Совршен пример за историјата како нејзина сегашна претстава се некои од современите бугарски историчари и нивниот наратив за македонското минато. Нивните дела не се објективни и се карактеризираат со анахроност и ирационален политички субјективизам, што се идентификува преку нивниот став дека македонскиот народ во минатото не суштествувал, дека тој е модерна креација, односно дека е креација на политички инженеринг. Оттука, сите македонски настани и личности од минатото се прикажуваат во бугарски дух, а честопати се прават конструкции за да се релативизираат нештата, да се обезличат и обезвреднат, како што е антиисториското преименување на великото македонско Илинденско востание во Илинденско-преображенско востание
(Порака кон притисокот Македонецот да се откаже од својата историја и култура)
Се вели дека историската вистина е логична и методолошка, како и дека историчарите го прикажуваат минатото на вистинско светло. Но историската вистина е условена и од моралноста на историчарот, односно од неговата способност да ги прикаже настаните и личностите од минатото онакви какви што биле. Исто така не треба да забораваме дека понекогаш историчарите се под влијание на одредени идеолошки погледи што изразуваат интереси или цели, оттука нивното видување за минатото не е релевантно. Во оваа смила треба да правиме разлика помеѓу историјата како што всушност се случило и историјата како нејзина сегашна претстава.
Совршен пример за историјата како нејзина сегашна претстава се некои од современите бугарски историчари и нивниот наратив за македонското минато. Нивните дела не се објективни и се карактеризираат со субјективизам, кој произлегува од ставот дека македонскиот народ во минатото не суштествувал, тој е модерна креација, креација на политички инженеринг. Оттука, сите македонски настани и личности од минатото се прикажуваат во бугарски дух, а честопати се прават конструкции за да се релативизираат нештата, да се обезличат и обезвреднат, како што е антиисториското преименување на великото македонско Илинденско востание во Илинденско-преображенско востание, во смисла дека имало две востанија, во Македонија и Одринско. Меѓутоа апсурдностите не завршуваат тука. Минатата година по повод 120 години од Илинденското востание, бугарскиот историчар Светлозар Елдаров го преименува македонското востание од 1903 година како Илинденско-преображенско-крстовденско востание. Каков апсурд!
Историската вистина не може да се карактеризира со фалсификување, бидејќи таа е морално обврзана да биде вистинита и ангажирана во бескрајна потрага по веродостојни наративи, како и убедливи објаснувања на појавите од минатото. Оваа историска вистина вели дека д-р Макс Фишер на 11 јануари 1930 година објавил брошура во „Дојче алгемајне цајтунг“ со наслов „Македонското прашање“. Во неа Фишер напишал дека „Македонците не се ниту Бугари ниту Срби, тие претставуваат едно посебно племе од југословенска националност. „Тие имаат свој јазик, кој што е многу близок до црковнословенскиот јазик и се разликува како од бугарскиот, така и од српските јазици, како и дека Македонците имаат свои народни песни и обичаи… Како писмен јазик, Македонецот го изучува бугарскиот или српскиот, со изучувањето на азбуката се решава и прашањето за неговото бугаризирање или србизирање… Додека Македонија се наоѓаше под влијание на Бугарската црква, нејзината малобројна интелигенција беше побугарена, а денес македонската младина, која учи само за да може да чита и да пишува, се воспитува во српските училишта и цркви во српски дух и таа ќе биде со успех посрбена, како што нивните татковци беа побугарени“.
Оваа историска вистина исто така вели дека Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), во 1930 година го напишал следното: „Народ кој го истрпи петвековното ропство; којшто се ослободи од фенерскиот духовен гнет; којшто ја разруши Турската Империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва“ или дека „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци“.
Оттука нештата се јасни како ден, а идните македонски членови во фамозната комисија за историски и образовни прашања треба објективно и научно да ги толкуваат историските настани и личности онакви какви што биле. Притоа не треба да го заборават искажувањето на д-р Макс Фишер дека „Македонците не се ниту Бугари ниту Срби“ или зборовите на Татарчев дека Македонецот „не може да се откаже од својата историја и култура“. Тоа е историската вистина и затоа низ една решителна историска порака, која е факт исто како што е ноторна вистина дека Македонецот нема да се откаже од својата историја и култура, порачуваме: No pasaran!