Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници

Шовинизмот и радикализмот никогаш не беа составен дел од македонското политичко милје, секако дека има изблици на национализам, но македонската држава беше создадена врз идеолошкиот принцип на Јане Сандански, кој велеше: „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство“. Како општество и држава треба да сфатиме дека именувањето на улиците имаат одредена симболика, која треба да обединува, а не да разделува. Како што има симболика тетовската улица именува според Мурат Бафтијари, човек од албанска припадност што беше убиен од балистите затоа што се бореше за слобода и соживот на сите македонски жители

Во деновите помеѓу 20 и 29 април 1941 година во Виена се водеа дипломатски преговори помеѓу грофот Ќано и Фон Рибентроп за поделба на тогашното Кралство Југославија. На овие преговори, меѓу другото беше договорена и поделбата на Вардарска Македонија помеѓу кралството Италија и царството Бугарија. Конечната поделба беше извршена од една германско-бугарска гранична комисија, која одлучи дека поголемиот дел од Македонија ќе ѝ припадне на Бугарија предводена од царот Борис, а западниот дел на Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга, како и поголемиот дел од преспанските села, ќе им припаднат на Италија и нејзините албански сојузници. Со овој чин, судбината на македонскиот народ, но и на сите жители на Македонија без разлика на етничката и религиозната припадност, повторно беше решавана од некој друг. Како и во минатото, повторно започнаа асимилаторски политики, кои беа насочени против припадниците на македонскиот народ, но и на сите македонски жители. Крајната цел на овие активности беше да се избрише секоја трага од автохтониот македонски елемент и да се преуреди во калап што ќе одговара на великобугарзимот или великоалбанизмот.
Припадниците на македонскиот народ и сите македонски жители, вклучително и Албанците, ја започнаа Народноослободителната и антифашистичка борба. Водени од идеалите за слобода и еднаквост ја започнаа војната против царска Бугарија и кралството Италија, вклучително и нивните сојузници како припадниците на Бали комбетар.
Народноослободителната и антифашистичка борба заврши со создавањето на современата македонска држава. Таа држава се одликуваше и сѐ уште се одликува со една слободарска нишка, особено видливо во преамбулата на македонскиот устав од 1991 година каде што се вели: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ и уставно правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија“.

Од идеолошки аспект, целосната граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите итн., која се споменува во македонскиот устав, не е случајна. Македонската идеолошка платформа за слобода и самостојна македонска држава отсекогаш имала позитивен пристап кон сите македонски жители без разлика на етничката и религиозната припадност, нешто што е видливо и во Крушевскиот манифест од 6 август 1903 година, во кој меѓу другото се вели: „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода“.
Тоа е идеолошката суштина на македонската борба за слобода, но и на современата македонска држава. Водени од идеалите на слободата, еднаквоста и соживотот, македонските државници се стремеа Македонија да се оформи како слободна и праведна држава, а не како зандана за нејзините жители. Оттука во Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија се вели: „Сите граѓани на федерална македонска држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и часната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста“.

Сега да се насочиме кон прашањето на денот! Колку и да звучи чудно, македонската јавност деновиве можеше да прочита или да слушне за јавната дебата за преименување на некои од улиците во Тетово. Меѓу другото, беше побарано бришење на тетовските улици со имињата на браќата Миладиновци, Иво Рибар Лола и Мурат Бафтијари, како и предлози за именување на некои од улиците според Џемо Хаса, Мефаил Шеху–Зајази и други балистички фигури. Каков апсурд, некој свесно или несвесно ги поткопува темелите на македонската држава, обидувајќи се да ја промени нејзината суштина. Идеологијата на Џемо Хаса или Мефаил Шеху–Зајази е во спротивност со идеолошката матрица на македонската држава, односно со принципите за вечни комшии, пријатели и познајници како што се вели во Крушевскиот манифест. Политичкиот идеал на Џемо Хаса или Мефаил Шеху–Зајази е контрадикторност на современата македонска држава затоа што е шовинистички и радикално националистички.
Идеолошки гледано, шовинизмот и радикализмот никогаш не беа составен дел од македонското политичко милје, секако дека има изблици на национализам, но македонската држава беше создадена врз идеолошкиот принцип на Јане Сандански, кој велеше: „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство“. Како општество и држава треба да сфатиме дека именувањето на улиците има одредена симболика, која треба да обединува, а не да разделува. Како што има симболика тетовската улица именува според Мурат Бафтијари, човек од албанска припадност што беше убиен од балистите затоа што се бореше за слобода и соживот на сите македонски жители.