За дваесетина дена, Македонија ќе одбележи 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001 година и со кој Македонија се редефинираше како држава во однос на онаа од 1991 година, при што се воспоставија некои нови наметнати механизми, кои само дополнително го отежнуваа функционирањето на државата наместо да го унапредат.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59, се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта. За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, чија главна функција беше да се игра мал фудбал од страна на министрите на ДУИ, да се слават родендени на лидерот на партијата, да се демонстрираат вокалните способности на истиот тој лидер, сето тоа дополнето со чадот од цигарите, кои страсно се вовлекуваа во просториите каде што најстрого е забрането пушењето.
Арно ама, за ДУИ ништо не беше забрането, па продолжува така и сега да се однесува. Пред извесно време, истите тие интегративци јавно истапија со изјава дека Охридскиот рамковен договор е целосно исполнет и дека понатаму се посветуваат на зелената агенда, односно ќе се обоеле во зелено и ќе се посветеле на екологијата и заштитата на природната средина.
За сите во државава тоа беше како гром од ведро небо, но можеби и сето тоа беше добро смислен потег, да бидеш зелена партија во време кога постојано растат сумите во европските фондови токму за зелената агенда.
Арно ама, една стара поговорка убаво вели, волкот влакното го менува, ама карактерот не, па така и овие од ДУИ. Кога видоа дека полека го губат тлото под нозете, кога и нивните довчерашни гласачи почнаа да ги прашуваат каде се патиштата, водоводите, каде се платите, пензиите, каде е економијата, тогаш повторно заборавија на зеленото, па се навратија на чизмите по таваните, воените извици „УЧК, УЧК“, отворањето споменици со мапи на голема Албанија, а за обичниот човек, му останаа само старите националистички приказни.
ДУИ сега повторно се обидува да продава иста таква приказна. Кога конечно по две децении власт се најдоа во опозиција, функционерите од оваа партија никако да се помират со новата фактичка состојба, дека не се повеќе власт, па одеднаш повторно се враќаат на Охридскиот рамковен договор, дека новите состојби не биле во тој дух и дури го повикаа поранешниот автор на истиот тој договор да им изготви модалитети за идно преуредување на државата во согласност со договорот од Охрид. Со други зборови, да направи нова верзија по нивен терк.
Арно ама, една клучна работа е ставена ненамерно или намено во тој договор, кој во почеток ги елиминира сите обиди на интегративците да ја разнебитат државата. Имено, уште во првите две точки од основните принципи на договорот стои јасно: Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.
1.2. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања.
Само со овие два принципа во Охридскиот договор паѓаат во вода и белгискиот и моделот за Северна Ирска, кои, наводно, им ги понудил американскиот експерт. Чудно е како истиот тој експерт што веќе го подготвувал Охридскиот рамковен договор пред 23 години, не ги памети овие основни принципи? Или, кога е во прашање добар хонорар со многу бројки, меморијата не служи многу добро, па брзо се забораваат работите што претходно се кажувале.
Како и да е, некој дебело ќе си го наполни џебот продавајќи евтини приказни за некакви функционални модели, кои доколку биле добри денес Белгија ќе имаше влада, а Северна Ирска некаков нормален државен статус, без состојба на замрзнат конфликт. За жал, Македонија сиве овие години го имаше пехот баш кај нас да се инсталираат некакви дефектни модели колку да се проба дали ќе функционираат, па така беше и со Бадентер, така беше и со балансерот, а сега се прави обид со инсталирање некои нови модели за внатрешно уредување, кои се знае како ќе завршат. И сѐ да се ставело во устав, небаре Уставот наш е арабаџиски тефтер.
Но тие времиња поминаа, Охридскиот договор со сите мани и недостатоци, гарантира унитарна Македонија и секој што ќе се дрзне да го преправа овој договор ја турка земјата кон нестабилност и конфликти. Во случајот, тоа го прави ДУИ зашто предизвикувајќи нестабилност, очекува повторно како некаков фактор на сила да се врати на власт и од таа позиција да го продолжи процесот за разградување на државата и за нејзино целосно демонтирање по етничка основа.
Едно нешто треба секому да му биде јасно, не ни се потребни никакви странски модели, си имаме ние прекрасен македонски модел, кој покажа и низ историјата дека сите народи на овие простори со векови живееле сложно и без кантони, и без административни единици, и без други формати на поделби и ограничувања, се разбирале на едноставен македонски јазик и функционирале како едно. Несреќата е што другите одоколу не им дале да направат држава оти биле свесни дека сложен народ значи силна држава, а ним не им било во прилог силна Македонија. Очигледно и сега некому не му одговара силна и сплотена Македонија, без етнички поделби и разлики, туку некој намерно сака да наметне бинационалност по сите основи, дури и ако треба да се бројат крвните зрнца што ги носат граѓаните.
Колку и да се крева прашина околу новите модели за државно преуредување, колку и да се најавуваат протести од есен, сиот прав ќе слегне набргу кога истите оние што ја креваат прашината, односно ДУИ, ќе сфатат дека граѓаните повеќе не сакаат да понесуваат жртва за некој друг да се богати врз нивниот грб, туку сакаат чесно и одговорно работење. Сите заедници во земјава си имаат свои легитимни претставници, а тоа е македонската влада, која треба да работи за доброто на сите, без оглед на нивната етничка припадност. Кон тоа треба да се стреми ДУИ и можеби периодот во опозиција би било подобро да го искористи за едно ново ребрендирање, еве овој пат наместо во зелено, нека биде во дречливо сино, ребрендирање во вистинска европска партија што ќе интегрира, не по етничка, туку по европска основа. Партија што ќе ги практикува европските вредности за сите граѓани, наместо да прокламира вредности на поделби и конфликти.
Кога ќе дојде тоа време, можеби повторно ќе вратат дел од загубената доверба кај граѓаните, на кои им е преку глава од етнизација на сите процеси. Колку и дали од ДУИ ќе ја научат таа лекција, зависи од нив самите.