Не сум евроскептик, жими ЕУ

  • Не се преиспитувам бидејќи станав попустлив кон Унијата, туку зашто се прашувам дали можеби претерувам со критики, дали со ваквото пишување клоцам некого додека лежи на земја, дали ставовите што ги изнесувам се премногу евроскептични. Не сакам да си закачам таква етикета, а ако самиот сум си здосадил себеси со верглање
    на истото, тогаш што ли ќе кажат читателите

Честопати кога имам намера да искоментирам актуелни случувања во Европската Унија, со идеја да упатам, според мене, оправдани критики кон одредени политики и потези за водството на европскиот блок, барем за миг помислувам дека можеби треба да се зафатам со друга тема. Да пишувам за Трамп, тој секогаш е актуелен, за подемот на вештачката интелигенција или да се навратам на спортот, каде што ми се почетоците во новинарската кариера… ќе се најде нешто. Навидум сѐ би било полесно.
Не се преиспитувам бидејќи станав попустлив кон Унијата, туку зашто се прашувам дали можеби претерувам со критики, дали со ваквото пишување клоцам некого додека лежи на земја, дали ставовите што ги изнесувам се премногу евроскептични. Не сакам да си закачам таква етикета, а ако самиот сум си здосадил себеси со верглање на истото, тогаш што ли ќе кажат читателите.
Морам да признаам дека почнувам да ги чувствувам последиците и во секојдневниот живот. Една колешка на мои познати луѓе им спомнала дека сака да ме запознае, но набрзо се премислила, откако ги прочитала моите колумни. Земајќи ги предвид содржините што таа ги пласира, не е тешко да се заклучи дека ЕУ застанала меѓу нас, држејќи нѐ на спротивни страни. Оваа случка ја споделив со друга колешка-колумнистка од странство кога зборувавме за реакциите на нашите колумни, на што таа ми кажа: „Сите сме го поминале тоа… барем не те навредуваат или не ти се закануваат“. Слатко се изнасмеавме.
И ете, баш кога сум блиску да свртам нов лист, да им дадам можност на Урсула фон дер Лајен и компанија малку да здивнат од мене, тие повторно ме провоцираат, давајќи ми и повод и оружје и муниција, сервирајќи ми шанса на тацна, местејќи ми пенал за лесно да поентирам. Дури и без да дојдат во државава, што обично се случува во период кога Македонија е во состојба на некаква политичко-парламентарна криза, за да извршат одредено влијание, притисок или за да изнесат заложби за евроинтеграциите, кои всушност се со цел за исполнување туѓи барања со кои сме уценети и блокирани. Тие сега дури не ја ни спомнаа Македонија.

Доволно беше само 27-те лидери на ЕУ да се соберат на самит во дански Копенхаген. Знаејќи ги нив, можеби требаше да се затворам во четири ѕида и целосно да се оттргнам од интернет и од медиуми, од секаков контакт со надворешниот свет, па воопшто да не гледам што се случува таму. Впрочем, имав оправдување за таква есенска изолација и во тоа што врнеше цел ден. Но пустиот јас, не издржав, зедов да ги читам европските медиуми што темелно ги покриваат случувањата во Данска. И, што да видам… „Политико“ распалил по Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, пишувајќи дека заедничко на претседателката на Европската комисија и на претседателот на Европскиот совет им е тоа што нивните идеи не се реализираат, истакнувајќи ги и нивните обиди за самопромоција на самитот. Безбедносниот концепт на „европски ѕид од дронови“ предложен од Фон дер Лајен брзо бил отфрлен од најголемите земји во ЕУ, а не поминала ниту иницијативата за напуштање на одлучувањето со едногласност за прием на нови членки во ЕУ, со што Кошта се обидел да ја турне, пред сѐ, Украина кон Унијата, иако ваквата промена би им одговарала и на другите земји кандидатки, меѓу кои е Македонија.
„Политико“ посочува и дека самитот брзо се нашол во ќор-сокак и со празни муабети меѓу лидерите попусто го пречекорил предвиденото времетраење, без да се најдат одговори за клучни прашања.

Токму ваквите информации за непродуктивноста, отсуството на лидерство и двојните стандарди на официјален Брисел, во комбинација со долгото време на Македонија поминато во чекалница пред влезот на ЕУ заедно со неисполнетите бриселски ветувања, придонесуваат за раст на евроскептицизмот во земјава. Вкупно 54 отсто од граѓанитe во Македонија имаат доверба во Европската Унија според последното испитување на јавното мислење, што е намалување од два отсто во однос на ланската состојба.
Но, сакам формално да нагласам, црно на бело, дека не сум евроскептик. Жими ЕУ. Ги разбирам очекуваните придобивки за народот и државата што може да ги донесе членството во ЕУ (пристап до заеднички пазар, до фондовите на ЕУ, повеќе инвестиции, воведување построги стандарди за заштита на животната средина…), но скептичен сум во врска со начинот на кој би се остварило тоа и по која цена во однос на македонските национални интереси, исто како што имам сомнежи и кон дејствувањето на политичките елити од Брисел. И ќе продолжам да ги изнесувам моите ставови за ЕУ, сѐ додека Унијата не се реформира и не почне самата принципиелно да се придржува до нејзините критериуми, стандарди и изворни определби, па макар тоа ме чинело уште некое неостварено познанство.