На една стара македонска поговорка деновиве се потсетив деновиве додека ги слушам ветувањата на европските челници, кои пред своето очигледно заминување од функцијата ја крстосуваат Европа давајќи најразлични ветувања на сите страни. Па така, ширејќи лажен оптимизам на големи ѕвона ја распространуваат мантрата дека ЕУ бргу ќе се прошири, многу брзо со Украина и Молдавија, а дека ниту земјите страдалници од Западен Балкан нема многу да чекаат, туку дека и за нив ќе се најде модус да бидат примени што побргу. Се разбира, ако токму овие благоглаголиви функционери бидат реизбрани. Ах, да, поговорката беше „Не умри магаре до зелена трева“…
Просто е неверојатно како некои навидум крупни, глобално важни случувања се совпаѓаат со некои епизоди од нашите животи. Токму така, деновиве додека се актуелни изборите на кои околу 370 милиони луѓе од 27-те земји членки на ЕУ треба да гласаат за избор на 720 нови пратеници во Европскиот парламент, случувањата ме вратија во моите средношколски и студентски денови. Имено, во тоа време многу често се дружевме и се собиравме во станот кај еден другар чиј татко беше најчесто на службен пат, па немаше многу увид во школувањето на својот син. Кога ќе се прибереше дома, соочен со слабите оценки редовно бараше збор од синот дека ќе се поправи и дека сепак ќе го оформи своето образование како што треба. Свесен дека нема ништо од тоа, на секое дадено ветување од неговиот син, тој велеше „не умри магаре до зелена трева“.
На овие зборови, на оваа епизода од младоста се потсетив деновиве додека ги слушам ветувањата на европските челници, кои пред своето очигледно заминување од функцијата ја крстосуваат Европа давајќи најразлични ветувања на сите страни. Па така, ширејќи лажен оптимизам на големи ѕвона ја распространуваат мантрата дека ЕУ бргу ќе се прошири, пред сѐ со Украина и Молдавија, а дека ниту земјите страдалници од Западен Балкан нема многу да се изначекаат, туку дека и за нив ќе се најде модус да бидат примени што побргу. Се разбира, ако токму овие благоглаголиви функционери бидат реизбрани.
И сето тоа би било добро, за нас и сите други што искиснавме во европската чекалница, а автобусот го нема ниту зад седум мориња и седум планини, кога би имало барем малку вистина во тие зборови. Токму затоа, ми се навратија зборовите на таткото на мојот другар – „не умри магаре до зелена трева“.
Причини за ваквата ниска доверба во ветувачките зборови на политичарите од кои како држава не се офајдивме многу во нивниот мандат има повеќе. Доволно е само да се види новата распределба на картите на европската маса. Таму ќе се види дека според повеќето досегашни анкети и проекции, десничарските партии се подготвени да остварат значителни победи, што значи дека времето не им оди на рака на продавачите на лажен оптимизам, односно на досегашните еврофункционери, кои сѐ уште се полни со ветувања.
Фактите велат дека десничарските партии заземаат сѐ позначајно место во поголемиот број европски држави, но и во ЕУ и тој бран само расте, така што станува очигледно дека веќе многу бргу ќе им снема простор за манипулација на овие политичари, кои сѐ уште се обидуваат да ја замајуваат јавноста со своите празни ветувања. Повеќе од јасно е дека работите нема веќе да бидат исти како досега, но исто така не треба да се испушти од вид дека ќе помине многу време додека се комплетираат изборите, додека се конституираат новите европски органи и тела, додека се пополни со нови потстанари новата бирократска кула.
Тоа, пак, од друга страна значи дека ЕУ ќе има полни раце работа за својата комплетна реконструкција и рекомпонирање. И така, да си бидеме начисто: прашањето за проширување на ЕУ со земјите кандидати, меѓу кои сме и ние, веројатно ќе биде оставено на петтиот колосек. Можеби не е слеп колосек, но петти е секако. Од него композициите ќе тргнат за пет децении…
Токму затоа, не би било лошо да престанеме да губиме време слушајќи ги лажните ветувања дека Европа само на нас чека, еве ја тука зад аголот е, и ако
бидеме добри веднаш ќе нѐ прими во своите редови.
Затоа, да си се разбудиме од европскиот сон, барем засега, и да се свртиме кон домашните задачи, кои богами добро се наталожија. Ако сакаме да ги решиме, сега е вистинскиот момент, наместо непотребно да се обидуваме да им се додвориме на нашите наводни европски пријатели. Велам наводни, бидејќи вистински, за жал, никогаш не ги создадовме како што треба, туку постојано водевме некоја погрешна политика, па останавме сами на ветрометинава, која нашите мили и драги соседи вешто ја користат.
Затоа, сега е моментот да се свртиме кон дома и да се обидеме да ги расчистиме работите. Почнувајќи од правосудството, за да може и другите ресори, кои ќе дојдат веднаш потоа на ред за чистка, да имаат малку страв, а не да се надеваат дека секогаш ќе најдат начин да дојдат до некој „свој“ обвинител, судија, директор на затвор, што и да е. Потоа може да се продолжи со здравството, за да се стави некој ред за да не му биде страв на човек да отиде на обична преврска на колено, за да не му се случи да заврши во постела со тешка инфекција или не дај боже опериран бубрег. Кога ќе се среди ова, ако се среди, може да дојде на ред образованието…
Но да не набројувам јас многу. Да им оставам нешто и на луѓето што добија мандат за тоа. И да им порачам дека очите на јавноста се вперени во нив. Очекувањата не се мали, напротив. Затоа, засукајте ракавите и почнете. Вие си знаете најдобро од каде, тоа и го искажавте во изминатиов изборен период.
А за ветувањата на овие Европејците, не грижете се. Се навикнавме ние да слушаме такви ветувања и многу добро да ја сфаќаме нивната тежина. Како и таткото на мојот другар.