(Не)чиста солза

Изгледа дека навистина ме вознемирила најавата на поранешниот вицепремиер Артан Груби за повлекување од политиката, особено бидејќи кажа дека тој „пред Бог, семејството и пријателите е чист како солза“, па уште и нагласи дека не сака да биде ничиј политички товар, откако се најде на американската црна листа поради сомнение за значителна вмешаност во корупција. Неговата одлука навистина звучи доблесно. Ете, и мене ми се врежала таа солза во потсвеста, па не ми дава мирен сон. Вознемирувачки е како човек што е чист како солза може постојано да биде вмешуван во толку многу скандали

Се будам среде ноќ, растревожен и потиштен. Наеднаш во паника, се сеќавам дека сум сонил некаква солза чија чистота се губи во црнило. Изгледа дека навистина ме вознемирила најавата на поранешниот вицепремиер Артан Груби за повлекување од политиката, особено бидејќи кажа дека тој „пред Бог, семејството и пријателите е чист како солза“, па уште и нагласи дека не сака да биде ничиј политички товар, откако се најде на американската „црна листа“ поради сомнение за значителна вмешаност во корупција. Неговата одлука навистина звучи доблесно. Ете, и мене ми се врежала таа солза во потсвеста, па не ми дава мирен сон.
Вознемирувачки е како човек што е чист како солза може постојано да биде вмешуван во толку многу скандали. Да се спомнува при обвинувања за упад во видеонадзорот во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, сомнителни бизниси со игри на среќа, подигање дивоградби и влијание при изборот на подизведувачи за инфраструктурни проекти, за примање мито со цел за поткопување судски процеси, непотизам при вработувања во јавни институции, дури и за нелојалност кон државата што ја претставува како јавен функционер по организирање прием во државна институција за фудбалски репрезентативец на соседна земја што го оквалификува како „наш“… Нема крај на листата на тврдења што ја нарушуваат споменатата чистота. Пред да го сторат тоа Американците, слични тврдења изнесуваа и од македонскиот и од албанскиот политички блок, како и од медиумите.
Изразот „чист како солза“ се користи и во кошаркарската терминологија за погодок што ќе влезе во кошот без да го допре обрачот.

Познато е дека Груби е љубител на спортот, што своевремено го покажа и преку играње фудбал и кошарка во неговиот владин кабинет. Но ми изгледа дека тој би викнал „чист како солза“ и по направен „бунар“ по негов шут кон кошот поставен во кабинетот. Се мислам дека можеби и не му е баш јасно што значи „чист како солза“.
Но, не е единствен политичар што несоодветно го употребил овој израз. Балканските функционери постојано се расфрлаат со фразата кога се соочени со обвинувања. И поранешниот косовски премиер и претседател Хашим Тачи изјави дека ќе излезе чист како солза по испрашувањето во Хаг, па веќе со години е зад решетки поради обвинувањата за воени и злосторства против човештвото.
Навистина треба да се запрашаме кој би можел со чиста совест да каже за себеси дека е чист како солза. Јас, признавам, не би се осмелил да го кажам тоа пред огледало, а камоли на прес-конференција, во екот на голем скандал поврзан со корупција и со името ставено на црна листа. На солзата на Груби нема кој да ѝ верува.

Извесно е дека одлуката на поранешниот министер и вицепремиер за повлекување од политиката нема да ѝ помогне на ДУИ, иако е јасно дека токму тоа е намерата на неговата изјава, да се прикаже како „заштитник на партијата“, во обид да ја огради од себе, поточно од обвинувањата со кои (тој) се соочува. ДУИ веќе има доволно проблеми по изборниот пораз и загубениот кредибилитет меѓу гласачите. Сите сегашни постапки на опозициската партија, како кампувањето пред Уставниот суд, негирањето на обвинувањата за корупција и скандалите, заканите за протести и радикализација, се обиди за спас и за задржување некаква политичка релевантност, во ситуација кога станува очигледно дека веќе не е сериозен фактор на македонската политичка сцена, заедно со човекот „чист како солза“

Светот не им верува на солзите. Не веруваат Американците, што е јасно откако амбасадорката Анџела Агелер категорично кажа дека доказите против опфатените на црната листа се достапни и оти очекува македонските институции да преземат мерки. А не верува ниту македонската јавност, односно обвинителството, кое веќе оформи предмет за Груби и ќе ги испитува обвинувањата против него.
Извесно е дека одлуката на поранешниот министер и вицепремиер за повлекување од политиката нема да ѝ помогне на ДУИ, иако е јасно дека токму тоа е намерата на неговата изјава, да се прикаже како „заштитник на партијата“, во обид да ја огради од себе, поточно од обвинувањата со кои (тој) се соочува. ДУИ веќе има доволно проблеми по изборниот пораз и загубениот кредибилитет меѓу гласачите. Сите сегашни постапки на опозициската партија, како кампувањето пред Уставниот суд, негирањето на обвинувањата за корупција и скандалите, заканите за протести и радикализација, се обиди за спас и за задржување некаква политичка релевантност, во ситуација кога станува очигледно дека веќе не е сериозен фактор на македонската политичка сцена, заедно со човекот „чист како солза“.