Ќе поставиме едно филозофско и провокативно прашање, на кое ќе се обидеме да дадеме одговор. Зошто зборот треба да содејствува со суштината? Еден збор може да се разбере како симбол што е мост меѓу мислата и светот, а кога еден збор содејствува со суштината, тој го открива, го воспоставува и го втемелува значењето. Тоа е потребно затоа што треба да имаме јасност и вистинитост за нештата, односно кога зборот точно ја опишува суштината, тогаш тој е јасен и има смисла. Од друга страна, доколку еден збор не содејствува со суштината, тогаш тој е шуплив и суштината е недопрена. Оттука новите зборови ја доловуваат суштината и зборовите имаат смисла
Се вели дека збогатувањето на еден литературен јазик со нови зборови (неологизми) е како садење свежи семиња во една безвременска градина, со што се одржува плодната почва за креативност и изразување. Новите зборови им овозможуваат на авторите да ги доловат нијансите на мислите или искуствата, нешто што постариот вокабулар не може да го пренесе во целост. Литературата го отсликува општеството, но со текот на времето општеството се менува, со што и јазикот се менува за да ги раскаже новите наративи, а овој јазик е жив и релевантен. Не смееме да забораваме дека зголемувањето на фондот на зборови спречува еден литературниот јазик да заостане или да биде недостапен за новите генерации. Оттука не треба да се зачудуваме зошто авторите си играат со јазикот преку измислување нови зборови или преку „извиткување“ на граматиката.
Понекогаш новите зборови се измислуваат за да се „улови“ неизговореното, односно јазичните празнини. Бидејќи постојниот вокабулар може да биде несоодветен, авторите се принудени да измислат нови зборови за да опишат искуства или концепти што сѐ уште не се именувани. Новите зборови исто така може да се користат и за поттикнување на читателската публика или за интелектуална провокација. Затоа некои автори или писатели преку новите зборови се обидуваат да ги натераат читателите да застанат и да размислат, како што Џејмс Џојс и Вирџинија Вулф го правеа тоа преку своето творештво и ги поместија границите на тоа како англискиот јазик ја одразува мислата. Пример за неологизмите во македонскиот литературен јазик е Гане Тодоровски, еден од највлијателните македонски поети и интелектуалци на 20 век, кој создаде неологизми и го збогати македонскиот поетски израз. Неговите нови зборови најчесто се создадени со префиксот не, како што се зборовите непребол, неизгор или непрегор, со што им се даде парадоксална или длабоко емотивна конотација.
Сега ќе поставиме едно филозофско и провокативно прашање, на кое ќе се обидеме да го дадеме одговорот. Зошто зборот треба да содејствува со суштината? Еден збор може да се разбере како симбол што е мост меѓу мислата и светот, а кога еден збор содејствува со суштината, тој го открива, го воспоставува и го втемелува значењето. Тоа е потребно затоа што треба да имаме јасност и вистинитост за нештата, односно кога зборот точно ја опишува суштината, тогаш тој е јасен и има смисла. Од друга страна, доколку еден збор не содејствува со суштината, тогаш тој е шуплив и суштината е недопрена. Оттука новите зборови ја доловуваат суштината и зборовите имаат смисла.
Сега да се насочиме кон прашањето на денот! Пред неколку години, покојната универзитетска професорка и историчарка Наде Проева при гостувањето на една од македонските телевизии го употреби зборот бугарисува, збор што не е стандардно присутен во македонскиот речник, но звучи како глаголска форма што е изведена од зборовите Бугарин или Бугарија. Очигледно е дека станува збор за неологизам, но што изразува и која суштина ја доловува?
Зборот бугарисува наликува на зборот бугаризира, но нивната суштина е различна. Во македонскиот литературен јазик зборот бугаризира е глагол што значи да се бугаризира, односно да се направи нешто или некој бугарски по идентитет, култура, јазик или национална припадност. Доколку внимателно ги проследиме нештата, можеме да заклучиме дека зборот бугарисува може да означува однесување како Бугарин или бугарско однесување. Оттука зборот бугарисува како глагол можеме да го употребуваме за изразување дејство или процес, а бидејќи станува збор за глагол, тогаш бугарисува може да биде од совршен и од несовршен вид, односно да означува завршено, незавршено или повторувачко дејство, во смисла бугарисува или бугариса, а може да има сегашно или минато несвршено време, односно дејство што се случува сега или дејство што траело во минатото.
Бидејќи зборот треба да ја одразува суштината, зборот бугаризира можеме да го користиме за одредени бугарски постапки, како што се подметнувања, фалсификувања или одредени бришења или менувања на содржини, дејствија што не се поврзани со менување на национална свест или асимилирање. Совршен пример за оваа бугарисување е неодамнешната статијата на извесен Иван Николов објавена од бугарскиот медиум БГНЕС. Споменатиот Николов, меѓу другото, пишува за „подмолно разјадувано од комплексност, која мора да се лекува со измислени докази и благородни лаги“, како и дека повод за текстот му била една обемна публикација во „Нова Македонија“ од 5 август 2025 година, од авторот Блаже Миневски, познат писател и публицист во Скопје. Но неколку часа по објавувањето на статијата, дојде до промена на содржината и наместо „Нова Македонија“, можевме да прочитаме дека текстот на Миневски е објавен во „Денешен“. Каков апсурд, авторот пишува за измислени докази и благородни лаги, а притоа самиот, намерно или не, ја видоизменува вистината.
Само замислете, живееме во интернет-ера (ера во која комуникацијата е моментална и безгранична, знаењето повеќе не е ограничено и податоците се собираат и анализираат), а некој се обидува да ја промени реалноста. Доколку денес ја немавме можноста за брзо и лесно проверување на вистинитоста на информациите, тогаш за век и веков трајно ќе беше врежано дека „Нова Македонија“ објавила одредена содржина иако тоа не кореспондира со реалноста. Во минатото весниците и книгите беа главен извор за информации, а во недостиг од можност за проверување на нивната точност, денес многу содржини ни се претставуваат како вистинити.
Тука сосема логично се наметнува прашањето – дали можеме да им веруваме на содржините што ни ги пласираат бугарските историчари или академици, притоа повикувајќи се на одредени весници или книги од минатото? Одговорот е не.
Во минатото и денес, бугарските интелектуалци и општественици (секако со исклучок на неколкумина) ги бугарисуваа и ги бугарисуваат сите содржини што се поврзани со македонскиот идентитет, јазик, историја итн., притоа се пласираа, се пласираат и ќе се пласираат одредени информации само за да се релативизираат нештата. Тоа било начин на работа и е начин на работа, а во скоро време таа пракса нема да се промени. Бидејќи имаме јазична празнина за овие постапки, во иднина сите подметнувања, клеветења или лажни информации што пристигнуваат од нашиот источен сосед треба да ги именуваме како бугарисување, бидејќи овој збор ја одразува вистинската суштина на овие дејствија, демек само Бугарите ја говорат вистината и пласираат вистинити информации, а сите други имаат ограничени умствени способности и се заостанати.