за тоа време ќе се замајуваме со приказни за тоа дали повеќе ги сакаме кучињата или луѓето. Кој бил уапсен, каде и како, односно кој бил пуштен, зошто и кој ургирал. Кој е виновен што плаќаме дебели пенали кон белосветските кредитори за неизградба на клиничкиот центар или незавршувањето на автопатот за Охрид… Забава за народот секогаш имало и ќе има.