Во пресрет на настаните што следуваат на ова јубилејно издание, ќе се обидам да ја резимирам богатата традиција на највредниот фестивал што го имаме. Верната публика на „Охридско лето“ секоја година очекува нешто повеќе и подобро, особено откако на таа иста сцена ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки…
Со гала-концерт на светски познатата пијанистка Клер Хуангчи и извонредните уметници од Филхармонијата, а под диригентката палка на маестро Едвин Оутвотер, во магичниот амбиент на Античкиот театар викендов беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Во духот на годинашното мото „Трансформација на сетилата“, виртуозноста на уметниците беше облагородена со 3Д-мапирање на португалскиот сценарист Рафаел Карико.
Во пресрет на настаните што следуваат на ова јубилејно издание, ќе се обидам да ја резимирам богатата традиција на највредниот фестивал што го имаме. Верната публика на „Охридско лето“ секоја година очекува нешто повеќе и подобро, особено откако на таа иста сцена ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Години во кои се обнови реномето што фестивалот го уживал во 1970/1980-тите години, кои сѐ уште важат за златни во неговата шестдецениска историја. Враќањето од неколкудецениската хибернација на фестивалот првпат го почувствуваме кога на сцената на Античкиот театар застана славниот тенор Хозе Карерас. Оттогаш, сосема разбирливо, и очекувањата на публиката, дури и кај онаа помалку пребирливата, пораснаа. Публиката, по Карерас, сака секоја година на „Охридско лето“ да чуе барем еден уметник од ваков калибар.
Иако не секогаш зборот „спектакл“ е доволна мамка за едуцираната и информирана публика, а и не значи квалитетна содржина, важно е да можеме да останеме верни на традицијата на исклучителни фестивалски отворања, особено поради долгогодишното опстојување на оваа манифестација, која упатува на една голема традиција што извира од градот Охрид, духовната престолнина на Македонија, па оттука и фестивалот, кој е уште еден негов знак за препознавање, сосема со право важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција.
Во далечната 1961 година на 4 август, под чудесните сводови на преубавата катедрална црква „Света Софија“, беше означено раѓањето на манифестацијата, со настап на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ. На овој прв концерт прозвучи магичниот глас на првенката на Македонската опера, со што се зароди манифестација од светско значење, започна приказната што подоцна беше наречена „Охридско лето“. Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“, како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа сѐ попривлечна за многу уметници и ансамбли. Фестивалот стануваше привлечна дестинација за уметници со високо реноме, легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара (виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот). Фестивалот стануваше сѐ поинтересен и побогат за гостите и за публиката. Во 1970-тите и 1980-тите продефилираа многу уметници и ансамбли, од кои, покрај домашните од тогашната Југославија, и многу светски реномирани имиња, чие учество придонесе за уште поголема афирмација: Мстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ, кои придонесоа за натамошниот раст и афирмацијата на фестивалот. Во тие години, како што се зацврстуваше физиономијата на музичкиот дел од програмата, паралелно се почувствува и потребата од истото тоа за другиот програмски сегмент – театарот.
Во првите години на фестивалот се почна со гостувањето на домашните театри со претстави од нивниот репертоар, за подоцна и овој програмски сегмент да ја доутврди својата физиономија и фестивалот да стане примамливо собиралиште за многу гостувачки театри од светот. На сцените во предворјето на „Света Софија“, Долни сарај, Самуиловата тврдина, „Св. Наум“, Сараиште, Плаошник… се остварија театарски проекти за паметење по текстови на домашни драмски автори и светски класици како Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушиќ или, пак, старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан…
По оваа незаслужено кратка историја збиена во педесетина реда, пораката до сегашните и до сите идни организатори на фестивалот е, доколку и немаат можности, да најдат сила и енергија за фестивалот „Охридско лето“ да ја зачува препознатлива традиција, но и да расте и да се менува во духот на годинашното мото „Уметноста трансформира“. Во истиот дух прозвучи и уметничката порака, која годинава ја пренесе актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски, кој низ годините како селектор ја градеше и успешната театарска приказна на фестивалот: „Живееме во време на војни, каде што човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, уметноста не е луксуз – таа е нужност. Нужност и апел да се потсетиме што значи да се биде човек“.