Деновиве е невозможно да се избега од најавата за новите прописи за влез во Европската Унија, чие воведување е предвидено во ноември. „Одиш на одмор месецов? Е па, барем ќе ги избегнеш новите прописи“, „Што патувавме, патувавме, толку беше“, „Не ми е мене до седумте евра, ќе дадам и вкупно 28 евра за четворица колку што сме дома, ама не сакам да ме малтретираат“, сите овие коментари ги слушнав на улица, во маркет, дури и на роденденска забава во кафуле. На секој чекор е забележлива загриженост дека патувањето во земјите од шенген-зоната ќе биде значително отежнато. Сето тоа се должи на претстојното воведување на системот за влез/излез во ЕУ (ЕЕС), односно на придружниот Европски систем за информации и овластување за патување (EТИАС), што всушност ќе значи повлекување или во извесна мера редуцирање на одлуката за визна либерализација
Вообичаено избегнувам да разговарам за теми поврзани со политика во слободното време, па речиси веднаш ги прекинувам сите такви обиди за муабет, што од познати, што од помалку познати во опкружувањето, кои најчесто почнуваат со „еј, ти следиш, сигурно знаеш…“, на кои потоа се надоврзува некоја политичка тема што моментно е најактуелна. Но деновиве е невозможно да се избега од најавата за новите прописи за влез во Европската Унија, чие воведување е предвидено во ноември.
„Одиш на одмор месецов? Е па, барем ќе ги избегнеш новите прописи“, „Што патувавме, патувавме, толку беше“, „Не ми е мене до седумте евра, ќе дадам и вкупно 28 евра за четворица колку што сме дома, ама не сакам да ме малтретираат“, сите овие коментари ги слушнав на улица, во маркет, дури и на роденденска забава во кафуле. На секој чекор е забележлива загриженост дека патувањето во земјите од шенген-зоната ќе биде значително отежнато.
Сето тоа се должи на претстојното воведување на системот за влез/излез во ЕУ (ЕЕС), односно на придружниот Европски систем за информации и овластување за патување (EТИАС), што всушност ќе значи повлекување или во извесна мера редуцирање на одлуката за визна либерализација. А токму таа визна либерализација беше една од најголемите (и ретки) придобивки од напредокот на Македонија (и на другите земји кандидати од Западен Балкан за влез во ЕУ) во процесот на евроинтеграциите, која можеби најконкретно ја почувствуваа граѓаните.
Пополнување формулар, плаќање такса од седум евра, внесување еден куп лични податоци, па дури и можност за повик на интервју во амбасадата на земјата во која сакате да патувате се само дел од потребните нови услови. Згора, самото добивање на сертификатот за влез во ЕУ не значи автоматски и одобрен влез, бидејќи патниците дополнително ќе бидат проверени на граница, според досегашните најави. Како нам во Македонија да не ни беше доволна мачната ситуација со отежнатото издавање лични документи и патни исправи во изминатата година, што неодамна беше решена, па сега уште ни фалат и новите прописи на ЕУ за да нѐ одвратат од патување. Можеби новите прописи на ЕУ претставуваат обид за заштита од т.н. одмазднички патувања со кои туристите надоместуваат за изгубените патни искуства за време на ковид-пандемијата, особено во ситуација кога во дел од најпознатите европски туристички дестинации, во Шпанија, Италија и во Грција, зеде замав движењето против прекумерните посетители од странство. Но тука на Балканот ни изгледаат како бодликава жица со која се зацврстува оградата на ЕУ кон нашиот регион.
Тврдењата од Брисел дека ЕУ е отворена за прием на нови членки изгледаат уште помалку веројатни, во ситуација кога европскиот блок плански се затвора и за оние што сакаат макар туристички да го видат. Ако на ваквата практика се додадат излитените ветувања, дополнети со апсурдни и непринципиелни уцени од соседите што веќе се дел од ЕУ, а кои ги кочат македонските евроинтеграции, како и заморот од 21 година поминати во европската чекалница, станува јасно зошто е тешко да се биде оптимист за евроинтеграциите на Балканот
Тврдењата од Брисел дека ЕУ е отворена за прием на нови членки изгледаат уште помалку веројатни, во ситуација кога европскиот блок плански се затвора и за оние што сакаат макар туристички да го видат. Ако на ваквата практика се додадат излитените ветувања, дополнети со апсурдни и непринципиелни уцени од соседите што веќе се дел од ЕУ, а кои ги кочат македонските евроинтеграции, како и заморот од 21 година помината во европската чекалница, станува јасно зошто е тешко да се биде оптимист за евроинтеграциите на Балканот. А кредибилитетот на Унијата, на тој начин, веројатно е дополнително подриен и кај нејзините најголеми балкански поддржувачи.
Преку патувањата се запознаваат нови култури, се стекнуваат пријателства, искуства и спомени. Балканските народи не би требало да бидат лишени од овие нешта поради прописите и европската бирократија.