„Не“ за европски арбитри со бугарски секири

Апсолутно е недозволиво и неприфатливо македонски внатрешни прашања да стануваат предмет на меѓународна арбитража, да се разгледуваат во некакво посебно тело за арбитража на Европската Унија. Германија ја истакна својата иницијатива преку некаков механизам за арбитража во посебно тело на ЕУ да се решаваат споровите за кои постојат индиции дека се билатерални и оти не се во согласност со Копенхашките критериуми. Демек да се оценело дали условите во спорот излегуваат од Копенхашките критериуми. Спорот меѓу Македонија и Бугарија всушност е спор што си го има Бугарија самата со себе во врска со постоењето засебен македонски народ со автентична македонска историја, кој не е во ниеден елемент бугарски, со постоењето засебен македонски јазик и засебен македонски идентитет, кои немаат никакви „бугарски корени“. Оттука, Софија самата со себе нека си го решава тој свој спор, таа своја „македонска мака“, нема што Македонија да бара европска арбитража во овој поглед.
Никој нема право да отстапи ниту за еден милиметар од кристално јасните ставови содржани во Резолуцијата за македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена во Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година, кои во најдиректна смисла исклучуваат и помисла, а камоли прифаќање арбитражно тело на Европската Унија за решавање прашања и „добрососедски спорови“, што би подразбирало нови идентитетски отстапки од Македонија и македонскиот народ. Впрочем, за потсетување, Македонија уште при дисолуцијата на СФРЈ ја мина арбитражата на Унијата во која само Словенија и ние ги задоволивме критериумите на ЕУ. Се сеќавате? И сега повторно Брисел ќе си игра арбитража со нас?! Не, благодарам!
А за да нема никој никакви дилеми како треба да постапува кога ќе се соочи со германски и други иницијативи за европски арбитрирања околу македонскиот идентитетско-јазичен и историски комплекс на прашања, ќе потсетам уште еднаш и на таа погоре спомената исклучително важна македонска државна резолуција: (1) Преговорите да се водат врз рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната, или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ; (2) Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет; (3) Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според кои: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор,… (4).

Евроинтеграцијата на Република Македонија треба да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите; (5) Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) за правото на самоопределување и за човековите права и слободи; (6) Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност; (7) Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи, задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција“.
Значи, што ќе ни се потребни нам „европски арбитри“ да ни „помагаат“ во спорот со Бугарите, кога овие ќе кажат во замисленото „арбитражно тело“ на ЕУ по милионити пат дека „не постоиме“? Нема никаква потреба да прифаќаме Брисел политички да „суди“ за македонскиот идентитет и јазик, а овие прашања треба да му се предочат и да му се разјаснат со прецизната и кристално јасна македонска државна парламентарна резолуција за континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности, за етничката и духовна посебност на македонскиот народ, за неговата автохтоност и историскиот, јазичен, културен и религиски континуитет.
Идентитетот, јазикот, културата и историјата на еден народ, во случајов на македонскиот народ, не може да се „распостилаат“ како крпи на нечија „европска маса“, па да се расправа за нив и да се донесува „решение“.

Значи, зошто да се арбитрира за прашање што воопшто не е за арбитрирање? Зошто да се прифаќа чија било иницијатива и помош заради одредување „реално решение во спорот Бугарија-Македонија“, кое би било во спротивност со сите меѓународни норми, принципи и конвенции за неприкосновеноста на идентитетот на македонскиот народ? Со почит кон Германија и за нејзината, да веруваме, добра волја, но сепак, благодариме – не. Можното европско арбитражно тело би донело исклучиво политичко решение, а не решение, што ќе се засновува врз меѓународното право. Што значи, со највисок степен на сигурност би можело да се претпостави дека таквото „европски изарбитрирано решение“ не би било ниту објективно ниту правично за Македонија. Тоа би претставувало само одмагање, а не помагање за Македонија. Чуму Македонија да прифаќа да биде доведена во ситуација да ги „потроши“ механизмите на меѓународното право, кои, искористени на вистински начин, суштински би ја подобриле нејзината позиција во однос на Бугарија и Брисел, наместо да биде присилена за нови идентитетски отстапки?
За својот идентитет, јазик, култура и историја одлучува самиот македонски народ и никој друг надвор од Македонија. Македонците веќе имаат катастрофални искуства и последици кога на Лондонската конференција на 30 мај 1913 година со тогашната „европска арбитража“ се распарчи и се разграби дотогашната интегрална македонска етнојазична територија, а живото тело на македонскиот народ се распарчи на повеќе делови и тој стана асимилирано и геноцидно истребувано национално малцинство на сопствените прадедовски етнички простори, денес во соседните држави. Македонците се соочија со „праведната европска арбитража“ и околу името Македонија со злогласната Лисабонска декларација на Европскиот совет на ЕЗ од 27 јуни 1992 година, со која беше изразена подготвеност за признавање на „ПЈРМ“ во рамките на нејзините постојни граници, но под име што не го содржи поимот Македонија.

„Европската арбитража“ проработе и во случајот со Резолуцијата на Европскиот парламент од 9 јули 2025 година, кога од предложениот извештај на Томас Вајц беа избришани македонскиот идентитет и јазик, според барањата на Бугарија и Грција.
Несомнено е дека Македонците мора да имаат и искрена, принципиелна и коректна меѓународна поддршка и помош при конечното, трајно и праведно решавање на македонското прашање во Балканот, пред сѐ, придржувајќи се до меѓународното право. Но доста е веќе со интернационализирање и „арбитрирање“ за тоа македонско прашање на начин да ги снема Македонците и Македонија од светската мапа на народи и држави. Македонија не смее да дозволи да ја доживее судбината на Украина и „решавањето“ на нејзината територија и државност, не само на војната, на масата во Енкориџ, во Алјаска. Не смее да се дозволи во некоја „европска Алјаска“ „европски арбитри“ со „бугарски секири“ да го „пресекуваат“ „македонскиот Гордиев јазол“ во полза на Софија и други „заинтересирани страни“, спротивно на македонските државно-национални интереси.

Свето Тоевски