Ни колективната тага не е света за политичките мршојадци

И додека надлежните сега си ја работат својата работа, општеството ја лекува својата тага така што се собира на мирни собири и молчешкум гласно порачува дека нема повеќе да дозволи некој да се извлекува неказнето. Низ ваквите собири на кои се палат свеќи и се молчи, всушност се канализира колективната тага, но тој молк истовремено е и гласен крик што треба да го слушнат сите политички чинители во државата и да разберат дека функцијата носи и одговорности, пред сѐ за своите граѓани

Помина една мачна недела по трагедијата во кочанската дискотека во која животот го загубија 59 млади луѓе, но ќе биде потребно многу подолго време барем малку да се залечи чемерот од овој ужасен настан всаден длабоко во македонската колективна меморија.
Иако деновите на седумдневна жалост минаа, сепак на ниту еден човек со барем малку емпатија во себе не му е до веселби и песни, но животот оди натаму и најмалку што сега можеме да направиме е оваа огромна жртва да не биде попуста, туку нешто да научиме од неа за да не се повтори во иднина.
Веројатно кобната вест во неделата во раните утрински часови ги разбуди и институциите, кои првпат во поновата македонска историја, барем од независноста наваму, сфатија дека времињата на заташкувања, површни истраги и префрлање на одговорностите завршија и дека сега е потребно брзо процесирање на виновниците пред лицето на правдата.
Затоа се случи и таквиот енергичен и добро координиран институционален одговор, како од извршната така и од судската власт, кои конечно покажаа како треба да изгледа вистинската заедничка борба против криминалот и корупцијата.
И додека надлежните сега си ја работат својата работа, општеството ја лекува својата тага така што се собира на мирни собири и молчешкум гласно порачува дека нема повеќе да дозволи некој да се извлекува неказнето. Низ ваквите собири на кои се палат свеќи и се молчи, всушност се канализира колективната тага, но тој молк истовремено е и гласен крик што треба да го слушнат сите политички чинители во државата и да разберат дека функцијата носи и одговорности, пред сѐ за своите граѓани.
Но дури и ваквите мирни и достоинствени бдеења некој се обидува да ги осквернави со политичко контаминирање, да ги искористи туѓата болка и несреќа за да профитира, несвесен дека македонските граѓани секогаш ги препознавале политичките мршојадци и многу брзо ги фрлале на буништето на историјата. Оваа колективна тага не смее никој да ја искористува и сквернави, туку ако веќе не сочувствува, тогаш барем нека молчи и нека се тргне настрана.
Сега е клучно, а тоа го очекуваат и семејствата на оние што загубиле некој близок во оваа трагедија, како и целото македонско општество, институциите конечно барем еднаш да ја завршат работата како што треба и да ги изведат сите виновници пред лицето на правдата, а оние кај кои ќе се утврди вина, да ја добијат и заслужената казна. Без никакви исклучоци, кој и да е, без оглед на партиска, етничка или верска определба, бескомпромисно и неселективно. Тоа е таа правда што македонските граѓани ја бараат три децении, но не ја добиваа поради што ни се случи Кочани, но и модуларната во Тетово, Ласкарци, „Беса турс“, Онкологија…

А за да се дојде до таа правда, треба да им се даде разумен временски рок на институциите да ја завршат работата и да докажат дека можело и поинаку. Ако потфрлат, многу брзо ќе ги стигне казната од граѓаните уште на следните избори и тоа е начинот како се казнуваат неуспешните политичари во една демократска држава. Секој друг начин, со злоупотреба на мирните граѓански и студентски собири, всушност е застанување на страната на криминалот и корупцијата во земјава, односно јасна интенција ништо да не се открие, институциите да не функционираат, за да можат политикантите и разните други мршојадци да продолжат да ловат во матно. Сите оние што сега сакаат да предизвикаат хаос користејќи ја туѓата несреќа, едноставно не сакаат расчистување на состојбите во државата. Тие, немајќи што да им понудат на граѓаните, им нудат деструкција и уривање на системот како вовед во уште поголем хаос и анархија што во овие турбулентни времиња можат да бидат катастрофални за иднината на државата.
Македонските граѓани не го сакаат тоа, доста им е од деструкции, нефункционални институции, неказнивост, криминал и корупција, туку сакаат оваа трагична несреќа да стане пресвртна точка што ќе го сплоти целото македонско општество во насока на обезбедување подобра и посигурна иднина за сите. Секој родител сака неговото дете утре да биде безбедно кога ќе поминува улица, кога ќе оди во дискотека, сака да добие добро образование, да диши чист воздух, да има работа и перспектива, а да се случи тоа е можно само ако системот почне да функционира како што треба.

Шут-карта ќе добијат оние што се обидоа да ќаруваат политички поени врз туѓата несреќа, па македонската политичка сцена конечно ќе се исфилтрира од политичките профитери и ќе почне да функционира со доблесни луѓе на кои државата и граѓаните им се пред сѐ и над сѐ. Со такви луѓе и институциите ќе станат вистински граѓански сервис, а системот по дифолт ќе се ослободи од вирусот наречен
корупција

Од друга страна, ниту една власт нема да ја задржи власта ако не ги исполнува ветувањата дадени кон граѓаните. Ако надлежните не го исполнат она што го ветија по кочанската трагедија, тогаш за кусо време ќе ја добијат пораката од народот и таа ќе биде јасна и недвосмислена. Шут-карта ќе добијат и оние што се обидоа да ќаруваат политички поени врз туѓата несреќа, па македонската политичка сцена конечно ќе се исфилтрира од политичките профитери и ќе почне да функционира со доблесни луѓе на кои државата и граѓаните им се пред сѐ и над сѐ. Со такви луѓе и институциите ќе станат вистински граѓански сервис, а системот по дифолт ќе се ослободи од вирусот наречен корупција.
Како и да е, сега е време на општествена кохезија, сплотеност, но и будност работите да не се туркаат под тепих. Она што се случи, се случи, нема враќање назад, но има чекори важни за иднината. За многу кратко време ќе се дознае дали тие чекори се во вистинска насока, но исто ќе се дознае и кој собирал политички поени врз туѓата несреќа. Македонските граѓани се мудри, секогаш го препознавале плевелот меѓу житото, па и овој пат ќе постапат така. Ќе остават тагата мирно да истече од нивните души на собирите што катадневно се одржуваат низ земјава, не за себеси да си олеснат оти за тоа е потребно време, туку да испратат порака до сите дека Кочани нема никогаш да се заборави! Пораката ќе се однесува и на оние другите – подалеку рацете од она што отсекогаш било во битот на македонскиот народ, да сочувствува и да ги споделува болката и тагата со унесреќените.