Не гледај во тенџерето на свекрвата, оти голема беља ќе биде

Работата не е за смеење, оти така функционира светот – никој не сака, особено не свекрвата особено не и снаата, да му се гледа во тенџерето, што готви е негова работа. Но големите земји им се мешаат на малите, а најнов пример е Германија, каде што Маск им испрати јасна порака на Германците за кого треба да гласаат. Турбулентна е и Грузија, каде што не се знае кој сѐ не ѝ гледа во тенџерето

Има природно воспоставени правила, доколку не се почитуваат се крева температурата на високо. Едно од тие правила: на снаата навреме ѝ се кажува да не го крева капакот од тенџерето на свекрвата, демек да видела што таа му готви на синот (не на мажот, разбирате, нели). Правилото важи и за обратен случај, не дај боже, пак, свекрвата да го фати тенџерето на снаата, не дај боже. Можеби звучи малку смешно, ама не е, воопшто не е. Тоа се правила, на некој начин обележана територија во која женскиот архетип не дозволува некој отстрана да соли памет, а не и да дотура сол во манџата. Ова не се стереотипи, ова се наследени правила, кои мора да важат и да се почитуваат.
Така функционира светот. Така функционирал вчера, завчера, од дамнина. И ќе функционира. Ја испративме 2024 година со надеж дека 2025-та ќе ни биде подобра, ќе бидеме посреќни, побогати, можеби ќе имаме и принова во семејството, во стадото, млади јагниња, теленца… А ќе бидеме ли ние самите подобри? Тоа секогаш е добро прашање, самоанализата може да ни даде важни одговори, па и да нѐ мотивира. Па така, и светот – ќе биде ли светот подобар од денес? Многу тешко, но и исто така не сме некои оптимисти и за скората иднина. Но вреди да се бориме за подобар свет, секој на свој начин, секој како што знае и умее. Ете, макар го оставил и пушењето. Па, тоа е голем придонес и за себе и за околината.
Сега и за политичките манџи, тенџериња и давање странски рецепти за тоа како се прави или се растура држава.
Не толку одамна, една парламентарна делегација од Обединетото Кралство со специјален лет замина за САД за да ѝ даде поддршка на кандидатката на демократите, Камала Харис. Таа претрпе сериозен пораз, но нели беше тоа мешање во изборите, и тоа во една Америка? Па, секако дека беше. И Американците им се мешаа за брегзит.
Сега е најактуелно мешањето на Илон Маск (не можам да верувам дека влезе во високата политика, но ете има човекот и политичка мисија), кој објави земјотрес колумна во еден германски неделник, отворено застанувајќи на страната на АфД, партија оквалификувана како екстремна, па дури и неонацистичка. Уредничката на весникот не се согласила на страниците за кои таа е одговорна да се објави колумната на Маск и поднела оставка, што е можеби достоинствен чин на одбрана на новинарските принципи, но и на уредувачката политика. Еден уредник, на пример, може вака да размислува: па не можам јас да дозволам на моите страници да се објавува сѐ и сешто, па и политичко ѓубре.

Ние новинарите уредници сме соочени со такви дилеми или надворешни напади на нашиот интегритет. Понекогаш и парите не се семоќни. Овде браната попуштила и низ „Велт ам зонтаг“, каде што има и други уредници, главен уредник и директор што ги застапува интересите на издавачот, протекоа мислите на Маск дека само „Алтернатива за Германија може да ја спаси земјата“. И една ЦДУ е фрлена во контејнер. На здравје изборите во Германија на 23 февруари, предвремени, неизвесни, а Американците веќе им го отворија тенџерето. Може да биде и подраматично, оти во Германија температурата се покачува како што растат економските проблеми. А историјата, пак, вели дека ниту Националсоцијалистичката партија на Хитлер не победила на првите избори.
На Европа малку и беше руско-украинскиот конфликт, а сега уште и состојбата во Германија и Франција не е за фалење. Но, тоа е тоа, мора да се соочиме со предизвиците, ќе кажат политичарите. Еден од тие сериозни предизвици е состојбата во Грузија, каде што еден куп смели изјави ме подзамислија – новоизбраниот претседател бил контроверзен избор, односно изборниот процес не бил фер, имало местење на резултатите. Слично беше и во Молдавија, но не се знае кој ги наместил резултатите, дали Русите или некои прозападни сили. Се сетив на едни избори во кои Џорџ Буш Помладиот за влакно го победи Ал Гор со гласовите на Флорида, кога се чекаа тие гласови да стигнат по пошта и Буш победи. Тесно, па имаше обвинувања дека е наместено, па се пребројуваа гласовите и конечно судот пресече – Буш е легитимен претседател. Не ги заборавивме ниту меѓусебните обвинувања за местење на последниве американски избори. Хаос! Ми се чини дека сѐ помалку го разбирам светот, како и смислата на изборите, кога се местат како фудбалски натпревари. Но Грузија е сега контроверзијата, претседателот е сомничав тип, бил проруски настроен. Претседателката, поразена на избори, се жали на речиси совршен англиски, родена е во Франција, што значи има западно педигре. И не ја дава фотелјата, народот е на улица за да протестира, а не за да слави демократија.
И вака можеме да броиме до стои и една и назад, но да нема поента. Не ја гледам ниту во протестите во Србија. Едноставно не можам да најдам поента. Големите секогаш им се мешале на малите. Ни се мешале и нам, Македонците, и ќе ни се мешаат. Научени сме. Ние (малите) сме ставени во позиција на Каин и Абел да му принесеме нешто на Господ, па ако нему не му се бендиса тоа ќе ни го каже, ама ние бидејќи не сме му дораснати на Бог ќе тргнеме против себе, наместо да го бараме Бог во себе. Значи, лош избор.

Ни се мешаат во внатрешните работи и нам, Македонците. Малите земји се ставени во позиција на Каин и Абел, кои му принесуваат подарок на Господ, за потоа да се случи братоубиство. Но ако навреме сме го пронашле Бог во себе, нема да се случи тоа, што е, пак, еден начин како да се најде решение да се плива и да се исплива во турбулентни времиња

Според една студија на Универзитетот „Карнеги Мелон“ објавена во 2016 година, професорот Дов Левин открил дека од 1946 до 2000 година, САД се вмешале во 81 избор во странски земји. Од нив малку биле тајни, другите оделе што би рекле апла, видливо и пристрасно. Целта е Америка да ги шити своите цели, интереси, вредности, којзнае, можеби и моделот на демократија. Ако воопшто постои некаде некаков модел. Ова е само статистичка бројка на мешање во избори, но познат е и американскиот интервенционизам. Се соборувале влади, се уривале режими, се ништеле просперитетни држави, традиционални системи и вредности. Тоа го правеле и други моќни земји, како Франција, Велика Британија, па некогаш и Холандија, Белгија, Шпанија (од Европа злосторство за извоз колку сакаш), СССР, Русија… Политиката отсекогаш била расипана стока, но последниве децении се дотера до ниво на Лас Вегас, каде она што ќе се каже или ќе се направи во градот на гревот останува само во Лас Вегас. Толку е безобразно, расипано и неетички и неморално.
За да не морализираме, оти се обидуваме да најдеме решение, ние сме поставени пред дилемата – како како мала држава (а голема нација, со големо име и историја и наследство) да играме во ваков валкан свет. Имаме ли шанса да опстоиме и да развиваме наш модел на општество според она што сме и сакаме да бидеме? Кога во светот владеат вакви времиња, опасни времиња, турбуленции, секое општество треба да ги начули ушите (своевиден животински инстинкт за опстанок), да се мобилизира и да се обедини. Најдобар одговор за сите неизвесности е цврсто држење за Уставот, законите, за меѓународните конвенции и воведување политичка екологија, која подразбира чистење на сите акти што се извор на неправо, дискриминација и давање вајлд карта за влез и активности на организираниот криминал, корупцијата и мафиите од секаков вид. Тоа се периоди кога не смее да има грешки во кадровските политики, треба да се бараат најдобрите во своите области. Во турбулентни времиња секогаш дипломатијата треба да биде фаворизирана, засилена со најдобрите кадри и финансирана за да може да биде фатена на светските радари како извонредна мрежа на држава што сака да биде сериозна и достојна за почит.
Дали и тогаш ќе ни гледаат во тенџерето? Бидете уверени во тоа, но ние веќе сме го направиле вистинскиот избор и нема да тргнеме еден против друг. Велите утопија? Не, не, ова нема врска со дневната политика.