Цело лето пожари ја пеплосаа половина држава, а огнената стихија не само што не се скротува туку зема уште поголем замав. Попусто на македонските пожарникари им пристигнуваше помош од соседството со „канадери“, хеликоптери, преку механизмите за помош на ЕУ, но шумите и натаму горат, а интензитетот од ден на ден уште повеќе се зголемува. Само што некаде пожарот ќе се изгасне или во најмала рака ќе се стави под контрола, веднаш на некое друго место букнува нов, уште поголем и уште посилен.
Неодамна првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека за него е несфатливо во еден ден да избувнат од 35 до 40 пожари, оправдано изразувајќи сомнеж дека најголем дел од пожарите се подметнати.
Но додека задача на истражните органи е да ги утврдат точните причини за енормниот број пожари, она што може да се забележи е несовесното однесување на дел од граѓаните, кои со своите постапки директно влијаат врз избувнувањето на пожарите.
Имено, неодамна патувајќи низ западниот дел од земјата останав затекнат од она што можеше да се забележи покрај патот. Сува обрасната трева, а покрај неа фрлени купишта ѓубре, лименки, стаклени шишиња, пластика, но и многу испразнети пепелници од автомобилите на импровизираните паркиралишта. За дивите полузапалени депонии и воопшто да не станува збор. Едно скршено парче стакло во сувата трева на температури над 40 степени станува потенцијална каписла за иницирање пожар бидејќи стаклото дејствува како лупа и со помош на сончевата топлина се пали сувата трева. Се прашувам колку размислува за последниците врз природата оној што низ прозорецот на својот автомобил ќе го исфрли сиот тој смет, или едноставно кажано, тој не размислува. Да размислувал, немало да го направи тоа.
Слична е ситуацијата во сите делови на државата. Доволно е некој вљубеник во природата, имајќи предвид дека дел од планините летово се забранети поради опасност од пожар, да се искачи на Водно и да види што се случува на оваа планина. Од поранешно Олимписко село и Панорама, кои сега се урбанистички масакрирани со грди и високи згради, до првото паркиралиште, целиот потег и од левата и од десната страна на патот е преполн со смет. Лименки, шишиња, долна облека, кондоми, тони пластика, сето тоа стои како „украс“ покрај патот. На човек да му се згади прошетката. Секое парче од отпадот претставува потенцијална опасност за избувнување пожари. Постарите скопјани добро го паметат пожарот над Панорама во 70-тите години на минатиот век, кога благодарение на ефикасната цивилна заштита и тогаш многубројната противпожарна бригада веднаш беше локализиран и Водно, како и околните населби беа спасени од ширење на огнената стихија. Јас го паметам тоа уште од дете и до ден-денес ми останаа врежани во сеќавањето татнежот на противпожарните возила и остриот мирис на чадот. Но многу повеќе, во душата ми остана присутен стравот дека огнот може да дојде до нашите куќи. Тој страв остана во мене и ден-денес, така што точно знам што чувствува секој граѓанин кога ја гледа огнената стихија на блискиот рид како голта сѐ пред себе и се доближува до населените места. И тогаш, како што истрагата покажа, пожарот го подметнал некој пироман, кој сакајќи да ја задоволи сопствената желба да ги пламнува работите ќе изгореше цела планина и еден куп куќи.
Со години има кампањи да не се палат стрништата, но ефектот е спротивен, не само што уште повеќе се палат туку се оставаат и без никаква контрола, ако при палењето оган воопшто и може да се зборува за контрола.
Она, пак, што се случува со пожарите во шумите е сосема друга работа. Зад сето тоа стои добро разработен бизнис во кој најпрво се пали шумата, а потоа од опожарените подрачја се сече огревно дрво без никаква контрола и се продава за висока цена. Тоа е добро разработена шема што функционира веќе добри три децении. Еве еден прост пример. Во моментов има пожар кај селата Папрадиште и Ореше што се заканува да ги зафати и куќите. Сум шетал по падините на Мокра Планина (Јакупица), во чии пазуви лежат овие села, впрочем и самото име ѝ кажува дека е преполна со водотеци од сите страни, температурата на воздухот и во најжешките лета не надминува 30 степени, така што пожар предизвикан сам од себе од горештините е целосно исклучена работа. Се случувало да удираат громови околу Солунска Глава и тие понекогаш знаеле да предизвикаат пожар, но чудна коинциденција е пожарите секогаш да се појавуваат во најубавите кории преполни со буково и дабово дрво. И сега ќе гори неколку дена, по некое време пожарите ќе ги изгаснат и потоа ќе забрмчат моторните пили со кои ќе се сече огревно дрво, ќе протатнат камионите натоварени со дрва, кои некој ќе ги продава по енормно високи цени на дрвниот пазар. Тоа е системот, запали, па потоа продавај и профитирај.
Зад сето ова, настрана институционалната нефункционалност, се крие несовесното однесување на граѓаните. Ако граѓаните беа малку поодговорни, доколку не фрлаат смет каде што ќе стигнат, доколку не ги палат стрништата, доколку дел од нив не печалат на нелегален начин продавајќи дрва од опожарени шуми, ситуацијата ќе беше сосема поинаква.
Со одговорни и свесни граѓани, немаше да има ниту потреба од забрана за движење во шуми во текот на летото бидејќи на тој начин самите граѓани ќе беа еден вид цивилна гарда што ќе алармираше за секаква потенцијална опасност од пожар. Таа граѓанска цивилна гарда лесно ќе ги забележеше лицата што се намерно дојдени да предизвикаат штета, а сето тоа во координација со активностите на шумската полиција и на припадниците на Македонски шуми, ќе придонесеше за значително намалување на опасностите од појава на пожари. Лесно ќе беа лоцирани и одговорните. Сите имаат мобилни телефони, може да фотографираат сомнителни активности и да ги препраќаат до надлежните.
Она што е клучно, тоа е секој да тргне од самиот себе и да ја преиспита секоја постапка што сака да ја направи. Оној што возејќи автомобил го извадил догорчето од уста и се подготвува да го исфрли низ прозорецот на следниот свијок, да помисли дека надвор е 40 степени, тревата е сува и дека лесно може да се запали, но уште повеќе, да размисли зошто впрочем е поставен пепелникот во автомобилот. Ако не е свесен за тоа, тогаш треба да се преиспитаат неговите способности да управува автомобил.
Понатаму, да си ја преиспитаат совеста и тие што ги палат стрништата. Па зарем од цела Европа само нашиве се најпаметни и палат, а сите други ги ораат остатоците за подоцна тие да гнијат во земјата и уште повеќе да ја збогатуваат без додавање на никакви вештачки ѓубрива. Чист природен процес.
За совеста кај оние што профитираат од продажба на огревно дрво од опожарени подрачја, тешко е да се каже дека некогаш ќе проработи. Нив ги интересираат само пари и за тоа се подготвени да одат по секоја цена, па ако треба и 30 пожари да направат денес. Но може да проработи совеста кај оние што купуваат такво дрво. Знам, сите сакаат да дојдат до поевтин енергент, но поевтината цена што денес ја плаќаат за огревното дрво, утре тие самите, а и другите, ќе ја платат со здравјето. Помалку шуми, повеќе загаден воздух, повеќе природни непогоди, а со тоа и повеќе здравствени проблеми, повеќе смртни случаи од загаден воздух.
Не е нормално да има олку пожари во државата, да се трошат толку ресурси и пари само поради нечие несовесно однесување. Многу граѓани останаа без своите домови, отворени се пунктови за донирање облека, постелнина и други потрепштини за оние што ги изгубија куќите во пожарите и сето тоа само затоа што некој саможивник, без грам совест, го направил тоа што го направил.
Не сум експерт, ама се согласувам со првиот човек на ЦУК дека најголем дел од пожарите се подметнати и предизвикани од граѓанската несовесност. Ниту Швеѓаните ниту Норвежаните не се нешто подобри од нас, туку казните ги направиле да бидат подобри и подисциплинирани. Граѓанската совест ќе се разбуди само со казни и никако поинаку, но не симболични, туку дебели казни за секој пред што било да направи, добро да промисли дали ја загрозува сопствената, но и иднината на своето семејство. Само така ќе проработи свеста, во спротивно, ќе продолжи да гори, уште повеќе.